Финале на Лигата на шампиони: Големиот спектакл
26 мај 2018Нескротливата страст против посебната елеганција, импулсивниот Јирген Клоп против одмерениот Зинедин Зидан. „Египетскиот крал“ Мохамед Салах го предизвикува „ЦР7“ Кристијано Роналдо. И, Тони Крос може да испише германска фудбалска историја! Дуелот на Ливерпул и бранителот на титулата Реал Мадрид ветува голем спекаткл. Светот напрегнато го очекува финалето на Лигата на шампиони вечерва во Киев.
Два од најреномираните тимови во Европа, со славна историја, полни со титули, триумфи, но и трагични моменти, претендираат да го освојат пехарот. Фановите на Ливерпул со години ги поттикнува копнежот по волшебна финална вечер, како онаа во 2005 година во Истанбул, кога против Милан успеа незаборавниот камбек. Кралскиот клуб може трет пат едно по друго и по четврти пат во последните пет години да го освои најважниот трофеј во европскиот куп.
Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, ќе го форсира истиот брз фудбал кој го донесе клубот во финалето. Неговото брилијантно офанзивно трио со генијалниот Мохамед Салах и не помалку надарените Роберто Фирмино и Садио Мане би требало да му го завртат мозокот и на Реал. „Ајде да играме на ниво, какво што ретко кој смета дека е можно“, вели Клоп и најави дека ќе го наполни својот тим со позитивна енергија до последната клетка.
Мадрид верува во својот германски определувач на такт Тони Крос, аурата на својот капитен Серхио Рамос и генијалноста на Кристијано Роналдо. Клучните играчи на Реал би требало да испишат историја. Тоа би бил петти триумф во кралската категорија за Роналдо, а четврти за Крос, што би го направило и најуспешен германски професионалец во Лигата на шампиони во историјата.
Киев му се радува на финалето. Пред почетокот на спектаклот на трева, одредени потези на Украинците сепак беа причина и за незадоволство и негодувања. Хотелите пред финалето ги имаа зголемено цените до невидени височини, делумно и по сто пати повисоки од нормалните цени, а експлодираа и цените на летовите до Киев. Некои фудбалски фанови мораа да ги вратат билетите. Ливерпул, како што се вели од клубот, се жалел до „највисоките функционери“ во УЕФА, чиј шеф Александер Чеферин јавно изрази незадоволство поради ваквите ескцеси. Горчлив вкус кој ќе остане залепен за домаќинот, сеедно колку интересно ќе биде финалето.